Фабриката за чипс од Кравари обезбеди пласман на пелагонискиот компир

7 декември 2016, Битола - Странските инвестиции создаваат работа за домашните стопанственици. На пример, странската инвестиција, фабриката за производство на чипс во битолското село Кравари, која започна со работа на почетокот на годинава, обезбеди пласман на производството на пелагониските земјоделци кои одгледуваат компир, истакна денеска министерот за финансии Кирил Миноски при посета на фабриката.

 - Задоволство е кога воочувате на кој начин се пласираат македонските производи, како се користи потенцијалот на земјоделците во Пелагонија, и тоа е предност бидејќи на овој начин се откупува земјоделскиот производ и се обезбедува додадена вредност бидејќи финалниот производ е производ од македонски компир. Тоа во реалност е и начинот на кој што треба да ја развиваме вертикалната интеграција во процесот на производство, во најголем дел од компаниите што се занимаваат со преработки, рече Миноски.

Денеска министерот оствари посета и на фабриката за земјоделска механизација и трактори „Хемометал“. На средбата со раководството на компанијата, министерот за финансии посочи дека зголемената ефикасност на земјоделското производство се должи на политиките на субвенционирање на оваа сфера.

- Се покажа дека политиките со кои се субвенционира набавката на земјоделска механизација даваат конкретен придонес во примената на современите методи за обработка на земјоделските површини и крајна цел на тие политики е зголемување на ефикасноста на земјоделското производство, поголеми приноси но и поголем приход на земјоделците, рече Миноски. 

Миноски денеска ќе има средба и со Регионалната стопанска комора во Битола. Како што истакна министерот Владата ќе продолжи со поддршка на македонските компании со водење на политика на ниски даноци.

- Македонија е држава со најниски даноци во светот и тоа е најдобар стимул за сите компании бидејќи најголем дел од тоа што го создаваат повторно го враќаме во приватниот сектор заради тоа што приватниот сектор креира нова вредност. Покрај тоа, во делот на извозот, извозниците добиваат поддршка и преку Агенцијата за привлекување на странски директни инвестиции и промоција на извозот, преку програмите со кој се поттикнува вмрежување на македонските компании во синџири на добавувачи од странски компании, но исто така го стимулираме учеството на саеми и други настани кои на извозниците им помагаат да креираат долгорочно одржливи деловни зделки во странство, нагласи министерот Миноски.

Според Миноски ваквите директни средби со стопанствениците придонесуваат да се стимулира развојот на приватниот сектор и да се поттикнува дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор.