Соработка во Европска банка за обнова и развој (ЕБОР)

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) www.ebrd.com е основана во 1991 година со седиште во Лондон со цел финансирање структурни проекти во поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа, поддржувајќи ги во нивната транзиција кон пазарната економија и во изградбата на демократски општества.

Во моментов, ЕБОР се смета за еден од најголемите инвеститори во регионот, кој привлекува големи странски директни инвестиции како резултат на своето финансирање. Банката е во сопственост на своите земји - членки, односно на 65 држави, меѓу кои и Република Македонија и 2 меѓувладини институции (http://www.ebrd.com/pages/about/who/shareholders.shtml). Капиталот на Банката е обезбеден од нејзините земји - членки. Сепак, и покрај фактот што земјите - членки се јавуваат како акционери, ЕБОР покрај во јавниот сектор, инвестира и во приватниот сектор.

ЕБОР обезбедува финансирање за банките, индустриите и бизнисите, односно финансирање нови инвестиции и инвестиции во веќе постоечки компании. Дополнително, ЕБОР работи со претпријатија кои се во државна сопственост, односно ја помага нивната приватизација, преструктуирање и подобрување на услугите на општините. Мандатот на ЕБОР изречно укажува дека Банката работи со земји кои се посветени на демократските принципи. ЕБОР исто така ја нагласува политиката на заштита на животната средина, која е дел од сите инвестиции на ЕБОР.

ЕБОР е активна во Република Македонија уште од 1993 година и е еден од најголемите инвеститори во земјата. Соработката на ЕБОР со Република Македонија се одвива во рамки на приоритетните сектори и цели утврдени во Стратегијата на ЕБОР за Република Македонија 2013-2016 година, којашто е одобрена на 1.5.2013 година од страна на Одборот на директори на ЕБОР. Во Стратегијата фокусот е ставен на следните 3 области:

  1. зајакнување на конкурентноста и олеснување на влезот на приватни инвестиции во корпоративниот и општинскиот (municipal) сектор;
  2. промовирање енергетска ефикасност и искористување обновливи извори на енергија; и
  3. унапредување на регионалната интеграција.

Од 1993 година до денес ЕБОР има одобрено 104 проект во Република Македонија во вкупен износ од 1.620 милиона евра, од кои 87% од средствата наменети за  проекти во јавниот сектор, а останатите за проекти во приватниот сектор.

Тековни проекти финансирани од Европска банка за обнова и развој