Ставрески: Поинтензивен раст на индустриското производство следната година

Скопје, 27 декември 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува раст на индустриското производство до крајот на годината и уште поинтензивен раст следната година.

Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата на индустриското производство, Ставрески оцени дека растот на индустриското производство ќе помогне да се оствари вкупниот раст на БДП што го проектиран на околу 3 до 3,5 проценти.

- Сите мерки и политики, вклучувајќи го и одржувањето на ниски даноци и обезбедувањето евтини кредити, како и излегувањето на европската економија од рецесија, помагаат македонската индустрија постепено да фати залет и да се врати во позитивната зона. Во индустријата има добар тренд во текот на целата година, посебно во втората половина и имаме заживување на индустриското производство и зголемен број на нарачки, истакна Ставрески, по пуштањето во употреба на реконструираниот граничен премин Блаце.