Интервју за "Форум", 13.07.2007

"Mора да научиме да веруваме во успех"

 

Форум плус: Кои се вашите впечатоци од неодамнешната посета на Италија во рамките на бизнис-турнејата за претставување на можностите за бизнис во Македонија? Кога може да очекуваме фидбек од оваа посета?
Ставрески: Директната посета на земји и разговори со бизнисмени и луѓе кои донесуваат одлуки на највисоко ниво, е модерен начин на претставување на бизнис-можностите на една земја, во случајов на Македонија. Се разбира, ефектите од една ваква посета треба да се анализираат на две нивоа. Прво е брендирањето на земјата, кое ги надминува инвестициските рамки. Македонија на овој начин се претставува како модерна европска земја во којашто постојат квалитетни економски политики, кои се усогласуваат со европските стандарди, земја којашто се стреми кон ЕУ и кон НАТО. И од тој аспект, ефектите на некој начин се постигнуваат веднаш. Со ваквите средби имате можност на директни средби со видни јавни и политички личности. Преку тие средби практично се промовира Македонија. Второ е презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија, конкретна презентација на условите и компаративните предности.

 

Колкави се познавањата на Италијанците за Македонија?
Бидејќи сме свесни за малите познавања на можностите на Македонија не само во Италија, туку воопшто, се решивме на ваков чекор. Првично преку кампањата Инвестирајте во Македонија, која ги претстави бизнис-можностите на земјава (која, меѓу другото, беше претставена и во италијанските медиуми), и секундарно со директна посета. Нашата цел е двојна: прво, привлекување инвеститори, а пошироката цел, како што веќе напоменав, брендирање на Македонија. Значи, формирање една поубава слика за земјава, а не преку конфликти и нестабилност. Од тој аспект, ефектите од ваквите турнеи се одлични. Илјадници луѓе со кои имавме средби дознаа многу нови информации за Македонија. Вториот дел од приказната е оној што се однесува на странските инвестиции. И во тој дел она што максимум може да се оствари од една првична средба е да се презентираат најатрактивните работи во однос на нашата бизнис-клима. И ние тоа го направивме. Процесот што следува понатака е нивна бизнис-делегација, предводена од европарламентарецот Вернола, да ја посети Македонија во септември.

 

Некои од експертите коментираат дека бизнисмените се оние што треба да го бараат бизнисот, а не Владата.
Приватниот сектор е во центарот на инвестициите и на бизнисот. Тоа не е спорно. Владите треба само да ги отвораат вратите, со цел бизнисмените да можат да се сретнат, да осознаат што има на другата страна и после тоа евентуално да дојде до договор меѓу нив за заеднички деловен потфат кој ќе биде профитабилен за двете страни. Планираната средба на италијанските и на македонските бизнисмени за во септември ќе им овозможи на двете страни да дојдат до ваков контакт и до евентуална реализација на заеднички конкретни проекти. Приватниот сектор е оној што ќе ја подаде раката еден на друг. Наша работа е да ги доближиме.

 

Кампањата Инвестирајте во Македонија беше промовирана и во Италија. Знаеја ли италијанските бизнисмени за нашите бизнис-предности?
Повеќето италијански бизнисмени ги знаат базичните бизнис-податоци за Македонија, благодарение на кампањата. Меѓутоа, друго е кога ќе седнете и ќе направите разговор и ќе одговорите на десетици прашања. Поинаков е впечатокот кога ќе видат со која сериозност, со која пожртвуваност се однесувате, дали навистина сте посветени на тие цели или не. Таа институционална архитектура која ние ја формиравме преку тимот Македонија - предводен од премиерот и високата владина делегација, двајцата министри за странски инвестиции и зајакнатата Агенција за странски инвестиции - кај потенцијалните инвеститори создава слика на сериозност и преданост на целта, како и дека на тоа се работи систематски, а не инцидентно.

 

Колку време и пари се потребни за ваков тип на промоција?
Беше исцрпувачки, бидејќи сакавме нашата програма во Италија да биде амбициозна. Сакавме во што е можно пократок рок да оствариме што е можно повеќе контакти и да посетиме повеќе градови. Имавме контакти со повеќе од 400 компании, а за три дена посетивме шест градови. За целиот тим што беше таму, вкупните трошоци изнесуваа 19 илјади евра. Сметам дека тоа е доста скромно. Подготовките за посетата траеја околу месец и пол.

