Регионален семинар „Зајакнување на регионалната соработка во Југоисточна Европа во борбата против финансискиот криминал“

29 ноември 2017, Скопје - Владата на РМ на својата последна седница усвои национална стратегија за борба против перење пари и финансирање тероризам, истакна министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски на регионалниот семинар на тема „Зајакнување на регионалната соработка во Југоисточна Европа во борбата против финансискиот криминал, со фокус на перењето пари и финансирањето тероризам“ во организација на ОБСЕ.

- Врз основа на оваа стратегија, субјектите задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам, надзорните органи, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција  како и другите органи надлежни за гонење на сторителите на кривични дела перење пари и финансирање тероризам, се очекува да дадат одговор со кој системот за спречување перење пари и финансирање тероризам ефикасно ќе го штити интегритетот на финансискиот сектор и на економијата од заканите на перење пари и финансирање тероризам и ќе придонесува за зацврстување на националната сигурност и безбедност, рече Тевдовски.

На семинарот присуствуваа и амбасадорот на Италија, Карло Ромео, амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, како и претставници од држави од Југоисточна Европа.