Граѓански буџет

Граѓански Буџет 2017

Buxheti i Qytetarëve 2017

Citizen Budget 2017

Почитувани граѓани,

   Граѓанскиот буџет не е замена за деталниот Буџет на Република Македонија. Напротив, Министерството за финансии го објавува Граѓанскиот буџет со цел, на неекспертската јавност во Македонија, на разбирлив начин да ѝ ги претстави клучните информации од Буџетот на нашата држава.

   Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен исчекор во спречување на злоупотребите од страна на носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на  информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики.

   Пред Вас е Граѓанскиот буџет за  2017 година. Тој се базира на податоците од Ребалансот на буџетот што беше усвоен од Собранието на Република Македонија во август 2017 година.

   Со него, Министерството за финансии започнува практика на редовно објавување  граѓански буџети заедно со буџетите или нивните измени и дополнувања. Следниот Граѓански буџет очекувајте го со Предлог-буџетот за 2018 година.

   Се надеваме дека ќе ги поттикнеме сите државни институции за своите поединечни буџети да објават разбирливи објаснувања за јавноста.

 

               Министер за финансии

           проф. д-р Драган Тевдовски

 

ШТО ПРЕТСТАВУВА БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

  Буџетот на Република Македонија е документ во кој се планираат приходите и расходите на  државата. Буџетски приходи се средства кои државата ги собира од граѓаните и фирмите во форма на даноци, акцизи, царини и други јавни давачки. Буџетски расходи се сите плаќања од Буџетот за веќе предвидена намена, со цел остварување и задоволување на јавните потреби, како и поддршка на македонската економија и граѓаните.

  Буџетот на Република Македонија е слика на економските и социјалните политики што ги спроведува државата, односно на проектите што треба да обезбедат стабилен економски раст и подобар живот за граѓаните. Преку Буџетот се финансираат платите на образовните и здравствените работници, полицијата и судството, војската, пензиите, социјалната помош, како и изградбата на патишта, болници, училишта и слично.

  За да се платат овие потреби, кои овозможуваат функционирање на општеството, граѓаните и фирмите плаќаат даноци, придонеси, такси и други давачки што влегуваат во Буџетот. Без даноците, придонесите и другите давачки, не може да ги има ни горенаведените услуги.

  Буџетот го финансираат граѓаните и фирмите и тие се негови директни и индиректни корисници. Буџетот е од граѓаните – за граѓаните.

 

  Консолидираниот буџет ги опфаќа консолидираните податоци на Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините.

  Буџетот на Република Македонија ги вклучува основниот буџет, буџетот од самофинансирачки активности, средствата од донации и заеми, како и буџетите на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување.

  • Основниот буџет ги опфаќа главните приходи на државата (даночни и неданочни приходи и капитални приходи) и со нив се финансираат основните надлежности на буџетските корисници.
  • Буџетот од самофинансирачки активности, од донации и заеми ги опфаќа средствата што буџетските корисници ги остваруваат од дополнителни активности утврдени со закон, како и донациите и заемите за финансирање конкретни проекти.
  • Буџетите на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување ги опфаќаат социјалните придонеси и расходите за здравствена заштита, пензии и други надоместоци.

  Буџетот на општините ги вклучува изворните приходи на локално ниво и трошоците за финансирање на локалните и делегираните надлежности (образование, култура, детска заштита).

КАКО СЕ ПОДГОТВУВА БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

  Министерството за финансии на Република Македонија е одговорно за подготвување на Предлог-буџетот на Република Македонија и за негово доставување до Владата на Република Македонија. Министерството исто така ги предлага директивите и целите на буџетската политика, како и главните категории за проценетите приходи и трошоци за наредната буџетска година. Буџетот го усвојува Собранието на Република Македонија.

 

 

  • Основата за подготвување на буџетските документи се стратешки приоритети на Владата.
  • Владата донесува Фискална стратегија со проекции на макроекономски и фискални параметри за наредни три години
  • Буџетските корисници ги доставуваат своите барања за потребни средства до Министерството за финансии
  • Министерството за финансии доставува Предлог-буџет до Владата
  • Владата го доставува до Собранието Предлог-буџетот на разгледување и усвојување
  • Собранието го разгледува Буџетот и поднесува амандмани на собраниски комисии, а го усвојува на пленарна седница

  Донесениот Буџет може да претрпи измени и дополнувања во текот на годината преку т.н. Ребаланс кој го донесува Собранието, а со кој се вршат корекции на утврдените средства и политики во Буџетот.

 ЗОШТО СЕ ВАЖНИ МАКРОЕКОНОМСКИТЕ ДВИЖЕЊА И ПРОЕКЦИИ?

