Персонален данок на доход

Персоналниот данок на доход се плаќа на вкупниот доход остварен од страна  на физичките лица од разни извори,  во земјата и странство, во текот на една календарска година.

Доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следните видови на приходи:

  • лични примања;
  • приходи од самостојна дејност,
  • приходи од имот и имотни права;
  • приходи од авторски права и права од индустриска сопственост,
  • приходи од капитал;
  • капитални добивки;
  • добивки од игри на среќа и
  • други приходи.

На оданочување подлежат гореспоменатите приходи независно дали се остварени во пари, хартии од вредност, натура или во некој друг вид.

Даночен обврзник

Обврзник на персоналниот данок на доход е секое физичко лице резидент на Република Македонија за неговиот светски доход, односно доходот што го остварува во земјата и странство. Обврзник е и лице нерезидент за доходот што го остварува од извори во Република Македонија.

Како резидент се смета физичкото лице кое на територијата на Република Македонија има постојано живалиште и престојувалиште, односно доколку престојува во Република Македонија  непрекинато или со прекини 183 дена или повеќе во рамките на 12 месечен период.

Даночна стапка

Персоналниот данокот на доход се плаќа по стапка од 10%.

Плаќање на данокот

Персоналниот данок на доход кај најголем дел од приходите се плаќа аконтативно, односно исплатувачот на приходот има обврска при исплатата на приходот, во име на обврзникот да го пресмета и плати данокот. За некои видови на приходи данокот се утврдува и плаќа врз основа на решение на управата за јавни приходи.

По истекот на годината, а најдоцна до 15 март следната година, даночните обврзници имаат обврска да поднесат до Управата за јавни приходи, годишна даночна пријава во која ќе ги искажат сите видови на приходи кои ги оствариле во годината.

Даночни ослободувања

Персонален данок на доход не се плаќа на примањата по основ на:

  • капитални добивки остварени од продажба на  хартии од вредност, до крајот на 2015 година;
  • камати на орочени штедни и други депозити, до денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската унија;
  • награди што ги доделува Организацијата на Обединетите нации и меѓународните организации и награди за животни достигнувања во науката, културата и спортот;
  • стипендии и кредити на ученици и студенти; 
  • награди на спортисти за постигнати резултати на официјални меѓународни натпревари; стипендии за спортисти;
  • надоместок на трошоци за службени патувања;
  • надоместок за инвалидност, плата и пензија на инвалидно лице;
  • отпремнина која се дава при заминување во пензија и надоместок во вид на испратнина;
  • детски додаток; паричен  надоместок за време на невработеност, утврден со закон;
  • надоместок  за телесно оштетување и надоместок на штета по основа на осигурување на животно и неживотно осигурување;
  • алиментации и надоместоци на штета по судска одлука и надоместок на штета како последица на несреќа при работа; 
  • камати по обврзници издадени од Република Македонија  и единиците на локалната самоуправа; камати на штедни влогови, тековни сметки и депозити по видување;
  • плати на вработените лица кај корисник на технолошка индустриска развојна зона за период од 10 години под услови и постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони.