Нова веб-страница за поголема транспарентност на јавните финансии

6 јули 2017, Скопје - Министерството за финансии направи промена на структурата на својата веб-страница.

Со цел да се подобри транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, на официјалната интернет-страница додаден е посебен оддел „Статистика“, во кој се лесно достапни сите поважни информации како што се: извршувањето на Буџетот, јавниот долг и долгот на државата, макроекономски индикатори и статистички прилог.

Најважна промена е тоа што се започнува со објавување податоци кои досега не биле достапни за јавноста. Прв таков податок е Извештајот за месечните приходи и расходи на различни буџетски корисници. Со него јавноста секој месец ќе има увид во состојбата кај сите поодделни буџетски корисници.

За олеснување на научноистражувачката работа на експертската јавност и новинарите, важно е да се напомене дека сите податоци отсега ќе бидат објавувани во отворен ексел формат, наместо во пдф.