Ставрески: Првата половина од 2015. донесе за 14% поголеми приходи во Буџетот

За ребалансот на Буџетот, за зголемувањето на пензиите наесен, како и за олабавувањето на казнената политика и проектот Македонија вработува, во Дневникот 1 на МРТ зборуваше вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Министерот Ставрески истакна дека е направен релативно мал ребаланс на Буџетот, со којшто ќе се распоредат средства за капитални инвестиции, како за гасификација, реновирање и изградба на училишта, спортски сали, како и за реновирање на Студентскиот дом Гоце Делчев…

За ребаланост на буџетот расправаа пратениците во Собранието. Кои институции и сектори добиваат повеќе пари, а кои помалку со прекројувањето на државната каса?

Ставрески: Првата половина од 2015 година донесе поголеми приходи во Буџетот, за околу 14 проценти се повисоки приходите отколку минатата година во истиот период и затоа се решивме да направиме релативно мал ребаланс со кој ќе се распоредат овие средства кај буџетските корисници, при што главно се работи за дополнителни средства за капитални инвестиции, за милијарда и 260 милиони денари се зголемуваат капиталните инвестиции, покрупните износи се да речеме, околу 370 милиони денари одвоивме дополнително за проектот за гасификација и изградбата на гасоводната мрежа  од Клечовце до Штип и исто толку околу 370 милиони денари издвоивме за водоводи и канализации во сите населени места во Република Македонија. Околу 220 милиони денари издвоивме повеќе за реновирање на и изградба на училишта и спортски сали ширум Република Македонија. Шеесет милиони денари дополнително во однос  на основниот буџет издвоивме за реновирање на Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје и слично. Освен тоа издвоивме средства и за одредени министерства каде имаше трошоци поврзани со поплавите што се случија во февруари и март или пак со интервенцијата на полицијата во Куманово за да се дополнат средствата што се потрошени во тој период во делот на муниција, како и зголемувањето на стипендиите за учениците и студентите, што го извршивме, како и на платите за полицајците. Тоа се главните намени на средствата.

Најавено е зголемување на пензиите наесен, дали ќе има доволно средства за оваа намена и за сревисирање на редовните обврски?

Ставрески: За зголемување на пензиите ние уште во буџетот кога го правевме за 2015 година ставивме доволно средства. Секогаш така работиме, пред да им ветиме на пензионерите или било која друга група на граѓани, проверуваме,  анализираме, правиме пресметки дали имаме сила тоа да го направиме и како. Така да сега со ребаланот само се потврдува дека можно е тоа да се направи, односно септемвриската пензија што ќе биде исплатена во октомври месец, пензионерите ќе ја добијат со покачување од 5 проценти.

На дневен ред се и повеќе закони од секторот финансии, кои се менуваат во делот на олабавување на казнената политика. Се менуваат 200 закони. Што ќе се постигне со намалување на казните?

Ставрески: Да, ние предложивме една голема група на закони со цел што побрзо во пракса да заживее владината политика што се воспостави преку намалувањето на казните преку Законот за прекршоци. Тоа значи дека во пракса сите материјални закони по кои што работат инспекциите, УЈП и другите тела каде има предвидено прекршочни казни сега се менуваат со цел, стопанството, фирмите, посебно помалите фирми да добијат олеснување во делот на казнената политика односно висината на казните да биде одмерена согласно економската и финансиската моќ на фирмата. Така значи постојните казни остануваат само за најголемите фирми што имаат над 250 вработени или што имаат голем годишен приход. Но за сите фирми што се помали од тоа има значително намалување на казните кое што во некој случај се движи од 6-7 пати пониска казна од досегашната. Исто така се намалуваат казните и за физичките лица и за одговорните лица во правните лица, така што стопанството и граѓаните ќе осетат значителна релаксација во делот на висината на казните односно истите ќе ја рефлектираат големианта на субјектот.

Проектот Македонија вработува зема залет, со него до работа доаѓаат не само младите туку и повозрасните луѓе. Има ли новини во овој проект?

Ставрески: Проектот Македонија вработува е еден добро осмислен проект, во којшто ги опфативме сите старосни групи на граѓани коишто е без работа. Значи тој е наменет и за младите, но и за постарите, односно за оние кои без тој проект можеби никогаш не би добиле шанса за работа. Имено, за секоја категорија од овие граѓани ние даваме повластици, во смисла на тоа дека работодавачот што ќе ангажира невработени лица, извесен број на години меѓу три и пет години нема да плаѓа придонеси за здравствено и придонеси за пензиско осигурување. Тоа се значителни заштеди за работодавачите и затоа фирмите се одлучуваат да ангажираат лица. Досега околу 4.620 лица се ангажирани преку овој проект, за неполни четири месеци, што покажува дека проектот е вистински погодок и дека можеме да очекуваме во текот на 12-те месеци од неговата реализација, колку што е предвидено да трае, да се ангажираат некаде до 20.000 лица, кои досега биле невработени, да најдат работа, да им се подобри животот, да им се промени судбината едноставно.

Посебно ми е задоволство што во досега ангажираните лица имаме и луѓе над 50 годишна возраст, околу 750 лица се меѓу 50 и 58 годишна возраст и имаме вработени околу 250 лица кои се над 58 годишна возраст. Тоа се луѓе кои некогаш работеле нивните фирми пропаднале или отишле во стечај, или нешро друго се случило и коишто изгубиле надеж дека ќе бидат вработени, а имаат знаење, имаат способности, имаат вештина. Сега им се овозможува на фирмите со заштеда, преку оваа мерка на државата да ги ангажираат тие лица, а од друга страна и кај младите дава ефекти, бидејќи имаме над 2.000 млади лица до 35 годишна возраст вработено преку овој проект Македонија вработува. Така да очекувам дека и во иднина ќе ги даде очекуваните ефекти.