Соработка со Светска банка

Групацијата на Светска банка (www.worldbank.org) е една од светските водечки институции во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој. Таа е развојна банка што обезбедува заеми, советодавна поддршка за политики, техничка помош и услуги насочени кон размена на знаењето.

Светска банка е една од специјализираните агенции на Обединетите нации, која има 189 земји-членки како акционери. Бројот на акции што може да ги има една земја се заснова приближно на големината на нејзината економија. Владите-акционери во Светска банка се застапувани од страна на Одборот на гувернери, како главен креатор на политиките, кој делегира специфични задачи на 25-те Извршни директори. Претседателот на банката претседава со состаноците на Одборот на директори и е задолжен за целокупното управување со банката.

Групацијата на Светска банка се состои од пет тесно поврзани институции:

  • Меѓународнатa банка за обнова и развој (IBRD) работи на намалување на сиромаштијата во земјите со среден доход и посиромашните земји, со поттикнување одржлив развој преку заеми, гаранции и аналитички услуги;
  • Меѓународното здружение за развој (IDA) ги финансира најсиромашните земји со цел намалување на сиромаштијата преку обезбедување бескаматни заеми и грантови според одредени критериуми на прифатливост;
  • Меѓународната финансиска корпорација (IFC), како најголем мултилатерален извор на заеми и финансирање со акционерски капитал за проекти за приватниот сектор во земјите во развој, го поттикнува одржливиот развој на приватниот сектор, главно преку финансирање проекти, помош за приватните компании да мобилизираат финансиски средства на меѓународниот финансиски пазар и обезбедување техничка помош за деловните активности и за владите;
  • Мултилатералната агенција за гаранција на инвестициите (MIGA) ги осигурува инвеститорите од политички или од некомерцијални ризици, посредува во спорови помеѓу инвеститорите и владите, дава совети на владите во врска со привлекувањето инвестиции;
  • Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID) ги решава инвестициските спорови помеѓу странските инвеститори и нивните земји-домаќини.

Република Македонија стана членка на Светската банка во 1993 година и е дел од Холандската конституенца. Мисијата на Светска банка во Република Македонија се фокусира на поттикнување и поддршка за создавање нови работни места, како и на подобрување на стандардите за живеење преку спроведување и финансирање проекти, консултантски услуги и истражување во насока на градење капацитети, развој на човечки ресурси и инвестиции во инфраструктурата (www.worldbank.org.mk).

Досега, Светската банка се покажа како исклучително лојален и посветен партнер, кој даде особен придонес во реформирањето и модернизирањето на сите сегменти на македонската економија. Тековната помош од Светска банка се спроведува во согласност со приоритетите утврдени во Стратегијата за партнерство на Република Македонија со Светска банка за периодот  2015-2018 година.

Согласно Стратегијата за партнерство на Република Македонија со Светска банка, помошта од оваа меѓународна институција се фокусира на следново:

  • поддршка на земјата на нејзиниот пат кон Европската унија,
  • зајакнување на нејзината конкурентна способност и подобрување на макроекономското окружување,
  • зајакнување на економскиот раст преку зголемување на вработеноста,
  • зајакнување на системот на социјалната заштита и
  • поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија, кои ќе придонесат кон развој на значајни проекти во областа на енергетскиот сектор.

Иако најголем дел од помошта на Светска банка во Република Македонија се состои од ИБРД-заеми, кои креираат обврска за нивно отплаќање, Светска банка преку своите одржливи проекти има значајна улога и во донаторската заедница во Република Македонија.

Групацијата на Светска банка е присутна во Република Македонија и преку услугите на IFC (www.ifc.org) и MIGA (www.miga.org).

Тековни проекти финансирани со заеми од страна на Светска Банка во Република Македонија