Интервју за "Капитал", 24.10.2007

"Ќе ги промовирам интересите на македонија и регионот"

Позицијата Претседавач со Генералнoто собрание на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во 2008 година е пред се чест за Македонија, која како мала земја добива висока функција. Истовремено, и јас лично чувствувам голема сатисфакција за она што сум го направил во својата работна кариера.

Посебен успех за Македонија е што од 1954 година, ова е прв пат земја од Холандската конституенца на која припаѓа нашата земја, да и се додели оваа значајна позиција. За време на овогодишните средби Македонија беше пофалена за резултатите од економските реформи, квалитетот на политиките и одличната соработка со двете финансиски институции.

Во однос на обврските, како Претседавач ќе имам должност да претседавам со годишните состаноци на пленарните седници, Заедничкиот комитет за платите на извршните директори и нивните заменици (Joint Committee on Remuneration – JCR of Executive Directors and their Alternates), Комитетот за заеднички процедури  и Комитетот за процедури на МИГА (Joint Procedures Committee – JPC and the Multilateral Investment Guarantee Agency Procedures Committee).

Функцијата бара да имам чести посети на Вашингтон на кои и ќе имам средби со Претседателот на Светската банка и Генералниот директор на ММФ, извршните директори на двете институциии, веројатно и средби со Г7 и други групации за да се подготвиме за важниот собир во октомври 2008 година.

Годишното собрание треба да ги оцени работата на ММФ и Светската банка во текот на годината што изминала и да даде правци за развој за наредната. Исто така, ги третира клучните прашања од меѓународните економски односи и финаниските проблеми. На тој начин, јас ќе добијам можност да ги промовирам интересите на Македонија и на регионот, да влијаам онолку колку може на одредени политики на ММФ и Светска банка и преку лични контакти да лобирам и политички и економски за успешна евроатлантска интеграција на Македонија. Високиот профил што ќе го има Македонија на Собранието во 2008 година, каде што присуствуваат преку пет илјади инвеститори, банкари и луѓе од приватниот сектор, овозможува да се слушне за Македонија и нашата земја на некој начин да излезе на површината, да се издвои од другите земји и да биде видена во едно поубаво светло.

Во рамките на мојот нов ангажман претседавам и со некои други комитети на овие институции: Комитетот што одлучува за плати на извршните директори на ММФ и Светска банка и ги разгледува сите работи кои се во врска со платите и останатите бенефиции на извршните директори на Фондот и Банката, како и на нивните заменици и да даде извештај до Бордот на Гувернери со препораки за понатамошни активности; и Комитетот за заедничките процедури и МИГА Комитетот за процедури каде вообичаено се дискутираат прашања и формалности поврзани со активностите од годишните состаноци, како и одредени деловни работи за кои се известува Бордот на гувернери.

Претседавачот заседава со Пленарното собрание, предвидено за октомври 2008, придружуван од Претседателот на Светската банка, Директорот на ММФ и секретарите на Банката и Фондот, го отвора Годишното собрание, презентирајќи ги главните теми на дневниот ред и предизвиците со кои се соочуваат овие 2 највлијателни финансиски институции. По завршувањето на состаноците, Претседавачот дава заклучни забелешки и согледувања.

Претседавачот, заедно со Директорот на ММФ и Претседателот на Светската банка имаат чест да бидат домаќини на свечени настани и приеми за време на годишните средби.