Интервју МИА: Вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески

Скопје, 6 јануари 2014 (МИА) – Владата им даде нова, последна шанса на граѓаните за откуп на дворните места по едно евро за метар квадратен во наредните девет месеци. По овој рок, доколку не го откупат дворното место ќе треба да потпишат договор за закуп на земјиштето. Интерес има. По завршувањето на претходниот рок, формирмирани се над 1970 предмети за откуп на земјиште, но на терен интересот е уште поголем.

Владата овозможи нови девет месеци за откуп на дворните места. Зошто се решивте на овој чекор?

Граѓаните ќе можат повторно да ги откупуваат дворните места за едно евро за метар квадратен почнувајќи од јануари, односно од стапувањето на Законот во сила, па во наредните 9 месеци. По завршувањето на претходниот рок за откуп, односно декември 2012 година, беа формирани уште 1.970 предмети за откуп, односно толку луѓе дојдоа во Управата за имотно правни работи по завршување на рокот, сакајќи да го регулираат своето имотно право над земјиштето кое го користат. Но реално, на терен интересот беше уште поголем. При средбите со граѓаните, тоа беше едно од најистакнуваните прашања – дали ќе има уште една, последна шанса за да се откупи дворното место. И во интерес на граѓаните решивме да ја дадеме таа последна шанса за да се регулираат имотните прашања.

Што по завршувањето на овој рок ?

Тие што нема да го приватизираат земјиштето, по истекот на овој рок ќе треба да склучат договор за закуп, ќе се утврди надомест за закуп од кој 20 отсто од средствата ќе бидат за буџетот, а 80 проценти ќе одат во општината каде се наоѓа земјиштето.

Би сакал да посочам дека се направени сите можни отстапки досега. Рокот за откуп на дворните места е продолжен два пати, цената е симболична – едно евро за метар квадратен, а дополнително, со новите законски измени ќе ги олесниме и процедурите за откуп, односно ќе биде дадена можност да се приватизира земјиштето под објект, во случаи кога нема донесено детален урбанистички план или друг акт со кој се дефинира градежната парцела.

Ќе се купуваат ли станови и куќи со субвенции од Владата во 2014? Какви се очекувањата од Проектот за оваа година?

Проектот „Купи куќа, купи стан“ продолжува и  во 2014 година. Би кажал на задоволство на многу граѓани, бидејќи како што изминува времето од реализацијата на Проектот, сè повеќе луѓе ги сфаќаат и користат бенефициите на истиот. Реално, купувањето стан или куќа не е импулсивна работа – ваква одлука се носи само неколку пати во животот, затоа би рекол дека станува збор за животно прашање. Кога се решава вакво прашање треба да се направи есап. „Купи куќа, купи стан“ сè повеќе се појавува во пресметките на граѓаните. Владината субвенција која може да достигне и до 10.000 евра за купување стан или до 15.000 евра за купување куќа и која сега е неповратна е секако мотив за тоа. Дополнителен мотив се ниските каматни стапки за субвенционираните владини кредити. На пример, за моделот „Рата“ каде Владата субвенционира од 50 до 75 отсто од ратата, каматната стапка изнесува 4,99 отсто за првите три години, додека за четвртата и петата година 5,5 отсто. Кај моделот „Учество“, каде Владата субвенционира од 50 до 75 отсто од учеството за станбениот кредит, каматната стапка изнесува 4,5 отсто, плус ЕУРИБОР за цело време на отплатата, што дефинитивно е најниска каматна стапка на пазарот во моментот. Само по основ на каматните стапки граѓаните кои ќе аплицираат за овој проект ќе заштедат од 2.000 до 3.000 евра.

Досега 228 семејства го решија животното прашање преку овој проект, тоа грубо би значело околу 1.000 луѓе, но очекувањата од истиот се многу поголеми. Како што ќе се движи пазарот на капитал – сега растот на понудата навестува пад на цените, како што ќе изминува време од реализацијата на овој проект, бројот на корисници ќе биде сè поголем и интересот ќе добива на интензитет.

