Даноци на имот

Со Законот за даноците на имот се уредува начинот на оданочување на следните видови даноци на имот:

  1. Данок на имот;
  2. Данок на наследство и подарок и
  3. Данок на промет на недвижности.

1. Данок на имот

Предмет на оданочување

Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок.

Даночен обврзник

Даночен обврзник е правно и физичко лице сопственик на имотот. Во случај кога сопственикот не е познат или не е достапен, обврзник на данокот на имот е правно и физичко лице корисник на имотот. Обврзник на данокот на имот може да биде и плодоуживателот, а ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел. Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице-корисник на недвижен имот во сопственост на државата и општината.

Даночна стапка

Стапките на данокот на имот се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%. Истите можат да се утврдуваат според видот на имотот. Затоа и стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство можат да се зголемат од три до пет пати во однос на основните стапки.

Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје.

Даночна основа

Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот. Утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот ја врши лице проценувач кое е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач. Пазарната вредност се утврдува според Методологија за процена на пазарната вредност на недвижниот имот.

Даночни ослободувања и олеснувања

Данок на имот не се плаќа на:

  • недвижен имот во државна сопственост кој го користат државните органи, недвижен имот во сопственост на општината кој го користат органите на општината, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје, освен недвижниот имот кој се користи од страна на физички или правни лица;
  • недвижен имот на странски дипломатски и конзуларни претставништва и на претставништва на меѓународни организации, ако се во нивна сопственост, под услов на реципроцитет;
  • недвижен имот во сопственост на Народната банка на Република Македонија;
  • верски објекти во кои се врши богослужба, молитва и други манифестации на верата како храм,  амија, молитвен дом, синагога, гробишта и други простории на црква, верска заедница и религиозна група;
  • недвижности кои согласно со закон се прогласени за културно наследство;
  • објекти за заштита на земјиштето, водите и воздухот;
  • објектите на претпријатијата за работно оспособување, професионална рехабилитација и вработување на инвалиди;
  • земјиште што се користи за површински и подземен коп во рударството и за геолошките истражувања;
  • објекти наменети за примарна обработка на земјоделски производи, и тоа: објекти наменети за одгледување на добиток и риби, за сместување на опрема за следење на квалитетот и безбедноста на примарните сточарски и земјоделски производи на земјоделско стопанство, за сместување и одржување на земјоделска механизација, приклучна опрема и други превозни средства и опрема на земјоделско стопанство, објекти за складирање, прием, чување и пакување на примарни земјоделски и сточарски производи и храна за животни на земјоделско стопанство, објекти, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија, резервоари за вода поврзани со активности во земјоделско производство на земјоделско стопанство и објекти за третман на отпад од активности во земјоделско производство на земјоделско стопанство и
  • земјоделско земјиште што се користи за земјоделско производство.

Обврзникот на данокот на имот за станбена зграда или стан, во кој живее со членовите на семејството има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50% .

2 . Данок на наследство и подарок

Предмет на оданочување

Данок на наследство и подарок се плаќа на недвижниот имот и право на плодоуживање и користење на недвижниот имот, кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок. Тој се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Вредноста на сите подароци од ист вид, примени во текот на една календарска година, претставува една даночна основа. За вредноста на подароците општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје води евиденција, врз основа на која, на крајот на годината примателот на подароците може да се задолжи со данок, доколку во текот на годината прими повеќе подароци од ист вид и во висина над пропишаниот износ.

Даночен обврзник

Даночни обврзници на овој данок се физички или правни лица-резиденти на Република Македонија, кои наследуваат имот или примаат имот на подарок во земјата или странство, и странско физичко и правно лице-нерезидент, за недвижниот и подвижниот имот што го наследува или прима на подарок на територијата на Република Македонија.

Ако наследникот што се прифатил за наследник го отстапи наследството во корист на лице кое би дошло до тоа наследство и во случај наследникот да не му го отстапил, данокот го плаќа лицето во чија сопственост преминува наследениот имот, а ако наследникот отстапи наследство на определено лице, кое не би дошло до наследство во случај наследникот да не му го отстапил, тогаш наследникот што го отстапил наследството плаќа данок на наследство, а лицето во чија корист е отстапено наследството плаќа данок на подарок.

Даночна стапка

Стапките на данокот на наследство и подарок се пропорционални и различни во зависност од наследниот ред.

Наследник или примател од прв наследен ред е ослободен од плаќање данок.

