Јакнење на квалитетот на даночните услуги во соработка со ЕУ

28 ноември 2017, Скопје - Ефикасен даночен систем е основа за развој на општеството, бидејќи преку него се собираат средствата за сите јавни потреби.

Потребно е и континуирано подобрување на услугите што ги нуди Управата за јавни приходи, бидејќи таа е клучна во процесот, беше истакнато денеска на настанот организиран по повод поддршката што ја дава Европската Унија преку проекти за подобрување и модернизирање на УЈП.

На настанот на кој присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар и директорката на УЈП Сања Лукаревска, беше посочено дека за три години преку седум проекти финансирани од ЕУ, со вкупна вредност од 1,5 милиони евра било овозможено јакнење на квалитетот на даночните услуги преку воспоставување методи и алатки за ефективно информирање и комуникација. Како што најави евроамбасадорот Жбогар, преку средствата од ИПА ќе бидат ставени на располагање уште 6,2 милиона евра за оваа намена.

- Управата за јавни приходи е важна алка во општеството бидејќи со  средствата што се собираат преку даноците се финансираат здравството, образованието, изградбата на инфраструктура, односно сите јавни добра. Тие средства се од граѓаните - за граѓаните. Затоа е битно да се обезбеди висок квалитет на услугите и да се поедностават даночните постапки, што ќе придонесе кон праведно и ефикасно собирање на даноците и на другите јавни давачки - истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Како што истакна министерот, во Програмата за реформи за управување со јавните финансии 2018 - 2021 важно место е дадено на продолжување на процесите за модернизација на Управата за јавни приходи и реформи на даночниот систем. Стратешките цели се насочени кон институционално зајакнување, техничко-технолошка модернизација на процесите и  воспоставување интерконекција со националните институции, а потоа и со институциите на ЕУ.