Обраќање на ЗПВРМ Зоран Ставрески, на корпоративниот прием na Societe General 15.12.2009

Mи претставува особена чест во име на Владата на Република Македонија и Министерството за финансии да ги поздравам присутните на овој свечен настан.

Задоволство е да се присуствува на прослава по повод успешниот професионален ангажман на првиот човек на Охридска банка, членка на Societe Generale групацијата.

Societe Generale е првата глобална банка од редот на најреномираните европски финансиски институции, која инвестираше во Република Македонија. Влезот на Societe Generale во Македонија создаде нови можности за раст и развој на Охридска банка, а истовремено донесе бројни придобивки за зајакнување на конкурентноста на финансискиот сектор во нашата земја.

За Република Македонија ова претставува чекор и напред кон остварување на стратешката определба за привлекување на странски инвестиции. Societe Generale преку Охридска банка придонесе за: зголемување на девизниот прилив, воведување на нови технологии, знаења, стандарди и современ начин на управување во банкарскиот сектор.

Во услови на една ваква криза од глобални размери, банкарскиот сектор во Република Македонија се покажа меѓу најотпорните од земјите во Југоисточна и Централна Европа. Иако кризата не ги одмина банките, тие располагаат со доволно капитал за покривање на ризиците од работењето, имаат висока солвентна позиција и стапката на адекватност на капиталот е за двапати повисока од законскиот минимум. Добрата поставеност на банкарскиот сектор во Република Македонија, како и прудентноста и одговорноста на банките, го направи овој сектор отпорен на негативните шокови и спречи појава на ненадминливи последици за македонската економија.

Во такви отежнати услови, нудејќи им стабилен извор на финансирање на претпријатијата и населението, Охридска банка дава голема поддршка на македонската економија. Дотолку повеќе што по влезот на Societe Generale во Охридска банка отворени се 150 нови работни места, а бројот на филијали е двојно зголемен од 13 на 26. За поздравување е и одлуката на банката да учестува во реализацијата на владините проекти за самовработување и за обезбедување на поволни кредити за малите и средни претпријатија од Европската Инвестициона Банка, која се одвива преку МБПР.

Охридска банка претставува синоним за успешно работење кое резултираше со нејзино рангирање на четвртото место во македонскиот банкарскиот систем.

Остварените резултати, секако, се должат на меџментот на банката предводен од г-нот Бернард Коениг, во чија чест сме вечерва тука. Сигурен сум дека г-динот Коениг даде голем придонес во создавањето на цврсти основи за понатамошен раст и развој на банката. Се надевам дека неговиот наследник г-ѓа Јитка Пантучкова, ќе ја следи позитивната пракса во работењето и заедно со целиот тим ќе ја води банката кон идни успеси.

Вам, г-дин Коениг, Ви посакувам многу добро здравје и пријатни пензионерски денови, а на сите вработени во Охридска банка и на сите присутни им посакувам среќа и успех во Новата 2010 година.

Ви благодарам.