Интервју за "Глобус", 03.07.2007

"Власта го врати оптимизмот на луѓето"


- Во анкетата на „Глобус“, угледни новинари Вас и министерката Јанкуловска Ве прогласија за најуспешни министри, со ласкави оценки за Вас од типот „компетентен, одмерен, реален, и една од ѕвездите во оваа Влада“. Колку Ви значат ваквите коментари?

На секој човек кој целосно и искрено се вложува во работата, му е пријатно да слушне позитивен коментар за неговата работа. Сепак, задржувањето на самоконтролата е многу значајно кога имаш ваква функција. Најголема доблест кога си на власт е всушност да ја задржиш власта врз себеси. Многу малку луѓе успеваат во тоа.
Значајно е и убаво да се слушнат позитивните оценки од уредниците и новинарите бидејќи тие се интелектуалната сила на оваа земја и воедно посредниците меѓу нас и пошироката јавност. Коментарите ги доживувам како показател дека мојата работа добро се вреднува, но уште повеќе како обврска да продолжам да ја извршувам на начин и со квалитет кој јавноста го оценува како добар. Во тој контекст ги прифаќам и сите издржани критики и конструктивни сугестии. Мојата функција е јавна и подложна на мислења и забелешки од кои може да се научи и да се преиспита сопствениот став.

 

- Од друга страна, за Владата имаше и оценки дека нема министер кој посебно се истакнува, зашто наводно политичката суета на премиерот Груевски  не дозволува некој премногу да штрчи, како и дека сите министри се, всушност, послушни бирократи кои треба да ја реализираат програмата 'Сто чекори', и кои не смеат да се експонираат во интерес на партиската програма. Каков е Вашиот коментар?
Владата има исклучително богата и амбициозна програма која нуди можност за креативност и презентација на интелектуалните и менаџерски капацитети на сите министри и Премиерот. Секако премиерската функција по самата природа  е поекспонирана и тоа е карактеристично за секоја земја. Тоа не подразбира експонираност само во однос на правата, туку и на обврските и одговорноста за реализација на програмата онака како што им е ветено на граѓаните. Одговорноста на Премиерот во овој контекст е најголема и затоа е природно тој да инсистира на навремено и сериозно исполнување на обврските од страна на министрите. Истовремено, сите соработници знаат дека Груевски е отворен за добри, креативни предлози кои доаѓаат не само од министрите, туку и од останатите менаџерски структури во институциите. За секоја позначајна работа дискутираме со часови, на Влада или во друго време. Во целина, Премиерот и министрите засега функционираат координирано и тоа е еден од клучните фактори на успехот.

 

- Колку држат оценките дека високиот рејтинг на владата се должи пред се на одличниот маркетинг кој секојдневно се одвива низ медиумите како во предизборна кампања? Дали Вам лично не Ви пречат популистичките маркетиншки потези на Владата, како „тимските“ прес-конференции, преносите на владините седници и кампањите „на јуриш“?
Тие кои сметаат дека можеш континуирано да го одржуваш рејтингот на таков начин, всушност го потценуваат здравиот разум на народот. Зарем некој сериозно мисли дека четири години можеш да импровизираш и притоа никој тоа да не го "прочита"? Точно е дека во изминативе 15 години имаше такви политичари, со чии импровизации Македонија и се доведе на ова ниво. Би било неинтелигентно уште една нова генерација на политичари да се обиде со истиот, докажано неуспешен рецепт. Маркетингот помага само ако имаш добар производ, реален производ.
Нашиот принцип е всушност многу едноставен: работиме напорно и нашата работа транспарентно ја презентираме пред јавноста. Како се работи на одделно прашање, што е сработено, кои се плановите и визијата за во иднина. Луѓето имаат право да го знаат тоа. Успехот на реформите зависи од тоа. Не можете да успеете во реформите доколку не ги вклучите сите структури: политичката опозиција, бизнис заедницата, медиумите, невладиниот сектор и сите граѓани. Секој од нив треба да знае што правиме, зошто го правиме и каде ќе стигнеме доколку го направиме. Само така може да се врати довербата на граѓаните во политичките лидери. Власта, министерската и административната работа треба да се демистифицираат, да се приближат кон обичниот граѓанин. Преку таквата работа и ние изградуваме одговорен однос кон политиките кои ги предлагаме и реализираме, што води кон подобар квалитет на работата и подобри резултати.

 

- Една скопска телевизија ја помести вашата изјава – обраќање до премиерот од една владина седница („Со оглед на тоа што мојата канцеларија е непосредно до вашата и кога јас го гасам светлото, околу 11, 12 часот навечер, вашето се уште свети“) како дел од „Владината ТВ сапуница“. Коментар?
Звучи симпатично, а сепак е целосно вистинито. Поентата беше дека отчетот на Владата по првите 100 дена се однесуваше не само на првите 100 дена, туку и на исто толку ноќи. Владата многу напорно работи на реализација на програмата која треба да го подобри социјалниот  и економскиот стандард на населението. Тоа подразбира работење и во ноќните часови, викендите, празниците. Тоа е наша определба, наш стил на работа и однос кон обврските.

 

- Владата најави решителна борба против криминалот и корупцијата која засега се сведува на многу маркетинг и „загребување“ по површината со апсење на третите ешалони. Имаат ли ВМРО-ДПМНЕ и Владата сила и доблест да го исполнат она што им го ветија на своите гласачи во 1998-та, а не го направија – да се пресметаат со криминалот, вклучувајѓи ги и „мангупите во своите редови“?
Би одговорил со факти, а јавноста нека процени за квалитетот на борбата против корупцијата: експресно се отвори и затвори со судски епилог случајот Бачило со кумулативна казна од над 50 години за инволвираните; случајот против корумпираните полицајци и цариници; заплена на полoвина тон кокаин; отворањето на крупни случаи во борбата со тутунската мафија; формирани се предмети против еден заменик-министер, судија, обвинител, стечајни управници, професори, доктори итн. Меѓу нив има од сите политички провиниенции. Но, единствено важно е што криминалот им е заеднички именител. Само бескомпромисен и неселективен пристап гарантира успех во борбата против криминалот, која во секој случај не е лесна и бара перманентен напор од сите државни институции.

 

- Каде реално е Македонија во процесот на евроатланските интеграции? Може ли со студени глави да очекуваме членство во НАТО во догледно време и членство во ЕУ во следното десетлетие?
Република Македонија е на добар пат да ги оствари долгогодишните стремежи за интеграција во евроатланските структури. Минавме тешки години од осамостојувањето до денес, поминавме низ неколку големи искушенија каде само се потврди зрелоста на нашиот народ и неговата способност да ги преброди премрежијата, излегувајќи помудар и посилен од сите нив. Денес е веќе извесно дека во 2008 година Република Македонија ќе добие покана за членство во НАТО. Врз основа на сработеното, на исполнување на сите политички, економски и други критериуми, исто така очекуваме во првата половина од 2008 да добиеме и датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Тоа се реални очекувања, при што е многу значајно што огромно мнозинство од граѓаните на Република Македонија даваат целосна поддршка на нашите напори за интеграција во ЕУ и НАТО. Последната јасна порака од претседателот на САД Џорџ Буш, како и постигнатиот договор за замена на Уставот на ЕУ со нов договор кој ќе овозможи институционални реформи и продолжување на процесот на проширување на Унијата со нови членки, се од особено добри вести за нас. Но нема опуштање до целосното остварување на целта. Работиме сериозно на реформите и на одржувањето на добри меѓуетнички односи, со цел да бидеме целосно подготвени за влез во НАТО и ЕУ.

 

- Како го оценувате предлогот на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгивски за поделба на територијата на Македонија меѓу Македонците и Албанците?

  • Каква е Вашата оценка за 2001? Како ќе се развиваат меѓуетничките односи во Македонија? 

Добрите меѓуетнички односи се клучот за стабилноста на Македонија, кој гарантира трајна стабилност, развој на земјата и остварување на приоритетните цели како што се интеграција во ЕУ и НАТО. Граѓаните од сите етнички групи, како и политичките партии во Република Македонија, покажаа висок степен на зрелост да се најде излез од искушенијата во кои се најдовме во 2001. Конфликтот беше запрен преку политички договор. Сите идеи за "социјален инжинеринг" и слично, како и во многу други епохи и земји, завршија и ќе завршуваат на буништето на историјата. Едноставно, народот ги отфрла.
Во еден исклучително краток временски период од историски аспект, Република Македонија оствари огромен пресврт: од земја на работ на голем конфликт, денес сме сериозен кандидат за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е голем успех за кој се заслужни сите граѓани. Охридскиот рамковен договор е институционалната основа која овозможи да се надминат кризите и да се отворат нови перспективи за сите граѓани. Токму затоа ние сме целосно посветени на негова доследна и целосна имплементација согласно Уставот на Република Македонија. Тоа ја прави Македонија денес, а и во иднина да биде пример за функционална мултиетничка демократија во која постои меѓусебна толеранција и рамноправност меѓу граѓаните.

