Обраќање на МФ Тевдовски по повод Потпишување договори за грант преку ИПА за рурален развој

Ми претставува огромна чест и задоволство што првите договори што ги потпишувам од позицијата Министер за финансии се поврзани со изградба на капитални проекти во руралните средини на Република Македонија.

Денес потпишуваме договори за изградба на детска градинка во општина Сопиште и изградба на локални улици и подобрување на водоснабдувањето во општина Чешиново-Облешево. Изградбата на инфраструктура во руралните средини е еден од приоритетите на реформската Влада. Вложувањата во изградба на градинки, училишта, патишта и енергетика се вложувања во трајни добра од кои директна корист имаат граѓаните на Република Македонија. Тие придонесуваат за одржлив економски и социјален развој и воедно ги намалуваат разликите помеѓу урбаните и руралните заедници.

Средствата за овие проекти се обезбедени со грант од Европската Унија. Грантовите што преку ИПА програмата се доделуваат денес на општините Сопиште и Чешиново-Облешево се во вкупен износ од 237.733 евра.

ИПА програмата за рурален развој е од особена важност за Република Македонија. Преку оваа програма предвидено е да бидат доделени 20,7 милиони евра во различни општини во земјава. А, како министер за финансии ќе се заложам да има поголема искористеност на фондовите што Европската Унија ни ги дава на располагање.

Оваа прилика ќе ја искористам да се заблагодарам на Европската Унија за финансиската поддршка за развој и реформи во земјава, а воедно ќе истакнам и дека Членството во Унијата е наш приоритет. Истовремено, наша еднакво важна заложба е да обезбедиме намалување на разликите во стандардот на живот помеѓу македонските граѓани и тие во ЕУ.

Упатувам благодарност и до Светска банка, за дадената поддршка и помош во менаџирањето на средствата и евалуацијата на проектите. Благодарност до колегите од МСИП, единица во Министерството за финансии, кои работат со општините на процесот идејата да прерасне во проект, а проектот во реалност.

На градоначалниците им посакувам успешна работа и резултати во предвидените рокови.

Благодарам.