Граѓаните во банките чуваат 222 милијарди денари, компаниите 80 милијарди

Скопје, 31 октомври 2017 (МИА) - Депозитите во банките во Македонија се сигурни. Банките се ликвидни и стабилни, а граѓаните што ги чуваат парите дома треба да ги внесат како штедни влогови затоа што така ќе остварат одреден интерес за себе, а на банките ќе им овозможат дополнителни средства да ги пласираат онаму каде што се потребни.

Ова беше порачано на денешното одбележување на Светскиот ден на штедењето - 31 октомври, во Здружението на банкарство при Стопанска комора на Македонија.

Граѓаните во банките во Македонија чуваат 222 милијарди денари, а компаниите 80 милијарди. Педесет и еден процент од депозитите се во денари. 

Гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов потенцира дека штедењето има раст од шест проценти на годишна основа и оти тоа е солидно имајќи го предвид амбиентот во кој е остварена.

Смета дека македонското население има потенцијал за повисоки стапки на штедење и се надева дека стапките ќе се вратат на она што беа пред кризата.

Го истакна трендот на зголемено штедење во денари и рече дека очекува тоа да продолжи, како и довербата во домашната валута.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, штедењето е најевтиниот извор за финансирање на домашната економија и ги охрабри банките да ги поддржат домашните компании во нивните инвестициски активности.

- Капиталот од странство е поскап, понедостапен и многу често понестабилен. Добро е што со завршување на кризата има раст на депозитите од околу шест проценти и очекувам во наредниот период да се остварат повисоки стапки на депозитите, изјави Тевдовски.

Коста Митровски, претседателот на Здружението на банкарство истакна дека банкарскиот систем остварува високо ниво на стабилност и оти штедењето зазема централно место во работењето на банките.

Според него, традиција на штедење во Македонија постои и банките треба да ја одржуваат со конкретни производи.

Светскиот ден на штедење во Македонија се одбележува од 1999 година, а е воспоставен 1924 година во Милано.