Обраќање на министерот за финансии Кирил Миноски по повод oтварање на канадска инвестиција One contact

Денешниот настан е потврда дека доколку економските политики се добри и се постават на здрави основи, тие даваат резултати. Денес со работа започнува уште една странска инвестиција која ќе креира нови работни места и ќе донесе нови знаења и искуства во земјава.

One contact center е канадска компанија од услужниот сектор, од областа на телекомуникациите, и таа е уште еден доказ дека во Македонија доаѓаат компании од различни земји и различни сектори. Ова е показател  за одличната бизнис клима во земјава која е веќе позната и призната на глобалниот пазар.

Во кол-центарот се вработени млади луѓе од земјава, кои поминале соодветна обука и се стекнале со дополнителни знаења за да можат да го обавуваат работниот процес. Радува најавата на инвеститорите дека планираат бројот на вработени да се искачи до 200 лица, како и дека профилот на вработени кој се бара е млад и висококвалификуван кадар, во чиј професионален развој и обучување и понатаму ќе се инвестира.

Во тоа е поентата на поттикнувањето на странските инвестиции во земјава – пренесување на know-how и отворање на нови работни места. Крајните ефекти се зголемување на продукцијата на стоки и услуги, на извозот, на вработеноста и на економскиот раст. Македонската економија е во развој и потребни ни се искуствата и знаењата од поразвиените економии за да го постигнеме посакуваниот развој.

Досега оваа стратегија даде повеќекратни резултати. Странските инвестиции во земјава отворија повеќе од 17.000 нови работни места. Структурата на она што го нуди земјава на меѓународниот пазар е сосема променета. Се извезува доста поширока палета на производи и услуги, со поголема додадена вредност. Исто така, се поттикнува претприемништвото кај домашните компании со што се зајакнува приватниот сектор во земјава.

Сакам да го изразам своето задоволство што инвеститорите и покрај многуте расположиви опции донесоа одлука да инвестираат токму во Македонија. Сакам да ви посакам успешна работа и да ги реализирате плановите за проширување на работата и нови вработувања во земјава.

На вработените во оваа новоотворена компанија, исто така ќе им посакам многу успех понатаму во работата и кариерата.

Благодарам