Универзитетските професори вклучени во консултациите за Програмата на економски реформи 2018-2020

30 август 2017, Скопје - За поголема вклученост на академската јавност во подготовката на стратешките документи, како што е Програмата на економски реформи, денес во Министерството за финансии беше организиран консултативен состанок помеѓу министри од Владата на РМ и универзитетски професори.

На состанокот, покрај министерот за финансии Драган Тевдовски, присуствуваа и заменик-претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. На состанокот присуствуваа и универзитетски професори, претставници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на Југоисточна Европа, „Американ колеџ“ и ФОН.

Од двете страни беше изразено задоволство и истакната потребата од вклучување на академската фела во носењето стратешки документи, кои играат значајна улога во евроинтегративните процеси на земјата.

По повод Програмата на економски реформи, Министерството за финансии планира да одржи консултации и со други целни групи кои ќе придонесат во нејзина изработка.

Во 2015 година, Европската комисија ги покани земјите од Западен Балкан, преку подготовка на годишни Програми на економски реформи, да ги подобрат економските политики и економското управување. Програмата на економски реформи за периодот 2018 - 2020 година е четврти ваков документ кој се изработува согласно насоките на Европската комисија. Програмата ја прикажува среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и секторските структурни реформи за промовирање на конкурентноста и растот.