Данокот на наследство и подарок за обврзник од втор наследен ред се пресметува по стапка од 2% до 3%, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот данокот се пресметува по стапка од 4% до 5%.

Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за Градот Скопје.

Даночна основа

Основата на данокот на наследство и подарок е пазарната вредност на наследениот имот, или имот кој се прима како подарок, во момент на настанување на даночната обврска, а намалена за долговите и трошоците што го товарат имотот кој е предмет на оданочување.

Даночни ослободувања

Данок на наследство и подарок не плаќа:

  • наследникот, односно примателот на подарок од прв наследен ред;
  • наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на еден наследен, односно на подарок примен стан, односно семејна станбена зграда ако со оставителот, односно давателот на подарок живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот, под услов тој и членовите на неговото семејство да немаат друг стан, односно станбена зграда и
  • наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на кој земјоделството му е основна дејност што ќе наследи, односно прими на подарок земјоделско земјиште и економски згради, ако со оставителот, односно давателот на подарок живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот.

Од данок на наследство и подарок се ослободени: државните органи, органите на општините, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, Народната банка на Република Македонија, организациите на Црвениот крст, хуманитарните, социјалните, научните, образовните, културните установи и верски заедници за подарокот што го примиле во вид на недвижен или подвижен имот, хартии од вредност, парични средства и побарувања.

3 . Данок на промет на недвижности

Предмет на оданочување

На остварениот промет на недвижности се плаќа данок на промет на недвижности. Под промет на недвижности се смета преносот со и без надоместок на правото на сопственост на недвижности, како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица.

Даночен обврзник

Даночен обврзник на данокот на промет на недвижности е правно и физичко лице - продавач на недвижноста. По исклучок, обврзник на данокот на промет на недвижности може да биде правно лице и физичко лице - купувач на недвижноста, доколку во договорот за купопродажба на недвижноста, е договорено данокот да го плати купувачот.

При замена на недвижности даночен обврзник е учесникот во замената кој дава во замена недвижност од поголема вредност.

Ако се пренесува идеален дел на сопственост на недвижноста, даночен обврзник е секој сопственик посебно.

Ако правото на сопственост на недвижноста се пренесува врз основа на договор за доживотно издржување, даночен обврзник е примателот на недвижноста, односно неговите наследници.

При продажба на недвижност во стечајна и извршна постапка, како и при реализација на договори за хипотека, даночен обврзник може да биде и купувачот на недвижноста.

Даночна стапка

Стапките на данокот на промет на недвижности се пропорционални и изнесуваат од 2% до 4%. Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на Општината и советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје.

Даночна основа

Даночната основа на данокот на промет на недвижности е пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанувањето на обврската.

При замена на недвижности даночна основа е разликата на пазарните вредности на недвижностите кои се заменуваат.

При пренос на идеален дел на сопственоста на недвижноста, даночна основа е пазарната вредност на идеалниот дел на недвижноста.

При продажбата на недвижноста во стечајна и во извршна постапка, даночна основа е постигнатата продажна цена по пат на јавно наддавање, или со непосредна спогодба, доколку по две последователно спроведени постапки на јавно наддавање не е извршена продажба на недвижноста.

Даночни ослободувања

Данок на промет на недвижности не се плаќа:

  • на прометот на недвижности во постапката на експропријација;
  • кога странско дипломатско, односно конзуларно претставништво го пренесува правото на сопственост на недвижности, под услов на реципроцитет;
  • кога правото на сопственост се пренесува заради намирување на обврските по основа на јавни приходи во постапката за присилна наплата;
  • на прометот на недвижности меѓу државни органи, меѓу државни органи и општините и меѓу општините;
  • на прометот на недвижности во постапката на конфискација;
  • на прометот на станови во општествена сопственост, доколку во купопродажниот договор не е уредено чија е обврската за плаќање на данокот;
  • кога правото на сопственост на недвижност се пренесува на државни органи заради наплата на побарувања во стечајни и извршни постапки;
  • кога правото на сопственост на недвижност се пренесува на давателот на доживотното издржување кој во однос на примателот на издржувањето се наоѓа во прв наследен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршката;
  • на првиот промет на станбени згради и станови кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата на кој е пресметан данок на додадена вредност;
  • при вложување на недвижности во капиталот на трговските друштва;
  • на тргувањето со хартии од вредност, во смисла на Законот за хартии од вредност и
  • кога правото на сопственост на недвижност се пренесува на банките како доверители, заради наплата на парично побарување, доколку во рок од три години го продадат стекнатиот имот.