Интервју за "Семеен магазин", Декември 2007

"Приватно со ЗПВРМ Зоран Ставрески"

 

Што беше пресудно, една високо позиционирана личност во највисоките монетарни организации како Вас, да го остави зад себе она за што можеби многумина сонуваат да го постигнат како цел и да се вратите во Македонија како дел од извршната власт?
Соновите на секој од нас, како и целите што си ги поставуваме, се лични и се одраз на многу наши ставови, надежи, верувања и желби. Како и да е, на патот на остварување на една цел понекогаш се појавува друга цел како надополнување на претходната. Некогаш за време на патот откривате дека целта што сте си ја поставиле не ве мотивира веќе како што ве мотивирала. Соновите и целите не се непроменливи.
Верувам дека новата цел што си ја поставив се вклопи во еден поширок мозаик составен од различни сонови на различни луѓе за подобра Македонија. Се вклопува во заедничкиот сон што Македонија го има. Во една моја колумна го поставувам и тоа прашање дали сите сме согласни која е целта што е пред нас? Дали сите се согласуваме дека е неопходно да се подигне севкупното ниво на државата и таа да се направи пристојно место за живеење. Оваа цел можат да се достигне со длабоки реформи и посвететност не само моја, на владата, и на опозицијата, туку и на сите македонски граѓани.

 

Вашите квалитети во сферата на монетарната политика, повторно беа валоризирани со вашето назначување за претседавач на Генералното собрание на ММФ и Светска Банка за 2008 год. Какво е чувството да се биде најдобар меѓу најдобрите.
Не би рекол дека сум најдобар меѓу најдобрите, но секако ме радува признанието од овие високо признати институции. Лично чувствувам голема сатисфакција за она што сум го направил во својата работна кариера. Можеби затоа што знам дека сум избран од професионалци кои многу ги почитувам. Но сепак оваа одговорна позиција, претседавач со Генералнoто собрание на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во 2008 година е чест и за Македонија, која како мала земја добива висока функција. Ова е прв пат од 1954 година, на земја од Холандската конституенца на која припаѓа нашата земја, да и се додели оваа значајна позиција. За време на овогодишните средби Македонија беше пофалена за резултатите од економските реформи и одличната соработка со двете финансиски институции. Затоа и довербата на луѓето од овие институции во еден поширок контекст е поддршка за она што Македонија во моментов го превзема за реализирање на целта, а тоа е подобар живот за сите на овие простори.

 

Вашето долгогодишно пријателство со премиерот Никола Груевски, неодамна го заокруживте со кумовска врска. Ви останува ли време покрај секојдневната професионална комуникација и за семејно дружење, со сега веќе проширеното семејство на премиерот?
Има различни начини на кои луѓето се поврзуваат, преку учење во исто училиште, преку споделување на добро и лошо, преку работата, но и преку чинот на кумството. Почитувајќи ја традицијата на нашиот народ, која вели дека кумот е духовен татко, тоа подразбира моја духовна грижа за Анастасија. Родителите засега се покажаа добри и внимателни, така што нема причина да интервенирам, туку само да уживам во тоа како премиерот и неговата сопруга Боркица учат еден нов јазик, јазикот на Анастасија.
Оваа година преку ритуалот на кумството мојот дом се поврза и со домот од куќата бр.8, Месечина од СОС детското село, каде живее семејството на тетка Лиле. Ова кумство како да ме подготви и потсети каква порака во суштина тоа носи. Нашите заеднички другарувања во изминатиов период со Николина, Љупчо, Венера, Марија, Нина, Славица и Зоки за време на празниците, фестивалите, фудбалските натпревари многу ни значат за целото мое семејство. Вредностите за кои се залагаме со моето семејство за љубов и помагање, чесност, трудољубивост, кои се проверуваат и вежбаат во текот на играта и дружењето меѓу децата. Се радувам на идните заеднички дружења меѓу мојата ќерка Катерина и Анастасија, како и со сите други деца.

 

Севкупните професионални активности Ви оставаат многу малку слободно време за семејството. Како го компензирате своето отсуство од домот.
Навистина, мојот ангажман подразбира целосна посветеност на работата, што носи многу отсуство од дома. Се трудам да внесам некоја идеја во домот што го реновираме, но тука сопругата Антонета го носи најголемиот товар. Искрено, ми недостига моментот што вообичаено им се случува на родителите, да се зачудат кога нивните пријатели ќе им речат: "еј ама пораснало твоето дете". Некако, тоа јас сам си го коментирам, моето дете расте, а при тоа ги пропуштам дилемите и секојдневието што Катерина ги дели. Затоа настојувам времето што го поминувам со неа, да биде квалитетно исполнето, со заедничко уживање и откривање. Интересно е да се види како ги совладува буквите во прво одделение, како бира нови другарчиња, како се снаоѓа и без нашата поддршка, знаејќи дека ние сме тука за неа секогаш.

 

Обврските околу домот ги препуштивте на сопругата или барем кога сте дома знаете да и се најдете од помош? Можеби знаете нешто и да зготвите?
Сакам да верувам дека и се наоѓам од помош, иако во овој период таа е столбот на семејството и куќата. Моите вештини за готвење се сведуваат на базично преживување. Но, помошта не е само во готвењето, се надевам.

