ЈАВЕН ПОВИК за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит

во периодот од 1ви февруари до 31ви декември 2016 година

 

1. Се повикуваат граѓаните кои се заинтересирани за добивање субвенциониран станбен кредит да ги поднесат своите апликации во периодот од 1ви февруари 2016 година до 31ви декември 2016 година.

2. Сите граѓани кои се заинтересирани за добивање субвенциониран станбен кредит можат да аплицираат за еден од следните два модела:

  • Субвенција на дел од месечната рата – 50%/75% за купување на нов стан или изградба/купување на нова куќа. Владата ќе плаќа 50% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 5 години од отплатата на кредитот наменет за купување на нов стан, односно 75% од месечниот ануитет во првите 5 години од отплатата на кредитот наменет за изградба/купување на нова куќа.

Каматната стапка е субвенционирана и изнесува:

- 3,95% за првите три години,

- 4,44% за четвртата и петтата година.

  • Субвенција на дел од учеството – 50%/75% за купување на нов стан или изградба/купување на нова куќа. Владата ќе плати 50% од учеството потребно за добивање кредит за купување нов стан, најмногу до 6.250 евра, односно 75% од учеството за куќата, најмногу до 9.375 евра.

Каматната стапка е субвенционирана и ќе изнесува:

- 6 - месечен ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени за целото времетраење на отплатата на кредитот.

Субвенцијата e неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит, како и во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10-тата година од отплатата на кредитот за овие модели.

3. Сите млади лица до и со наполнети 35 години, односно лице кое е во брачна заедница во која барем едниот брачен другар е на возраст до и со 35 години, а кои се заинтересирани за добивање субвенциониран станбен кредит за изградба/купување на нова куќа можат да аплицираат за еден од следните два модела:

  • Субвенција на 80% од месечната рата за млади лица до и со наполнети 35 години за изградба/купување на нова куќа. Владата ќе плаќа 80% од месечниот ануитет (главница и камата) во првите 8 години од отплатата на кредитот и 50% од месечниот ануитет во следните 3 години од отплатата на кредитот наменет за изградба/купување на нова куќа.

Каматната стапка е субвенционирана и изнесува:

- 3,95% за првите три години,

- 4,44% за четвртата и петтата година.

  • Субвенција на 100% од учеството за млади лица до и со наполнети 35 години за изградба/купување на нова куќа. Владата ќе го плати целосниот износ од учеството потребно за добивање кредит, односно најмногу до 12.500 евра во денарска противвредност за изградба/купување на нова куќа.  

Каматната стапка е субвенционирана и ќе изнесува:

- 6 - месечен ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени за целото времетраење на отплатата на кредитот.

Субвенцијата е неповратна во случај на редовна отплата на станбениот кредит. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 12-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на 80% од месечната рата за млади лица до и со наполнети 35 години. Субвенцијата е неповратна во случај на предвремена доброволна отплата на станбениот кредит по истекот на 10-тата година од отплатата на кредитот за моделот субвенција на 100% од учеството за млади лица до и со наполнети 35 години.

4. Субвенционирање на кредит за сите модели се одобрува за станбен кредит чиј износ не надминува 50.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на одобрување на кредитот и рок на отплата не пократок од 20 години. Доколку станбениот кредит е поголем од износот од 50.000 евра, разликата која го надминува тој износ не се субвенционира.

5. Граѓани кои се државјани на Република Македонија и се со постојано живеалиште на територијата на Република Македонија, може да се пријават за добивање на субвенциониран станбен кредит доколку ги исполнуваат следниве услови:

  • Приходот по основ на плата на лицето-поединец да изнесува до 900 евра месечно;
  • Приходот по основ на плата на брачните другари да изнесува до 1.300 евра месечно;
  • Продажната цена на станбениот објект со пресметан ДДВ да изнесува до 900 евра за метар квадратен;
  • Кредитобарателот да нема во негова сопственост, во сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар, стан односно куќа, или да има во негова сосопственост или во сосопственост на брачниот другар, дел од само еден стан или дел од само една куќа, која е стекната по основ на наследство или дар, а делот на сосопственоста да не надминува една половина од станот, односно куќата;
  • Кредитобарателот кој има во негова сопственост, во сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар или во сопственост на брачниот другар само еден стан или куќа, истиот да го/ја продал заради купување на поголем стан или за изградба/купување на нова поголема куќа во период од три години до денот на аплицирање за добивање на субвенциониран станбен кредит, или да ја руши заради изградба на нова поголема куќа за потребите на сопственото домување;
  • Кредитобарателот кој нема во негова сопственост, во сосопственост или заедничка сопственост со брачниот другар, стан односно куќа, да има склучено договор за градење со сопственикот на куќата за да изврши надградба или доградба за потребите на сопственото домување и градежно-техничката документација да гласи на име на барателот;
  • Лицето или неговиот брачен другар да нема подигнато друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето за субвенциониран станбен кредит;
  • Станот кој се купува, односно куќата која се купува/гради, да е новоградба со сета потребна документација (имотен лист, дозволи и одобренија за градба). Одобрението за градба да е на име на барателот на субвенциониран станбен кредит;
  • Станот/куќата да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот на станбениот објект;
  • Да се исполнуваат условите за добивање на станбен кредит пропишани од деловната банка.

4. Заинтересираните лица може да се пријават за добивање субвенциониран станбен кредит во една од следниве банки:

- Стопанска Банка - Скопје

- НЛБ Тутунска Банка

- Охридска Банка

- Шпаркасе Банка

- Стопанска Банка - Битола

- ТТК Банка

- Алфа Банка

- ПроКредит Банка

5. Во текот на јавниот повик во 2016 година, заинтересираните граѓани ќе треба лично да ги поднесат барањата заедно со потребната документација за добивање субвенциониран станбен кредит до избраната деловна банка, и тоа во периодот од 1ви февруари 2016 година, заклучно со 31ви декември 2016 година. Барањата со непотполна документација нема да бидат разгледувани.

6. Министерството за финансии спроведува постапка за избор на корисници за субвенциониран станбен кредит преку електронскиот систем за избор на корисници најмалку еднаш во период од 45 денови, за сите добиени одлуки за пред-одобрување на субвенциониран станбен кредит доставени најмалку еден ден пред денот на спроведување на постапката за избор.

7. Подетални информации може да се најдат на веб-страната на Министерството за финансии, http://www.kupikukakupistan.gov.mk/ каде се објавени Законот за субвенционирање на станбен кредит и соодветните подзаконски акти.

 

Влада на Република Македонија

Министерство за финансии

www.kupikukakupistan.gov.mk