Ставрески: Буџетот за 2013 ќе биде развоен, соодветен одговор на должничката криза

Државата веќе од денеска почна да се раздолжува со фирмите. Во интервју за Економски.мк, министерот за финансии Зоран Ставрески вели дека првата половина од долгот ќе биде исплатена за еден месец, а целиот процес ќе заврши до февруари догодина.

Приоритет на буџетот за 2013 година е состојбата со долговите да не се повтори. Буџетот кој се уште се крои ќе биде развоен и соодветно ќе одговори на предизвиците од должничката криза во Европа.

 

Економски.мк: Државата најавува раздолжување со стопанството заклучно со февруари. Со која динамика ќе се одвива овој процес?

Ставрески: Веќе од денеска работиме на постапно намалување на доцнењето на поврат на ДДВ и плаќањето на фактурите. Согласно целта која си ја поставивме и ветувањето кое Премиерот Никола Груевски го даде пред македонската бизнис заедница е до крајот на февруари 2013 година овој проблем да се надмине. Очекувам дека првата половина од средствата ќе биде исплатена заклучно ноември, а втората половина во ветениот рок заклучно февруари.
Исто така, при креирањето на фискалната политика во 2013 година како приоритет ќе биде ставено овој проблем да не се повтори во иднина.

Економски.мк: Раздолжувањето ќе предизвика зголемување на буџетскиот дефицит за 1% оваа и наредната година. Дали зголемувањето на дефициот беше единствената можност што стоеше на располагање во моментов?

Ставрески: Македонија е земја со понизок буџетски дефицит и задолжување во Европа. Водиме здрава и стабилна макроекономска политика. Со зголемувањето на буџетскиот дефицит за 1% ние нема да отстапиме од овој концепт. Поддршка добивме и од меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка кои овој потег на Владата го сметаат за краткорочен позитивен чекор во макроекономијата. Потврда за ова е и подготвеноста на Светска банка на Република Македонија да и издаде гаранција со која земјата ќе може да земе средства на меѓународниот пазар на капитал по двојно помала цена од пазарната. Македонија и понатаму ќе остане макроекономски стабилна држава, и понатаму ќе биде помеѓу 4-5 најниско задолжени земји во Европа и десетина држави со најнизок буџетски дефицит во Европа, а истовремено, ќе се елиминираат или сведат на минимум проблемите со задоцнетите плаќања од буџетските институции.

Економски.мк: Тоа ќе влијае на кредитниот рејтинг односно ќе се зголемат трошоците за задолжување на земјава. На кој начин Владата ќе го затвори дефицитот?

Ставрески: Планираме да ја искористиме погодноста која ни ја нуди Светска банка преку инструментот PBG (Policy Based Guarantee). Овој инструмент Светска банка го дава на стабилни економии со здрава макероекономска политика и ниско ниво на државен долг. Благодарение на овој инструмент ќе дојдеме до евтини средства на пазарот на капитал – на пример ако каматната стапка кај комерцијалните банки се движи меѓу 8 и 9 отсто ние ќе добиеме двојно пониска камата.
Процената на кредитниот рејтинг е на кредитните агенции, но очекувам дека тие ќе го вреднуваат фактот дека Македонија и понатаму ќе остане една од земјите кои имаат најнизок државен долг во Европа и меѓу најниските буџетски дефицити во Европа.

Економски.мк: Најавено е зголемување на пензиите и социјалната помош, нови инфраструктурни прокети. За што друго ќе има пари во буџетот во 2013 година?

Ставрески: Буџетот за 2013 година се уште не е затворен, но би кажал дека ќе продолжиме со реализацијата на зацртаната агенда. Ќе ставиме акцент на крупните капитални инвестиции како изградбата на автопатот на Коридорот Александар Македонски и други автопати, изградбата на националната гасоводна мрежа, изградбата на пругата кон Бугарија и реконструкција на пругата на Коридорот X, изградбата на крупни енергетски проекти и сл. Исто така, Владата ќе продолжи да инвестира во изградба на инфраструктура во ТИРЗ и индустриските зони со што ќе ги охрабри странските и помогне домашните инвеститори за нови инвестиции и отварање на нови работни места.
И покрај сето ова – зголемување на пензиите, социјалните надоместоци, субвенциите за земјоделците и поттикинување на инвестициски циклус, ќе останеме доследни на политиката на ниски даноци и Македонија ќе биде една од ретките земји во Европа која нема да ги зголеми даноците.

Економски.мк: Откривте дека дефицитот догодина ќе изнесува 3,5%. Дефинирани ли се другите макроекономски показатели за буџетот во 2013 година?

Ставрески: Како што реков тој се уште не е затворен, но уште од сега можам да кажам дека буџетот за следната година ќе биде соодветен одговор на европската должничка криза и основа од која ќе тргне економскиот развој кога истата ќе се надмине.