Буџетот за 2018 во подготовка: се очекува поголем економски раст

29 август 2017, Скопје - Буџетот за 2018 година е во подготовка и тој ќе се проектира на повисок економски раст – истакна во интервју за Сител министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Како што најавува министерот Тевдовски, се очекуваат буџетските циркулари на сите буџетски корисници, а потоа ќе се организира серија состаноци на кои ќе се разгледуваат нивните потреби и предлози. Во моментот се работи и на прецизирање на макроекономските проекции.

- Многу е важно што во 2018 година може да се очекува значајно повисок економски раст од годинава, а во поглед на буџетскиот дефицит нашата намера е државата да троши со цел економијата да излезе од онаа ниска економска активност. И следната година ќе се кратат непродуктивните трошоци, за да се даде шанса на оние продуктивни активности што ќе имаат мултипликативен ефект и ќе ја движат економијата – вели Тевдовски.

Во интервјуто се истакнува дека проектираниот раст за годинава е реално остварлив, на што укажуваат и податоците за индустриското производство кои покажуваат раст во мај и јуни, како и повисоките стапки на кредитирањето и штедењето.

Според министерот за финансии, кондицијата на Буџетот се подобрува. Бруто-приходите од ДДВ се зголемени во јули. Буџетот навремено си ги сервисира обврските кон граѓаните и фирмите. Вратени се 3,9 милијарди денари по основ на поврат на ДДВ во јуни и јули годинава, а минатата година во истиот период се вратени 2,2 милијарди денари. Тоа значи дека се поттикнува ликвидноста кај фирмите за тие потоа да ја придвижат економијата, се истакнува во интервјуто.

Целото интервју погледнете го овде.