Соопштение за одржаната аукција на ДХВ

Во насока на точно информирање на јавноста во врска со аукциите на државни хартии од вредност кои ги спроведува Министерството за финансии би сакале да посочиме – државните хартии од вредност издадени со последните две аукции се стриктно за покривање на стари долгови:

  • На 07.06 по основ на стари долгови од издадени државни хартии од вредност доспеваа за враќање 499.990.000 денари. На 06.06 беше одржана аукција на државни хартии од вредност на која беа издадени хартии од вредност во ист износ колку што беше потребен за да се покријат старите долгови. Добро е да се спомене дека побарувачката на таа аукција беше четири пати поголема од запишаниот износ, или 2,1 милијарди денари.
  • Утре, на 21.06 доспеваат за враќање 343.540.000 денари стари долгови – по основ на веќе издадени државни хартии од вредност. На денешната аукција беше запишан скоро ист износ – 345 милиони денари, иако побарувачката беше над 507 милиони денари.

Ќе посочиме дека Министерството за финансии нема направено нови долгови по основ на државни хартии од вредност како што беше посочено од страна на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, и покрај огромниот интерес за државните записи од страна на инвеститорите. Аукциите се јавни, а Министерството за финансии е транспарентно и отчетно и секој кој сака може да ги провери овие суми.

Во насока на точно и правилно информирање на јавноста известуваме и дека издавањето на државни хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2017 година, каде стои дека буџетскиот дефицит ќе се финансира и преку домашни извори.