 

Колку се реални критиките од Брисел за даночната политика (еден од главните адути за инвестирање во земјава) која ја промовира Владата и за големите придобивки во индустриско-технолошките зони?
Ништо што прави Македонија не е исклучок, односно било претходно направено од други земји во ЕУ. Словачка и Чешка и ден-денес имаат големи бенефиции за инвеститорите. Од друга страна, значајно е да го презентирате тоа на начин што ќе биде прифатлив за Брисел и што ќе објасни со кои причини и со кои аргументи вие го правите тоа. А, аргументите во Македонија се секако ниската стапка на економски раст, големата невработеност и потребата од отворање нови работни места, за да се обезбеди повисок стандард. И тоа не го спори никој. Всушност, и немаше некои толку сериозни критики од Брисел. Повеќе беше формално-правна презентацијата на тие бенефиции, дали тие се усогласени со Законот за државна помош, затоа што таа е единствена правна форма која Брисел ја препознава, како облик преку кој може да се даваат такви бенефиции. Кога се утврди во што е проблемот, веднаш пристапивме кон изработка на анализа, која покажа дека бенефициите во Македонија се целосно усогласени со Законот, кој е прифатен од ЕУ. Во тој Закон, меѓу другото, се предвидува учество на Владата и до 50% во реализирање на инвестицијата. Значи, не постои никаков проблем од Брисел, откако нашите адути беа презентирани на начин како што се бара од ЕУ. При последната средба во Брисел ни беше оддадено и признание дека добро сме си ја завршиле работата.

 

Колкаво е моментното ниво на инвестиции и какви се очекувањата по тоа прашање до крајот на годината. Држат ли проценките дека на крајот на годината ќе имаме инвестиции од само 150 милиони евра?
Според прелиминарните податоци на Народна банка, за првите пет месеци се некаде околу 90 милиони евра, а портфолио-инвестициите се околу 60 милиони евра. Ланската година не е соодветна за споредба, затоа што имавме продажба на ЕСМ. Без ЕСМ, инвестициите во 2006 г. беа многу ниски и во тој дел во првите пет месеци имаме подобри резултати. Не сакаме да прогнозираме за нивото на инвестиции затоа што тоа зависи од многу фактори. Никој не може на економски издржан начин да ја направи таа проценка, затоа што треба да се земат предвид многу фактори. Но, сигурни сме дека оваа година ќе имаме повеќе инвестиции, и домашни и странски, отколку просекот во претходните години.

 

Ако продолжите со оваа темпо, која би била година на инвестиции. Следната или 2009 година?
Сметам дека следната година ќе имаме значителен пораст на нивото на инвестиции. И тогаш очекувам да дојдат до полн израз ефектите од нашите економски политики.

 

Има ли нови најави за потенцијални инвеститори?
Освен Џонсон Контролс кој веќе влезе и Џонсон Мети кој деновиве ја донесува финалната одлука, во Македонија влегува и хрватски Агрокор, а имаме навестувања и од словенечки, германски, турски компании. Меѓутоа, бизнис-етиката налага с¢ додека тие инвестиции не станат реалност, да не се разговара за тоа. Многу значајно е и македонските компании да сфатат дека економските политики кои ги промовираме даваат можност за поголеми инвестиции. Нивните инвестиции ни значат уште повеќе. Во тој дел сакам да кажам дека наскоро планираме турнеја и низ Македонија каде што на највисоко ниво ќе разговараме со инвеститорите од разни градови за тоа какви се нивните намери и што ние, како држава и Влада, можеме да направиме за да тие ги реализираат своите инвестиции. Сакаме и нив целосно да ги вклучиме во овие напори за отпочнување инвестициски циклус, затоа што само преку вклучување на домашните потенцијали тој циклус може да биде успешен.

 

Ги имаат ли македонските компании истите услови за влез во индустриско-технолошките зони?
Од аспект на закон, тоа не е ограничено, меѓутоа од аспект на политика засега преференциите се кон странските инвеститори, кои се со повисоко ниво на технологија. Тоа не значи дека таа политика ќе важи и за во иднина. Ние сакаме Македонија да стане дестинација за странски инвеститори, кои ќе ги повлечат напред и домашните компании.

 

Последниот податок за падот на индустриското производство повторно ја отвори дискусијата за високиот раст на БДП во првите три месеци. Некои како да чекаа да се објави ваков податок, за да кажат - еве, растот на БДП е нереален.
Веројатно станува збор за еден ген што го имаме во себе, на негирање и минимизирање на успесите. Никој не го дебатираше растот на БДП во регионот, во Србија, Бугарија, Хрватска. Се чини дека луѓето кај нас не се навикнати на успеси, не веруваат дека Македонија може да успее и да биде квалитетна како и други земји во регионот и светот. Податокот е кристално чист, нема повеќе што да се објаснува. Среќен сум што во растот учествуваат сите сектори, што зборува за квалитетот на економскиот раст, не само за квантитетот. И најзначајно е што растат инвестициите за машини и опрема со 11%, што значи дека фирмите се одлучуваат да инвестираат во нешто што понатака повторно ќе носи раст. И голем раст на извозот - 43%. Тоа дава оптимизам дека тој раст може да продолжи и во иднина. Меѓутоа, факт е дека растот во еден квартал не дава можност да се прогнозира каков ќе биде растот во следниот период. Но, воедно, тоа е многу солидна основа за отпочнување инвестициски циклус и економски раст. Ние со сите мерки ќе правиме напори тој раст да опстане. Тоа е успех на приватниот сектор исто колку што е успех и на Владата. Тој го создава растот, а ние само создаваме услови тоа да се случи.

