Соработка со Европска инвестициона банка (EИБ)

Европска инвестициона банка (ЕИБ) www.eib.org е непрофитна финансиска институција на Европската унија (ЕУ), со седиште во Луксембург, формирана во 1958 година со Римскиот договор. Нејзина основна задача е да придонесе кон интеграција, балансиран развој и социјална и економска кохезија на земјите членки на ЕУ. Мисијата на ЕИБ е унапредување на политичките и развојните цели на ЕУ преку обезбедување долгорочно финансирање специфични проекти за капитални инвестиции. Како институција на ЕУ, ЕИБ ги поддржува нејзините политики преку финансирање стабилни јавни и приватни инвестиции.

Членки на ЕИБ се 28-те земји членки на ЕУ, додека нејзини раководни органи се Одборот на гувернери, Одборот на директори, Управниот одбор и Ревизорскиот одбор.

Почнувајќи уште од 1963 година, ЕИБ во согласност со европската политика за соработка и помош во развојот одобрува заеми и на земји кои не се членки на ЕУ. Дополнително, Европската заедница ѝ доделува на ЕИБ гаранција за претрпени загуби, кои би произлегле од заемите или гаранциите доделени за проекти надвор од Европската заедница, со цел стимулирање на активностите на ЕИБ надвор од границите на ЕУ, особено во земјите кои сакаат да станат полноправни членки на ЕУ, без притоа да се наруши кредитниот рејтинг на ЕИБ.

Со потпишувањето на Протоколот 3 за финансиска соработка на Спогодбата за соработка меѓу Република Македонија и Европската заедница во 1997 година, ЕИБ за прв пат почна да ѝ доделува заеми на Република Македонија како суверен заемопримач. Соработката беше зајакната во април 2008 година со потпишување на Рамковната спогодба со ЕИБ за регулирање на активностите на ЕИБ во Република Македонија, со што се отворија нови можности за реализација на проекти од области кои се од клучно значење за Република Македонија. Од 1998 година до денес ЕИБ има одобрено проекти во јавниот сектор во Република Македонија со вкупен износ од 669 милиони евра.

Активностите на ЕИБ се фокусираат главно на четири приоритетни области:

  • иновации и вештини;
  • пристап до финансии за малите претпријатија;
  • инфраструктура;
  • животна средина и климатски промени.

Тековни проекти финансирани од Европската инвестициона банка