Данок на добивка

Даночен обврзник

Даночен обврзник на данок на добивка е правно лице (субјект) – резидент на Република Македонија како и постојана деловна единица на странско правно лице, за добивката што ја остваруваат од вршење на дејност на територијата на Република Македонија.

Даночна стапка

Стапката на данокот на добивка изнесува 10%.

Даночна основа

Даночна основа на данокот на добивка за соодветен даночен период (една календарска година) е добивката која се утврдува во даночниот биланс.

Основата за пресметување на данокот на добвка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди, зголемена за непризнаените расходи за даночни цели и потоа намалена за износот на наплатените побарувања кои во претходниот даночен период имале третман на непризнаен расход.

Даночни олеснувања и ослободувања

Даночниот обврзник има право на даночно ослободување по основ на реинвестирана добивка за извршените вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) со цел проширување на дејноста на даночниот обврзник.

Обврзникот кој е корисник на технолошка индустриска зона, користи даночно ослободување од данокот на добивка во рамки на државна помош, под услови и постапка утврдени со Законот за технолошки индустриски развојни зони.

На обврзникот кој е должен согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања да воведе и да користи фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, му се намалува пресметаниот данок за набавени до десет фискални апарати во висина на нивната вредност.

Поедноставен даночен режим за трговски друштва

Трговските друштва класифицирани како мали и микро трговци се ослободени од обврската за плаќање на данокот на добивка за остварен вкупен приход до 3.000.000 денари.

Трговските друштва кои во текот на годината остваруваат вкупен приход од 3.000.001 до 6.000.000 денари, им се овозможува избор на режимот/моделот на оданочување, така што истите ќе имаат можност да плаќаат данок на вкупен приход во висина од 1%, наместо данок на добивка по стапка од 10% како што предвидува постојното законско решение.

Задржување на данок на приход платен на странски правни лица

Задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Македонија или во странство:

  • приход од дивиденди;
  • приход од камата од резидент;
  • приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
  • приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија;
  • приход од вршењето на менаџмент, консалтинг, финансискиуслуги и услуги на истражување и развој , ако приходот е исплатен од резидент или ако приходот е на трошок на постојаната деловна единица во Република Македонија;
  • приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија;
  • приход од телекомуникациски услуги помеѓу Република Македонија и странска држава и
  • приход од закуп на недвижности во Република Македонија.