Меѓународна конференција „Владеење на правото - Каде се движиме?”

14 септември 2017, Скопје - Владеењето на правото е клучен предуслов доколку сакаме да имаме добра економија, економски раст и развој, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на меѓународната конференција „Владеење на правото - Каде се движиме?“, во организација на Центарот за економски анализи од Скопје и Центарот за европски студии за политики од Брисел.

Говорејќи за насоките од аспект на подобрувањето на економијата и можностите за инвестиции, Тевдовски посочи дека кога се носат законите, прво треба да се има предвидливост.

- Претходното искуство говори дека многу честото, брзото и непредвидливото носење на законите им создаваше проблеми на учесниците во економијата. Тоа, новата Влада настојува да го промени уште веднаш на почетокот, кога се носат важни измени на закони, рече Тевдовски, посочувајќи го случајот со Законот за минимална плата за што беа организирани дебати и со синдикатите и со работодавачите.

Законите, како што истакна, мора да важат за сите подеднакво, независно од политичката партија, богатството или од врските со некои кругови или поединци. За инвеститорите најважна е стабилноста, односно да знаат дека правилата на игра важат за сите, а ако сакаме да имаме кредибилни инвеститори мора да имаме правила што ќе важат за сите подеднакво, рече тој.

Во контекст на тоа, Тевдовски додаде дека многу е важно домашното законодавство да се прилагоди на европското, доколку сакаме да имаме повеќе инвеститори од земјите од ЕУ.