Министерот за финансии Драган Тевдовски ја информира јавноста за сработеното во првите 100 дена

17 септември 2017, Скопје - Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во склоп на низата прес-конференции „Зборот е збор - 100 дена Влада на Р. Македонија“, ја информираше јавноста за сработеното во изминатите 100-тина дена од страна на Министерството за финансии. Во продолжение е неговиот говор.

Почитувани новинари и претставници на медиумите, добар ден.

Кога прифатив да бидам министер за финансии, бев свесен за сериозноста на предизвиците со кои се соочува системот на јавните финансии во Македонија. Македонија беше земја со недоволна буџетска транспарентност, според релевантните меѓународни рангирања на исто ниво како Зимбабве и Руанда. Долги години парите на граѓаните се трошеа непродуктивно: за споменици, фасади, жални врби и луксуз на носителите на власта. Јавниот долг беше тројно зголемен, од 1,6 милијарди евра во 2008 година на 4,7 милијарди евра во 2016 година, што создаде огромни долгови за враќање во годиниве што следат. А, згора на тоа, скриени неплатени обврски беа оставени насекаде во системот.

Мојата цел од првиот ден беше да се направи ред во јавните трошења. Министерството за финансии да стане најкредибилната институција во Македонија. А, реформите во системот на јавните финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики.

Затоа, дозволете ми да соопштам што е сработено од страна на Министерството за финансии. Направивме 10 големи промени во првите 100 дена.

  1. Направен е Ребаланс на Буџетот за 2017 година. Во него се скратени непродуктивните трошоци кои се во рацете на носителите на власта, како што се службени патувања, репрезентации и рекламирања, а на нивно место се ставени мерки за зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија. Тие мерки се зголемување на минималната плата на 12 илјади денари, решение за стечајците, државна поддршка за малите и средните претпријатија, укинување на радиодифузната такса и слично.
  2. Објавен е Граѓански буџет за 2017 година. Во него, на разбирлив начин за широката јавност, се претставени клучните информации од Буџетот на Република Македонија. Граѓанскиот буџет е стандардна пракса во европските земји со цел да се зголеми информираноста на јавноста и да се влијае на посилно вклучување на граѓаните во креирањето на владините програми и политики.
  3. Силно е подигнато нивото на фискална транспарентност.   Министерството за финансии започна да објавува извештаи кои претходно не ѝ беа достапни на јавноста, како на пример, кварталните извештаи за извршувањето на буџетите на сите поединечни буџетски корисници и општини. Подобрен е Полугодишниот извештај за извршување на Буџетот на РМ и тој сега содржи детални податоци по буџетски корисници и фондови. До Собранието на РМ е доставено законско решение со кое се воведува задолжителна обврска на сите буџетски корисници своите финансиски извештаи да ги објавуваат на веб-страниците. Веб-страницата на Министерството за финансии е променета, со цел полесен пристап и користење на податоците, а на прашањата на новинарите се одговара навремено и неселективно. Увидот на јавноста во тоа како институциите ги трошат парите на граѓаните ги намалува можностите за криминал и корупција на носителите на власта.
  4. Објавени се неплатените обврски. За првпат во Македонија, на целосно транспарентен начин, Министерството за финансии ги објави неплатените обврски на буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија и општините, со пресечен датум 31.5.2017 година. Во моментов, Министерството за финансии заедно со Светска банка работи на стратегија за чистење на овие обврски и избор на механизми кои ќе спречат нивно повторно таложење во иднина.
  5. Направена е анализа за распределбата на доходот. За првпат во историјата на Македонија, Министерството за финансии објави анализа за тоа како изгледа распоредот на граѓаните според доходот врз основа на податоци од УЈП. Оваа анализа има за цел да влијае на намалување на јазот во доходот помеѓу граѓаните во земјава, преку точно информирање на јавноста и обезбедување податоци за креирање економски и социјални политики.
  6. Добро се управува со наследениот јавен долг. Министерството за финансии го намали бројот на аукции на државни хартии од вредност од три или четири месечно, на само две месечно. Се обезбедува финансирање на домашниот пазар по многу пониски каматни стапки од тие на кредитите што беа вратени во првите 100 дена. Така, каматните стапки на задолжувањето на домашниот пазар се движат помеѓу 1,5% и 3,8%, додека просечната каматна стапка на вратените кредити изнесува 6%. Притоа, се настојува да се издаваат инструменти со подолга рочност со цел постабилно и попредвидливо финансирање.
  7. Неселективност и забрзување на повратот на ДДВ. За разлика од порано, не постои фирма чиј поврат на ДДВ е фаворизиран во трезорот. Напротив, за сите фирми е забрзан повратот на ДДВ. Така, во периодот јуни – август 2017 година, реализиран е поврат на ДДВ во износ од 6,1 милијарда денари, додека во истиот период од 2016 година реализираниот поврат на ДДВ е понизок и изнесувал 4,2 милијарди денари. Со ова е обезбедена поголема ликвидност кај фирмите, односно се создаваат услови тие побрзо да ги остваруваат тековните активности и инвестициите.
  8. Изработка на решението за зголемување на минималната плата. Заедно со Министерството за труд и социјална политика, учествувавме во изработка на решението за зголемување на минималната плата на 12 илјади денари и обезбедување буџетска поддршка за оваа цел. Во Министерството за финансии беа организирани јавни дебати со синдикатите, со стопанските комори и со организацијата на работодавачи.
  9. Финализирање на Стратегијата за управување со јавните финансии во периодот 2018 – 2021 година. Досега не постоеше политичка волја да се донесе ваква стратегија, иако таа претставува услов за пристапување на Македонија во ЕУ. Стратегијата содржи акционен план за реформи на сите важни елементи на системот на јавните финансии. На пример, во неа се предвидува подобрување на среднорочното буџетско планирање, фискални правила, воведување интегриран информатички систем во јавните финансии, подобрување на услугите на УЈП, измени во системот за јавни набавки и зајакнување на системот за внатрешна и надворешна контрола. Документот е подготвен со поддршка од Делегацијата на ЕУ и експертска помош од СИГМА, а во неговото изготвување со сугестии учествуваа и граѓанските организации и експертската јавност.
  10. Зајакнување на соработката со релевантните меѓународни институции. Министерството за финансии е во постојана комуникација со Делегацијата на ЕУ, Светска банка и ММФ. Затоа, би сакал да изразам голема благодарност до овие институции за постојаната поддршка што ја добивавме од нив во различни форми во изминатите 100 дена. Исто така, вреди да се истакне дека Министерството за финансии потпиша Договор за соработка со Министерството за финансии на Холандија, кој вклучува пренесување знаења и вештини.

На крајот, сакам да им се заблагодарам на сите вработени во Министерството за финансии. Без нивната енергија и посветеност во работата ниту една од десетте промени немаше да биде можна. Исто така, сакам да им се заблагодарам на граѓаните кои секојдневно упатуваат поддршка за реформите. Ние нема да застанеме тука. Македонија заслужува систем на јавни финансии според европските стандарди и практики.