Извршниот одбор на ММФ ги заврши редовните годишни консултации со Македонија

22 ноември 2017, Скопје - Во соопштението по повод завршувањето на редовните годишни консултации со Македонија во рамки на т.н. Член 4., Извршниот одбор на ММФ наведува дека формирањето на новата влада претставува значајна пресвртна точка како и можност за повторна изградба на т.н. простор на макроекономските политики и за заживување на реформите. Фондот го нотира негативниот ефект на пролонгираната политичката криза врз економскиот раст, како и недоволниот напредок на структурните реформи.

Според ММФ, економскиот раст во 2017 година е проектиран на 1,9%, додека очекуваната стапка на инфлација изнесува 1,2%. Проектираниот буџетски дефицит за 2017 година изнесува околу 3% од БДП, додека јавниот долг е проектиран на 47,1% од БДП.

Во делот на соопштението кој се однесува на фискалната политика, Извршниот одбор ја истакнува потребата за фискална консолидација, со оглед на брзиот раст на јавниот долг во минатото и високите потреби за финансирање. Одборот ја поздравува намерата на Владата за постепено намалување на буџетскиот дефицит на 2% од БДП на среден рок, притоа препорачувајќи ова да се заснова на одржливи мерки. Извршниот одбор исто така го поддржува планот на Владата за зајакнување на управувањето со јавните финансии и зголемување на фискалната транспарентност.

Во делот на структурните политики, Извршниот одбор препорачува интензивирање на структурните реформи со цел зголемување на вработеноста и продуктивноста. Тој го поздрави планот на Владата за поддршка на вработувањата и социјалната инклузија, што треба да се таргетира внимателно. Со цел зачувување на конкурентноста и фискалната одржливост, Извршниот одбор ја истакна потребата растот на платите да ја следи продуктивноста. Исто така, во услови на стареење на населението, беше нотирано значењето на зголемувањето на стапката на активност, како и на активните мерки на пазарот на труд. Извршниот одбор препорача понатамошни подобрувања на управувањето и јавната администрација, логистиката за трговија и вештините со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции.

Истовремено, ММФ го објави и редовниот Годишен извештај за Македонија, кој е резултат на редовната Мисија на ММФ во Македонија што се одржа меѓу 6 и 19 септември 2017 година.