Соработка со други агенции на ООН

Соработка со Програма за развој на Обединети Нации – УНДП (UNDP)

Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП (www.undp.org) претставува дел од глобалната развојна мрежа на Обединетите нации, која се залага за промени и поврзување на земјите со знаења, искуство и ресурси, со цел да им се помогне на луѓето да изградат подобар живот. Таа е присутна во скоро 170 земји низ светот, со кои работи на изнаоѓање решенија за глобалните и националните предизвици.

Таа го надгледува остварувањето на Милениумските развојни цели, помагајќи им на земјите да изнајдат иновативни начини за вклучување на сите граѓани во економскиот, општествениот и граѓанскиот живот и изготвува документи за поддршка на политиките, како што е Националниот извештај за човечки развој.

Во Република Македонија УНДП е присутна од 1997 година (www.undp.org.mk). Таа во целост ја поддржува земјата во напорите да ги унапреди своите развојни стандарди и да ги исполни условите на ЕУ.

Поддршката на УНДП вклучува развивање на човечките и институционалните капацитети, обезбедување знаење, покажувајќи решенија, градење партнерства, како и средства за развој, во следните области:

  • добро владеење;
  • социјална инклузија; и
  • енергија и животна средина.

Целта на областа добро владеење е да се зајакнат институциите и да се развијат вештините на вработените во јавната администрација за креирање политики и подобрување на услугите. Поддршката што ја дава УНДП во оваа област е на различни нивоа, вклучувајќи реформа на политиката, развој на институционалниот капацитет и имплементација, како и вклучување на младите во локалната власт и нивно учество во процесите на креирање политики.

Цел на областа социјална инклузија е поддршка на националните напори за подобрување на социјалната и економската положба на поединци и групи изложени на ризик од исклучување, за да се прошират можностите за вработување за сите и поттикнување на луѓето од ромските заедници во регионот да добијат подобар пристап до социјални услуги и можности за развој на бизнисот.

Целта на областа енергија и животна средина е да се помогне во работата на институциите при донесувањето одлуки да вклучат акции против загадување, акции за биодиверзитет и климатски промени. Поддршката на УНДП се доделува на политичко, институционално и имплементационо ниво.

Соработка со Меѓународен фонд за развој на земјоделството- ИФАД (IFAD)

ИФАД – Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (www.ifad.org) е специјализирана агенција на Обединетите нации, која во 1977 година е основана како меѓународна финансиска институција за помош во земјоделството. За разлика од другите финансиски институции кои имаа многу поширок опсег на работа, ИФАД има точно утврдена цел:

  • подобрување на стандардот на живеење на населението во руралните средини;
  • спроведување проекти што ја намалуваат руралната сиромаштија во земјите во развој;
  • зголемување на приходите во домаќинството ;
  • зајакнување на индивидуалното земјоделско стопанство;
  • подобрување на производството и неговата конкурентска моќ на пазарите.

Првиот кредит од ИФАД во Република Македонија во 1997 година е наменет за имплементација на Проектот за рурален развој на јужните и на источните региони – ИФАД 1. Вредноста на заемот, со кој се задолжува државата за реализација на овој проект, изнесува 7,6 милиони УСД.

Во 2002 година почна имплементацијата на Проектот за финансиски услуги во земјоделството – ИФАД 2, во вредност од 8 милиони УСД, со рок на реализација до 2007 година (5 години). Финансиска поддршка е обезбедена и од Кралството Шведска, преку Шведската агенција за меѓународен развој – СИДА, со грант од 854.740 УСД.

Поради високите каматни стапки во 2007 година Владата се откажа од ИФАД 3, и развојот на земјоделството го започна преку земјоделскиот дисконтен кредитен фонд.

Земјоделски кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ)

Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) е одговорна институција за администрирање на обновливиот кредитен фонд формиран од кредитните линии ИФАД 1, ИФАД 2, кредитните линии за поддршка на приватниот сектор од Светската банка ПСДЛ 1, ПСДЛ 2 и кредитната линија од ЕИБ Апекс глобален заем. Овој кредитен фонд е наменет за кредитирање на агрокомплексот преку 11 (единаесет) вклучени финансиски институции, со кои Министерството за финансии има склучено Под-договори за заем (Шпаркасе банка Македонија, Комерцијална банка, НБЛ Тутунска банка, ЦКБ, Стопанска банка - Скопје, Стопанска банка - Битола, УНИ банка, Прокредит банка, Охридска банка, Штедилница Можности и Штедилница ФУЛМ).

Од јули 2010 година, ЗКДФ функционира во рамките на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).

Основната цел на ЗКДФ е обезбедување одржливи финансиски услуги во земјоделството кои се исплатливи за финансиските институции, а во исто време прифатливи за носителите на земјоделски стопанства, малите и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и извоз на земјоделски производи и физичките и правни лица што имаат склучено договор за користење средства од програмата ИПАРД.