Тевдовски: Транспарентноста е клучна во управувањето со јавните финансии

14 септември 2017, Скопје - Транспарентноста е клучна доколку сакате успешно да управувате со јавните финансии - истакна министерот за финансии д-р Драган Тевдовски на Семинарот за претставување на ревидираните внатрешни ревизорски стандарди.

На семинарот организиран од ReSPA (Регионална школа за јавна администрација), поддржан од Европската унија, беа претставени новововедените стандарди во внатрешната ревизија.    

Министерот во своето воведно обраќање истакна дека транспарентноста и јавното објавување на податоците воедно ја олеснува и работата на ревизорите, со тоа што имаат брз и лесен пристап до документите. Како што истакна Тевдовски, направени се крупни чекори преку објавување податоци кои претходно Министерството не ги објавувало, како што се обврските кон стопанството, деталните приходи и расходи на единиците на локалната самоуправа, но и преку поедноставување на податоците за јавноста, како што е изработката на Граѓанскиот буџет.

Министерот посочи дека внатрешната финансиска контрола во институциите е еден од приоритетите во новата Стратегија за управување со јавните финансии и дека една од целите е да се зајакне внaтрешната ревизија.