 

- Акцентот во Владината програма е ставен врз економијата. Сепак, Владата во досегашниот мандат како да е презафатена со гаснење политички и меѓуетнички пожари?
Факт е дека добар број на луѓе работат на подобрување на економската состојба на граѓаните во Република Македонија. Факт е исто така дека уште поголем број на луѓе, за жал, работат против тоа. Против интересите на граѓаните и против приоритетните интереси на Република Македонија. Веројатно се работи за страв кај поединци дека Македонија овој пат може конечно да успее. Економски и политички. Па се подметнуваат и наметнуваат теми, се дефокусира јавноста, се предизвикуваат кризи. Тоа е вековната борба меѓу злото и доброто. Борбата меѓу оние кои велат: Македонија не може, Македонија не знае, Македонија нема сила и нема да успее. И една нова генерација која верува во Македонија.  Која вели дека Македонија може, Македонија знае, Македонија има сила и ќе успее. Која зборува за Македонци, а не за Македончиња!

 

- Опозицијата жестоко реагираше на Вашите податоци за порастот на БДП. Играше ли Владата со статистичките показатели, само за да ја плени јавноста?
Знаевме дека ќе има таква реакција, ја предвидовме. Се работи за психолошка бариера, за ментален склоп според кој во Македонија не е можно да има раст од 7%. Иако не спорат дека Србија, па и Црна Гора и Албанија, имаат такви стапки на раст. За нив е успех ако оствариме 4%, како сега да прифатат 7%? Тоа се истите кои пред некој месец ја плашеа македонската јавност дека намалувањето на даноците и воведувањето рамен данок ќе доведе до крах на приходите и голема криза во финансирањето на буџетските институции. Што е резултатот 5 месеци потоа? Околу 40 милиони евра повисоки приходи во буџетот од предвидените. Тврдеа дека растот нема да е повеќе од 4%. Што е резултатот 5 месеци потоа? Седум проценти според Државниот завод за Статистика, а не според Владата.  Тврдеа ќе има пад на инвестициите. Денес тие растат со стапка од 10,7%. Извозот расте со стапка од 43%. Тоа се нарекува победа на еден развоен концепт над друг.

 

- Изјавивте дека за да се почуствуваат благодатите, моменталниот растот треба да се да се одржува 10 години, со нови инвестиции и пораст на вработувањата. Ако и се точни бројките за растот, како Македонија ќе оди понатаму со ова ниво на инвестиции и без нови вработувања?
Економскиот раст е предуслов за зголемување на вработеноста. Инвестициите се во корелација со растот, некогаш претходат, а некогаш доаѓаат потоа, привлечени од високиот економски раст и перспективите на земјата. Ние очекуваме инвестициите да се зголемуваат експоненцијално во идниот период. Сите коцки на мозаикот полека се склопуваат: ефектите од даноците, регулаторната гиљотина, транспарентноста на Владата при контактите со инвеститорите, отвореноста за дијалог со бизнис заедницата, влезот на големи имиња како Социете Генерал, Џонсон Контролс, Агрокор, Џонсон Мети, итн. Исто толку значаен фактор во создавањето на моментум за економски динамизам е извесноста на нашето членство во НАТО и ЕУ. На ова се надоврзува агресивната и добро темпирана промотивна кампања. Целта на кампањата е не само привлекување на инвеститори, туку и брендирање на Македонија во политичкиот свет, да се чуе за нас. И тоа да се слушне за Македонија за добри, позитивни работи, а не за војни, блокади, етнички судири. Тоа е многу значајно, иако малкумина го разбраа. Денес многу луѓе во светот зборуваат за Македонија, знаат за Македонија и Македонците, врз основа на таа кампања.

