За Владата и за бизнис заедницата 2013. добра економска година

Скопје, 27 декември 2013 (МИА) - Годината што изминува на економски план и за Владата и за бизнис заедницата е добра. Очекуваат и двете страни добрата соработка што се остварила досега да продолжи и следната година. Ова е констатацијата од денешната средба на премиерот Никола Груевски и членови на Владата со бизнисмени од Комората на Северозападна Македонија.

- Ова беше добра економска година каде заеднички секој го сработи својот дел. Владата преку општиот амбиент за работа, преку обезбедување евтини кредити, преку навремено раздолжување кон стопанството и плаќање на обврските и сите други политики и мерки, а бизнис секторот со својата креативност и претприемачкиот дух успеа да ја помине добро годината, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по завршување на средбата.

Бизнис секторот на средбата од Владата побара и натаму да се работи на подобрување на бизнис климата, инфраструктурата, како што е железничко поврзаување со Албанија и автопатско поврзување со Косово, работата на администрацијата во одделни институции и користењето на средствата од ИПАРД програмата.

- Ова се предлози кои се контруктивни и добри и кои доаѓаат од искусни бизнисмени и наша задача и обврска е и натаму да помагаме и да настојуваме од се ова што може да се прифати и натаму да ја подобруваме бизнис климата и да има подобри услови за секој бизнисмен без разлика дали е мал или голем, истакна Ставрески.

Стопанствениците од Комората на Северозападна Македонија ја потенцираа добрата соработка со Владата и веруваат дека и натаму таа ќе се подобрува.

- Како бизнис заедница сакаме да бидеме оптимисти и 2014 година сакаме да ја почнеме во оптимистички дух. Оваа наша средба не охрабрува во тој оптимизам. Се надеваме на уште подлабока и почеста соработка со Владата, изјави претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи.