Соработка со Сојузна Република Германија

Соработката на Република Македонија со СР Германија датира од 1992 година, а се фокусира пред сè на областите водоснабдување и отстранување отпадни води, наводнување, заштита на човековата околина, унапредување на приватното претприемништво, алтернативни извори на енергија и демократизација на цивилното општество.

Во рамки на билатералната соработка Владата на СР Германија има инвестирано околу 346  милиони евра во Република Македонија. Имено, финансиската соработка како дел од  развојната соработка ја спроведува KфВ развојната банка (www.kfw.de) со поддршка на Амбасадата на СР Германија во Република Македонија, а техничката соработка во најголем дел ја спроведува Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ (www.giz.de).

KфВ развојната банка е дел од групацијата KfW Bankengruppe која е одговорна за финансиска соработка со земјите во развој. Таа обезбедува долгорочен капитал и поттикнува инвестиции во инфраструктурата, финансиските системи и во заштитата на животната средина.

Мисијата на KфВ развојната банка во Република Македонија е промовирање на одржливиот развој, поддршка на транзициониот процес и помош во приближувањето кон ЕУ.

KфВ нуди поддршка во следните сектори: обезбедување безбедни и висококвалитетни комунални услуги,  водоснабдување, отпадни води и цврст отпад, заштита на природата и животната средина, енергетска ефикасност и обновливи енергии и промовирање нови работни места преку развој на приватниот сектор.

Поголем дел од работата на ГИЗ е со овластување на германското Министерство за економска соработка и развој на СР Германија. ГИЗ исто така работи и во име на други германски министерства, а соработува и со владите на други земји, како и со Европската комисија, Обединетите нации и Светската банка.

ГИЗ испраќа експерти кои советодавно соработуваат со македонските владини институции при реформа на даночната политика, регионалниот и комуналниот развој на стопанството или унапредување на извозот. Притоа ГИЗ соработува со Центарот за меѓународна миграција и развој, преку кој дополнително испраќаат квалификувани стручни и раководни лица во Република Македонија кои го пренесуваат своето знаење и искуство во форма на консултантски услуги.

Проекти финансирани од Кредитната банка за обнова