Почна дијалогот за зголемување на минималната плата

Скопје, 23 јуни 2017 (МИА) - Околу проектираната минимална плата од 12.000 денари што беше и предизборно ветување, не треба да постои дилема, за тоа ќе има пари во ребалансот на Буџетот, соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред почетокот на консултативната средба со претставниците на синдикатите на која присуствува и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Како што напомена Тевдовски, идејата е да се скрати од комодитетот на власта, а поддршка за зголемување на минималната плата даваат и работодавачите. Според нив, рече Тевдовски, апсолутно има простор за зголемување на минималната плата но, ако нема политички притисоци и казни. 

- Почнува отворениот дијалог за зголемување на минималната плата што беше ветување во предизборниот период. Според нашиот план, минималната плата ќе изнесува 12.000 денари и ќе важи за сите. Целосно сме отворени и сакаме да ги слушнеме синдикатите, не само за висината, туку и за другите отворени прашања поврзани со минималната плата како што е вреднувањето на учинокот, истакна Тевдовски.

Вакви консултации, најави, во среда ќе се одржат и со стопанските комори и работодавачите, а потоа, договореното решение ќе биде претставено и дебатирано на Економско-социјалниот совет.

- За законите, особено оние битни за работниците, треба да се дискутира со ваков отворен пристап. Од друга страна, рековме дека ќе го ослободиме деловниот амбиент, мислам дека тоа веќе се чувствува, од првиот ден гледавме да има неселективен повраток на ДДВ, да нема никакви притисоци што секако ќе обезбеди простор за зголемување на платите, потенцира Тевдовски.

И министерката Царовска рече дека само со отворен, директен пристап може да се дојде до квалитетно решение.

- Го отвораме процесот на разговор, дијалог за зголемување на минималната плата. Она што го ветувавме во предизборниот период, денеска почнуваме да го остваруваме. Широки консултации се многу важни, само така можеме да донесеме квалитетни одлуки. Ќе се трудиме во сите гранки да има еднаква минимална плата и се надеваме дека наскоро тоа ќе стане реалност, со оглед дека претходно имаше дискриминирачки одредби за најранливите гранки, нагласи Царовска.

Поосчи и дека како министер за труд, секогаш ќе ги брани работничките права и најзагрозените работници.

- По дебатата на Економско-социјалниот совет, очекувам дека наскоро ќе излеземе со законско решение што ќе биде квалитетно и усогласено со сите чинители, истакна министерката.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Тевдовски напомена дека во врска со зголемувањето на минималната плата особено ќе се води сметка да не се дозволи простор компаниите да вршат какви било притисоци и злоупотреби врз вработените.

- Најголем дел од овие консултации, посебно денешните, со синдикатите, се насочени токму кон овие прашања - точно да ги утврдиме решенијата што би ги спречиле злоупотребите, посочи министерот.

Најави и дека многу брзо, од почетокот на јули, Министерството ќе почне со објавување детални извештаи за јавните финансии, што ќе значи транспарентност во трошењето на парите на граѓаните. 

На краток рок, информира, нема да има никакви промени во однос на враќањето на прагот на даночните обврзници. - Сите наши промени ќе бидат отворени, презентирани на веб-страницата на Министерството и дебатирани, а јавноста ќе биде навремено информирана, рече Тевдовски.