МФ демант: Се манипулира со долгот, реални податоци на нашата веб-страница

30 март 2017, Скопје - Министерството за финансии ја демантира информацијата што ја пренесуваат некои од медиумите од една интернет страница дека долгот на државата надминал 5 милијарди евра. Демантираме и дека податоците што ги наведуваат се земени од веб-страницата на Министерството за финансии, како што се повикува сајтот. Податоците за јавен долг се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии и секој може да ги провери.

Го демантираме и тврдењето што излезе во некои медиуми дека Министерството за финансии минатата недела ја сменило методологијата, па затоа има намалување на државниот и јавниот долг. Министерството за финансии направи усогласување на своите со податоците на Државниот завод за статистика, што е редовна постапка која се прави секоја година, а методологијата на Министерството за објава на јавниот долг е усогласена со ММФ и ЕУРОСТАТ.

Наша оценка е, имајќи некои сознанија за позадината на овој бројчаник на јавен долг, како и формите во кои беше претходно објавуван прво како нечиј блог, па како истражување на МАНУ – кое беше повлечено, сега како нечиј сајт – е дека истиот  има политичка позадина. Особено е симптоматично времето кога бројчаникот „одлучи“ долгот да надмине 5 милијарди евра.

Уште еднаш посочуваме дека официјалните податоците за јавен долг согласно методологијата утврдена со ММФ и согласно ЕУРОСТАТ се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии и Министерството стои зад тие податоци.