  Макроекономските движења и проекции се едни од клучните индикатори при дизајнирањето на Буџетот. На пример, движењето на бруто-домашниот производ (БДП) е тесно поврзано со движењето на даноците и буџетските приходи. Ако се зголемува БДП, тоа значи дека забрзува економската активност, што понатаму обично се одразува преку поголеми даночни приливи (на пример, поголеми буџетски приходи од ДДВ заради зголемениот промет во економијата или поголеми приходи од данокот на добивка заради поголемата активност на претпријатијата). Или, ако се намалува невработеноста, тоа најчесто значи раст на вработеноста, што повторно се одразува преку поголеми приходи од персоналниот данок во Буџетот. Од друга страна, при раст на невработеноста, обично се зголемуваат социјалните расходи во Буџетот.

*Податоците за 2017 година се проценети

  Остварениот раст на БДП од 2,4% во 2016 година и очекуваниот раст од 2,2% во 2017 година значи дека ќе се зголемува економската активност во државата, иако овие стапки се умерени. Поинаку кажано, потребно е интензивирање на растот на БДП со цел позначително подобрување на животниот стандард на граѓаните. Стапките на инфлација во минатата и оваа година се релативно ниски, што значи дека реалниот доход на граѓаните не се намалува заради растот на цените. Понатаму, дефицитот на тековната сметка претставува разлика меѓу добрата, услугите и доходот што се извезуваат и увезуваат со странство. Во овие две години тој е релативно низок, првенствено затоа што се подобрува соодносот меѓу извозот и увозот на добра и услуги, како и заради стабилните трансфери од странство на нашите печалбари. Стапката на невработеност исто така е еден од клучните индикатори - нејзиниот пад покажува дека помал дел од граѓаните се невработени, односно дека се зголемува бројот на граѓани што остваруваат доход од нивното вработување.

КОЛКАВ Е БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

  Буџетот на Република Македонија за 2017 година предвидува:

  • вкупни приходи во износ од 184,7 милијарди денари
  • вкупни расходи во износ од 203,3 милијарди денари

                                     

   Во услови кога расходите се поголеми од планираните приходи салдото на Буџетот е буџетски дефицит.

  Потребните средства за финансирање на планираното ниво на дефицит се обезбедуваат со задолжување. 

   Буџетскиот дефицит за 2017 година е планиран во износ од 18,6 милијарди денари или 2,9% од бруто-домашниот производ.

  • Буџетското салдо е позитивно во 2000, 2005 и 2007 година. Тоа значи дека во тие години Буџетот остварил суфицит. 
  • Најголем буџетски дефицит е остварен во 2001 и 2002 година.
  • Од 2009 година континуирано се остварува буџетски дефицит поголем од 2% од БДП.
  • Во периодот од 2012 до 2015 година, буџетскиот дефицит е повисок од критериумот за буџетски дефицит од Мастрихт*, кој изнесува 3%.
*Критериумите од Мастрихт се критериуми за влез на земјите-членки на Европската унија во третата етапа од Европската економска и монетарна унија (ЕЕМУ) и да го усвојат еврото како нивна валута.

 

ОД ШТО СЕ ПОЛНИ БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

 

  Приходите во Буџетот се остваруваат од даноци, социјални придонеси и од други извори (неданочни приходи, капитални приходи и донации). Буџетските приходи за 2017 год. се планирани да изнесуваат 184,7 милијарди денари.

  Даночните приходи доминираат во структурата на вкупните приходи, со 57,7%. Во рамките на даночните приходи најголемо е учеството на данокот на додадена вредност (ДДВ).

СТРУКТУРА НА ДАНОЧНИ ПРИХОДИ

             

 

ПЛАНИРАНИ СОЦИЈАЛНИ ПРИДОНЕСИ ЗА 2017 ГОДИНА

 

 

ЗА ШТО СЕ ТРОШАТ СРЕДСТВАТА ОД БУЏЕТОТ?

  Расходите од Буџетот служат за финансирање разни намени, како плати за јавната администрација, за набавка на стоки и услуги неопходни за тековното работење на буџетските корисници, за земјоделски субвенции, пензии, социјална помош, како и за јавни инвестиции за изградба на патишта, железнички пруги, училишта, градинки, болници и друго.

  Вкупните расходи на Буџетот во 2017 година е планирано да изнесуваат 203,3 милијарди денари. Најголем дел од нив се наменети за социјалната заштита, здравството и образованието.

 

РАСХОДИ ПО ФУНКЦИОНАЛНА ОБЛАСТ

(во милијарди денари)

Тековните расходи се состојат од исплата на пензии, плати и придонеси, социјални надоместоци, здравствена заштита, како и субвенции, набавка на стоки, трансфери до општините и слично.

Тековни расходи изразени во милијарди денари

 

 

Капиталните расходи ги претставуваат инвестициите во патишта, железници, болници, училишта, комунална инфраструктура и други капитални вложувања.

Капитални расходи изразени во милијарди денари

 

 

ПРОМЕНИ СО РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