 

Странските експерти велат дека имаме одлични закони, но проблем ни е имплементацијата. Можеби уште посериозен проблем ни се свеста, навиките и начинот на работа. Спроведувањето на проектот регулативна гилотина, кој треба да донесе олеснување за водење бизнис, е добра идеја, но што со вработените во администрацијата кои ќе треба практично да го спроведат тоа? Тие сe уште се робови на старите навики.
Апсолутно се сложувам дека најсериозен проблем е промената на свеста. Тоа е најголемиот предизвик. За тоа е потребно многу работа и лидерство кое ќе ги покаже промените во однесувањето. Различни држави го решаваат тој проблем на различен начин и во различно време. Некои побрзо, некои побавно. Нема унифициран модел. С¢ зависи од културните навики, од сите други фактори кои влијаат врз однесувањето. Значајно е да имаме квалитетно лидерство коешто ќе покаже кои се правилата и нормите во општеството. И тоа постепено ќе почне да се гради и во сите други структури. Ако на лидерско ниво немате здрав менаџмент, не можете да очекувате останатите да се однесуваат поинаку. Останува политичките и другите лидери да наметнат некои нови стандарди на однесување, работа и одговорност. Второто ниво е да ги направите промените во регулаторната област коишто ќе оневозможат да се случува таа бирократија и корупција. Она што регулаторната гилотина очекуваме да го направи е, всушност, да го смали просторот тоа да се случува, преку помал број процедури и сл. На тој начин им се одземаат инструментите тие да бидат бирократизирани.

 

Најавата за формирање Берза на струја, од дел од експертите беше окфалификувана како лош потег. Тие го посочија искуството на Словенија, каде за две години берзата не успеа да профункционира. Плус со формирањето берза, МЕПСО ќе ја изгуби својата позиција за одговорен за набавка на струја, па може да се случи одредени субјекти кои нема да набават струја навреме, да останат без неа.
Струјата е производ како и секој друг и нема причина зошто нејзината понуда и побарувачка да не се формира на берза. Идејата овде не е дали некој ќе изгуби или ќе добие, туку да се направи транспарентен начин на сретнување на понудата и побарувачката, при што сите играчи на пазарот ќе се третираат на ист начин. На МЕПСО нема да му биде ускратена можноста. Тоа што го прави сега, наместо преку тендер, ќе го прави преку берзата. Овој модел нема да произведе промена на цената за домаќинствата, ниту, пак, ќе го наруши пазарот и снабденоста. Регулаторната цена ја утврдува Регулаторната комисија. Значи, системот нема да се наруши.

 

Една од обврските кои ја преземавте во преговорите со ММФ беше и поголема контрола на финансиското работење на јавните претпријатија и акционерски друштва каде сопственик е државата, (какво што е и МЕПСО) кои важат за најголеми загубари. Почнавте ли со тие контроли?
На нив имаме постојан мониторинг. Во тој дел контролата е перманентна, секој месец. Тоа се прави преку надзорните одбори, кои се поставени од Владата.

 

Еден од најатрактивните сектори во земјава е токму енергетскиот. Реални ли се неодамнешните најави на рускиот претседател Путин за инвестирање токму во овој сектор?
Енергијата станува клучен фактор за развој на економијата. И тој аспект - интересот на одредени компании и земји за инвестиции во овој сектор - е сосема разбирлив, затоа што тука ќе има голема побарувачка и профити. Секако Русија е еден од најголемите играчи на овој пазар и нивниот интерес за Македонија е реален. Претстојат голем дел на проекти кои треба да се реализираат во овој сектор во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра, како што се изградбата на гасоводниот систем, малите хидроцентрали, Чебрен и Галиште, ТЕЦ Неготино, Бошков мост... кои треба да се реализираат во период од 4-5 години. Во тој контекст постои интерес од Русија и од други земји. На тендерот за ТЕЦ Неготино, на пример, се пријавија дури 15 европски реномирани компании. Убаво е што постои голем интерес и конкуренција.

 

Една од најбитните работи за странските инвеститори е инфраструктурата внатре и околу земјата. Некои од нашите експерти коментираа дека Владата прави грешка со политиката на враќање на долгови. Според нив, тие пари требаа да се искористат токму за вакви развојни проекти.
Прашањето овде е колкав е вкупниот обем на расходи (инвестиции) кои можете да ги остварите во една година, без да предизвикате инфлација. Го отворивме ова прашање во преговорите со меѓународните финансиски институции и тие беа многу ригидни, во однос на вкупната ликвидност и побарувачката во земјава. И затоа индиректно ние решивме да го спроведеме тоа, односно да ги ставиме тие пари во функција. Значи, индиректно целта сепак е постигната. Со предвременото отплаќање на долговите испративме порака дека сме сериозна земја, дека водиме здрава економска политика и дека има финансиска сила. И второ, направиме заштеди во Буџетот за оваа и за наредните години, кои ни создаваат простор за зголемување на капиталните расходи, односно инвестиции во инфраструктура и сл.