 

- Верувате ли дека по 17 години лет во место, на Македонија ќе и тргне? 
На Македонија и тргна. Најважен показател за тоа е последната анкета на УНДП, која покажува дека се врати оптимизмот и довербата. Нешто што историски ни недостасувало. Тоа е од огромно значење за перспективата на оваа земја. За економски успех се потребни разумен оптимизам и доверба, инаку оние кои имаат пари нема да се решат да ги инвестираат на подолг рок. Враќањето на довербата во политичарите е вториот важен момент. Разбивање на стереотипот дека "сите се исти", кој единствено им одговара на неспособните, неработниците, оние без идеи и реализација. Што и да се случи со нас, едно е сигурно: по оваа Влада стандардите за работа на премиерот и министрите во Република Македонија се еднаш засекогаш подигнати на многу високо ниво. Никој веќе нема да може да добие избори без квалитетно и професионално изработена изборна програма; или да се затвори во кабинетот три и пол години за да во последните шест месеци излезе меѓу граѓаните. Мора да са работи сериозно, одговорно и чесно.

 

- Како дојде до Вашиот ангажман во Светска банка? Зошто се решивте да влезете во извршната власт? 
Предизвикот да се направи нешто значајно во животот е во секој од нас. Јас бев пет години во САД, на врвот на финансискиот свет. Постигнав многу, речиси максимум што може да се оствари на професионален аспект. Но не бев целосно среќен, имаше нешто што ми недостасуваше. Тоа го имам сега. Работам за неспоредливо помалку пари, но со неспоредливо поголемо задоволство. Можеби е тешко да се разбере, но работам за да има една детска насмевка повеќе во земјава, и тоа ми причинува најголемо задоволство.

 

  • Член на Владата станавте како независен експерт. Зошто влеговте во ВМРО-ДПМНЕ и прифативте и партиска функција?

 Човекот е хомо политикус. Ако сакате да влијаете врз процесите и да учествувате во раководењето на земјата, природно е да се вклучите во политичкиот живот. Секако тоа во одредени односи може да се прави и како експерт, но и во партиите има многу експерти од разни области. ВМРО-ДПМНЕ е партија која има христијанска идеологија, демократска ориентација, силна база, квалитетно лидерство и голем интелектуален потенцијал. Моето влегување во ВМРО-ДПМНЕ е затоа што верувам во мојата партија, во луѓето кои ја раководат, верувам дека можеме заедно да ја направиме Македонија многу подобро место за живеење. Имаме исти или многу блиски сфаќања за животот, работата, политиката, за тоа како Македонија да ја направиме економски побогата земја во која ќе се живее подобро и посреќно.

 

-Од кога датира Вашето пријателство со премиерот Груевски кое го крунисавте со кумство? Кумските врски меѓу првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот најблизок соработник, во еден период ги полнеа весниците со приказни „од дворот“. Би жртвувале ли пријателство за успех во политиката?

Со Никола се знаеме десетина години, од времето кога тој беше многу активен млад брокер и постојано не "бомбардираше" со предлози, додека јас бев член на Управниот одбор на Македонска берза. Но, поинтензивно се дружиме од Нова Година 2000. Поточно од еден телефонски повик кога јас бев во Лондон, а тој ми се јави со понуда за Потсекретар во Министерството за Финансии. Оттогаш наваму сме речиси неразделни, а контактите продолжија сите овие години кога јас бев во САД. Со него многу лесно и со многу малку зборови се разбираме. Професионалниот однос набрзо прерасна и во приватно пријателство. Затоа не се двоумев ни секунда кога ме почести со понуда да им бидам венчален кум со Боркица. Нашето пријателство е многу поголемо и потрајно од политичките кариери.

 

- Зоран Ставревски, приватно?
Мојата сопруга Антонета и ќерката Катерина се моите најблиски. Во брак сум осум години. Во основа сме скромно семејство, посветено во голем дел на Катерина и нејзиното детство. Антонета држи не три, туку три и пол столба од куќата, јас главно навраќам за спиење. Таа е магистер по економија, работеше за Светска банка со специјализација во сферата на пазарот на работна сила. Малкуто слободно време и го посветувам на Катерина, да бидеме колку - толку заедно. Децата брзо растат, а времето не се враќа. Се обидувам да и објаснам зошто малку се гледаме, се надевам дека еден ден ќе ме разбере. Во септември треба да тргне на училиште со само 5 години и 9 месеци. Министерството за образование мораше да ми даде дебело образложение кога го дискутиравме на Влада предлогот за деветолетка со кој Катерина и сите други деца под 6 години мораат да тргнат на училиште овој септември. На крајот ме убедија со силата на аргументите, иако би сакал да можеше да остане дете уште една година. Светот на возрасните не е секогаш забавен.