Првото извлекување на наградната игра „Фискална во рака - награди без мака“ се реализираше, наградната игра ќе продолжи и во текот на 2014 година. Какви се впечатоците досега, ги дава ли играта резултатите кои ги очекувавте?

Очекувањата на Министерството за финансии во однос на наградната игра се надминати. Граѓаните се мотивираат, а истовремено чувствуваат дека прават нешто општествено корисно. Се создава култура на издавање и барање фискални сметки кај трговците и кај граѓаните, и се подига свеста дека тоа е вообичаен начин да се исполнат обврските и да се помогне развојот и на локалната средина и на државата. Секоја фискална сметка значи можност да се изградат повеќе училишта, болници, патишта, да се зголемат пензиите, да има повеќе пари за земјоделците и за сè друго што се финансира од буџетот. Секој граѓанин треба да знае дека со барањето фискална сметка има можност да поддржи изградба на некој објект, набавка на медицинска опрема, подобрување на услугите на јавниот сектор, воопшто да поддржи сè што ќе придонесе за подобар живот на граѓаните во Република Македонија.

Стан, дуќан и автомобил се веќе доделени, како и голем број вредносни ваучери. Кога ќе биде следното извлекување и кој ќе биде наградниот фонд?

Следното извлекување е веќе на крајот на јануари. Затоа ги повикувам граѓаните да собираат фискални сметки и да ги испраќаат на сега веќе добро познатата адреса на Државна лотарија. Во игра се сите фискални сметки од 15 ноември 2013 година наваму, а краен рок до кога може да се испраќаат за наредното извлекување е 26 јануари до 24:00 часот.

Главната награда е автомобил Поло Тренд Лајн, а останува богатиот награден фонд од 150 ваучери од 1.000 до 60.000 денари за бела техника, аудио визуелна опрема, велосипеди, прехранбени производи и многу други награди. Морам да напоменам дека сите коверти кои ќе бидат недобитни во ова извлекување, ќе учествуваат во извлекувањето за дуќанот и станот на 31 јуни.

Тука би сакал и да им порачам на сите граѓани дека новогодишното извлекување на кое се доделија стан, дуќан, автомобил Пежо 208 е само почеток на една голема игра која ќе трае во текот на целата година, со извлекувања секој месец, во која сите ќе имаат шанса да учествуваат. Доволно е само да собираат фискални сметки и да ги испраќаат до Државна лотарија.

Општо – какви се економските перспективи за оваа година?

Годинава се очекува да продолжи зајакнувањето на европската економија и на ЕУ, која е најзначаен трговски партнер на Македонија. Во услови на постепено враќање на довербата и оптимизмот на потрошувачите и инвеститорите, се очекува ЕУ да оствари посилен економски раст, проектиран на ниво од 1,4 проценти. Согласно овие очекувања, како и фискалната политика на Владата во функција на поддршка на економијата преку зголемување на капиталните расходи и развој на економската инфраструктура, структурните реформи  и реализацијата на предвидените странски инвестиции, прогнозите се дека економскиот раст на земјава ќе се интензивира. За годинава тој е проектиран на ниво од 3,2%.

Буџетот за 2014 година ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализација на капитални инвестиции, кои се за 11 проценти повисоки во однос на минатата година. Капиталните и инфраструктурните проекти кои ќе се реализираат преку буџетот, уште повеќе ќе ја придвижат економската активност. Изградбата на патиштата ќе го поттикне градежништвото. По закрепнувањето на индустријата во 2013 година, за годинава се предвидува умерено интензивирање на индустриското производство, кое е проектирано да забележи раст од 3,8%, главно како резултат на очекуваната динамика за раст на странската побарувачка.

За подобрување на состојбата кај компаниите ќе помогне и новата транша од Европската инвестициска банка во висина од 100 милиони евра кои треба да им бидат достапни на компаниите од јануари.