 

Љубител сте на некаков спорт?
Многу сакам спорт. И да го практикувам и да го гледам на ТВ. Спортот создава здрави личности, ги јакне и индивидуата и тимскиот дух кај младите. Најмногу сакам фудбал, но следам и многу други спортови. Во Вашингтон имав можност да следам НБА лига во кошарка, секако најмногу се сеќавам на настапите на Мајкл Џордан. Секако, навивам за Македонија и многу ме понесува патриотската атмосфера на натпреварите на кои присуствувам.

 

Многу ретко сте виден низ скопските кафулиња и кафеани. Воопшто не ги посетувате или умеете своите приватни седенки да ги оставите далеку од очите на јавноста.
Сакам приватноста да остане само моја приватност. Секој има право на тоа без оглед колку јавна функција извршува, иако го разбирам и интересот на јавноста. Имам неколку свои места во Скопје каде се чувствувам многу пријатно. Деновиве патувајќи кон Кратово, открив едно прекрасно место покрај еден рибник кај Ранковце. Вреди повторно да се посети.

 

Во мигови на лична сатисфакција и задоволство, што е она што ви ја регенерира животната енергија? Омилена книга, музика, дружење
Уживам во прошетките покрај Вардар или на Водно со Катерина и Антонета, или со пријатели и колеги. Сакам добра музика, како на пример U2, Diana Krall, Norah Јones, или модерна класика од Il Divo и Andrea Boceli. Во младоста, а понекогаш и денес, ги слушам Азра, ЕКВ и Леб и Сол. Сакам и добра филмска музика: "Три бои: плаво" од Kieslowski со Juliette Binoche ми е еден од омилените филмови, а има и одлична музика. "Walk the Line" so Johny Cash има исто одлична музика, а "Big Blue" и "Господарот на прстените" се пак одлични филмови во целина.
Инаку, сонувам да се завалам во некое осамено место надвор од Скопје, читајќи добра книга од автори како Кундера, Калил Џибран, или некоја историска книга. Достоевски ми е омилен меѓу класиците. Многу ми се допаѓа и една малечка книга за индивидуалната слобода, "Галебот Џонатан Ливингстон" од Ричард Бах. Сопругата често коментира околу темата на оваа книга, ха,ха,ха.

 

Важите за претставник во Владата кој исклучително добро се грижи за својот имиџ, сами го креирате или можеби примате и туѓи сугестии.
Пред се водам од идејата добро да се чувствувам во она што го носам, иако имам некои дизајнери кои ги преферирам, како на пример Perry Ellis или Calvin Klein. Не се одлучувам лесно дури ни чорапи кога купувам, освен во исклучителни ситуации кога нешто ептен ми фати око. Понекогаш, но не секогаш, сакам да слушнам туѓо мислење, иако вообичаено преферирам да решавам сам.

 

За политичарите важи тезата дека се исклучително суетни кога се во прашање критики по одредени прашања. До каде сте вие со суетата?
Умешност е да се биде максимално вложен во работата, а критиките и личните навреди да не влијаат на начинот на кој работите во остварување на целта. Потребен е баланс помеѓу вербата во себе, сопствениот инстинкт и цврстина на аргументите за донесената одлука, од една страна, наспроти потребата од тестирање и преиспитување на сопствените ставови и критиките што ги добивате, од друга страна. Сепак, не е лесно кога критиките се голо критизерство, или пак трпите лични навреди.

 

Во јавноста во принцип оставате впечаток на смирена, строга и трпелива личност, која тешко може да се извади од контрола. Таков сте по природа или едноставно професијата Ви налага да ги адаптиравте своите чувства на потребната околност?
Секако тие особини се дел од мојот карактер. Трпението и смиреноста ми помогнале во многу ситуации да го извлечам најдоброто од луѓето, иако било потребно многу за да се дојде до тоа. Воедно, сакам внимателно да ги анализирам луѓето и состојбите, логички да размислам за сите аргументи пред да заземам одреден став. Но затоа откако ќе формирам став, не го менувам така лесно. Некогаш се случува и емотивно да реагирам, но сепак силината на аргументите е тоа што конечно одлучува во однос на моите позиции и постапки.

 

До каде е реализацијата на Вашата минатоновогодишна желба за проширување на семејството
Ех, па не сите новогодишни желби се исполнувааат, нели. А и сеуште не е измината 2007, ха,ха,ха.

Ќе успеете ли барем за новогодишните празници да си дадете оддишка на себеси и на семејството и да заминете на неколкудневен одмор? Каде за Нова година.
Сопругата планира, има неколку опции, меѓу кои и Вашингтон, каде поминавме пет убави години. Но одлуката се уште не е донесена. Го сакам предновогодишниот период и убаво е да се прошета во таа весела забрзаност и атмосфера на купување на мали и големи поклони, кои ги прават луѓето посреќни. Убаво е да знаеш да бидеш среќен заради мали нешта, бидејќи големите се малку во животот.