ЕУ за тебе - кампања за развој на човечките ресурси

4 декември 2017, Скопје  „Нема подобро место каде што би можело да се зборува за развојот на човечките ресурси во Македонија од овие простории на универзитетите. Во нив се создава потенцијалот и иднината на Македонија. А, за мене лично, студентите оттука, од Економскиот факултет, беа најсилниот извор на енергија дека Македонија може да успее; дека во Македонија можеме да изградиме едно општество за сите - независно од етничката припадност; и дека Македонија ќе биде дел од ЕУ,“ истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на јавниот настан „ЕУ за тебе - кампања за развој на човечките ресурси“ што се одржа денес на Економскиот факултет во Скопје. 

ЕУ, со 35,7 милиони евра преку ИПА инструментот, ја поддржа Програмата за човечки ресурси (2007 – 2013 година) во рамки на која беа спроведени 96 проекти во вкупна вредност од 41,7 милиони евра. Овие проекти поддржаа околу 13 илјади лица преку активни мерки за вработување, подобрување на знаењата и вештините и интегрирање на ранливите групи во општеството. 

Тевдовски потенцира дека во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидува скоро една милијарда денари за активни мерки за вработување.