Минатата година беше донесен Закон за финансиска дисциплина кој исто така ќе придонесе за подобрување на ликвидноста на компаниите. Сето ова ќе помогне во 2014 година да се интензивира растот и да се подобри состојбата на компаниите, а со тоа и на граѓаните на РМ.

Во што ќе инвестира Владата во 2014 година?

Можеби фразата „2014 ќе биде година на крупни инфраструктурни проекти“ е премногу употребувана, но таа најдобро ги опишува плановите на Владата за инвестиции во претстојнава година. Годинава треба да започнат да се градат два автопати, од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид, односно изградбата ќе започне за околу два месеца. Се потпиша и договорот за градба на железницата кон Бугарија, каде активностите треба да започнат во наредните два-три месеци, а ќе се ремонтира и пругата на Коридорот 10. Во 2014 година започнува и градбата на ХЕ Бошков мост и Луково поле, како и на примарната гасоводна мрежа, додека месецов ќе се отвори и јавен повик за концесија на секундарната гасификација. Исто така, ќе започне и реализацијата на два големи проекта во здравството – изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и изградбата на Клиничката болница во Штип.

Вкупните инвестиции во капитални проекти годинава ќе изнесуваат над половина милијарда евра или поточно 525 милиони евра, ако се земат предвид и инвестициите од буџетот на ЈП за државни патишта. Овие проекти ќе значат работа за македонските компании, но и отворање нови работни места за македонските граѓани.

Невработеноста, сепак, останува горлив проблем кој оваа Влада и во иднина ќе го решава. Освен капиталните инвестиции како генератор на нови работни места, каде гледате перспективи за решавање на ова прашање?

Во годината што измина, растот на економијата се рефлектираше на ново намалување на невработеноста. Таа сè уште е висока, но споредено со екстремно високата невработеност од околу 38 осто која ја наследивме од претходната Влада, намалувањето на сегашните 28,7 отсто, или  за околу цели десет процентни поени е максимум што можеше да се направи во едно тешко време, на пет и пол годишни светски и европски кризи. Значи во Македонија се отвораат нови работни места, кога во најголем дел од земјите под влијание на светската економска криза се отпуштаа работници.

Благодарение на само три мерки кои ги презема оваа Влада, отворени се вкупно 39.450 нови работни места. Во слободните економски зони има 4.028 нови вработувања, со активните политики на Агенцијата за вработување преку самовработување се отворени 5.798 работни места, со субвенционирање на работодавачите преку Агенцијата отворени се 4.807 работни места, преку обука за познат работодавач 6.591, преку практикантство 759 вработувања, преку едукација за лични бизниси 1.914, преку кредитната линија за мали и средни бизниси од ЕИБ која ја обезбеди Владата 4.907 работни места.

Решението на овој проблем го гледаме во економскиот раст на земјава и воедно во доаѓањето странски компании кои се големи генератори на работни места. На пример, од веќе постоечките инвестиции Џонсон Контролс Скопје имаат најавено 500 вработувања од кои досега реализираа 325, Џонсон Контролс Штип најавија 1.500 од кои досега реализираа 768, Џонсон Мети 650 најавено – реализирано 448, Кемет електроникс 500 најавено – 177 реализирано, Протек 130 најавено - 50 реализирано, Технохозе 170 најавено – 32 реализирано, Ван Хул 500 најавено – 250 реализирано, Кромберг и Шуберт 3.000 најавено - 792 реализирано, Дрексел Мајер 4.000 најавено од кои 1048 се реализирани, Алајанас Уан 150 најавено од кои 138 се веќе реализирани, Кумал во Штип – 50 најавени работни места, Кофикаб Кавадарци – 150 најавени, Маркарт Велес 500 нови најавени работни места. Тоа се 11.800 нови работни места од постоечките инвестиции во зоните, од кои 4.028 се веќе реализирани. Дополнително, во текот на 2014 година се очекува влез на околу 20 компании кои ќе креираат неколку илјади работни места.

Сузи Котева Стоименова