Поставување камен-темелник за реализација на проектот за подобрување и модернизација на ГП „Блаце“, 11.07.2010

Ми претставува особена чест и задоволство од името на Владата на Република Македонија и Министерството за финансии да ја истакнам важноста на денешниот настан кој претставува голем чекор во осовременувањето на патничкиот дел на граничниот премин Блаце.

Сакам да ја искористам оваа прилика да ја поздравам долгорочната и успешна соработка со Светска банка, без чија подршка овој проект немаше да се реализира. Ќе ја истакнам и поздравам и посветеноста со која Царинската управа пристапи кон спроведување на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Југоисточна Европа. Станува збор за еден од позначајните регионални проекти со кој на Македонија и се доделени средства во износ од 15 милиони евра. Тој има за цел да го олесни движењето на стоките помеѓу Република Македонија и земјите од Југоисточна Европа, преку отстранување на тесни грла во инфраструктурата на граничните премини и подобрување на квалитетот и ефикасноста на патните и железнички услуги долж транс-европскиот Коридор X на територијата на Република Македонија. Во рамките на овој проект, Царинската управа е вклучена во реализацијата на компонентата за изградба на Граничниот премин Блаце – патнички дел.

 

Со започнување на модернизацијата и зголемување на капацитетот на преминот, уште еднаш се потврдува заложбата на Владата на Република Македонија во нејзините реформски активности насочени кон подобрувањето на деловното окружување преку вложување во сообраќајната инфраструктура и зголемување на регионалната соработка.

 

Граничниот премин ќе биде осовремен по европски стандарди. Ќе биде изградена нова административна зграда за царината, за полицијата, за фитосанитарната и ветеринарната инспекција. Ќе се изгради и објект за контрола на автобуси и патници, а коловозните ленти ќе бидат проширени. Сето тоа ќе придонесе во осовременување на граничниот премин Блаце и ќе се забрза протокот на лесни возила, автобуси и пешаци. Со изградбата на сите овие објекти се овозможува не само олеснета и поквалитетна работа на државните органи надлежни за граничното работење, туку пред сè, можност за обезбедување на поквалитетни услуги на патниците и шпедитерите.

 

Со 324 милиони долари размена минатата година, Косово е на листата топ десет трговски партнери на Република Македонија. Што е најбитно, во трговската размена, Македонија остварува најголем суфицит токму со Косово. Ако во првите пет месеци минатата година трговското салдо со Косово изнесувало 35 милиони долари, за истиот период годинава е дури четири пати поголемо и изнесува 165 милиони долари. Само овој пример ја докажува важноста на овој проект, кој ќе овозможи интензивирање на трговската размена, преку олеснување на протокот на стоки и услуги.

 

Новиот патнички премин се очекува да ја зголеми реалната пропусна моќ на границата кон Косово за 2 до 3 пати во однос на сегашното ниво на сообраќај и оптеретување, како и да ја зголеми безбедноста и сигурноста на сите учесници во сообраќајот.

 

Би сакал да истакнам дека придобивките од современиот патнички премин се многубројни, не само подобрен патнички сообраќај и олеснета прекугранична трговија, туку и зголемен пристап на македонските производи на европските пазари, и подобрена конкурентност на домашната економија на тие пазари.

 

Почитувани,

 

Почетокот на градежните работи на реконструкција на граничниот премин Блаце претставува настан од големо значење за Владата на Република Македонија. Се надеваме дека идната година ќе имаме современ патнички премин кој ќе има значајна улога во комуникацијата со сите земји во регионот и ќе биде пример за тоа како треба да изгледа и функционира целокупната сообраќајна инфраструктура на граничните премини насекаде.

 

Ви благодарам.