Интервју за Радио Слободна Европа, 03.02.2008

"Измените на законот за енергетика се однесуваат на енергетскиот пазар во Македонија, а не на ЕЛЕМ, МЕПСО или на ЕВН".

 

Тие ги опфаќаат сите правила на игра и позиционирање на субјектите, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Во тој дел, потенцира Ставрески, имавме поддршка од ЕУ за динамиката на либерализацијата што ја предложивме, тоа да биде постепено, да не дојде до нагло отворање на пазарот што би било на штета на граѓаните или на фирмите во Македонија, посебно на малите претпријатија.
Тој нагласи дека втора работа што Брисел ја прифати е правилото дека сите комерцијални загуби во дистрибутивната мрежа ЕВН треба да ги покрие по пазарни цени, значи да ги снабди со увоз.
Трето, вели Ставрески, она што го модифициравме, значи што Брисел побара да коригираме, а ние се согласивме дека така треба да биде, е да се укине функцијата снабдувач на големо, што значи дека наместо ЕЛЕМ да има функција на снабдувач на големо, ЕЛЕМ и ЕВН директно да склучат билатерален договор за снабдување на тарифните потрошувачи.

- Тоа значи дека ЕЛЕМ ќе биде регистриран производител и истовремено ќе има трговска фирма која ќе ги продава вишоците, посебно ноќните. ЕВН исто така ќе биде регистриран како снабдувач на тарифните потрошувачи и дистрибутер, рече Ставрески, уште еднаш подвлекувајќи оти тоа е решението што оди во конечната верзија на законот за енергетика, што веќе е усогласен со Брисел.

Според вицепремиерот Ставрески, она што се случува во НСДП е нивно интерно прашање.

- Очекувам партијата да најде решенија и да излезе посилна, а ние како коалициски партнер остануваме отворени за разговор доколку има прашања што се однесуваат на внатрешните односи меѓу коалициските партнери. Тоа истото се однесува и на ДПА, рече тој.

Вицепремиерот Ставрески нагласи дека владината коалиција засега функционира добро и овие случувања нема да имаат некакви реперкусии врз вкупното функционирање на владата и на коалицијата.
Говорејќи за можноста од предвремени избори, вицепремиерот вели дека остануваат фокусирани на она што го работат, и оти е потребно многу енергија и време да се реализираат економските и другите проекти што се предвидени за да се подобри животот на граѓаните.
Се друго, нагласува тој, останува во сферите на шпекулациите во јавноста и размислувањата на одредени политички и други структури кои се занимаваат со ова прашање.

- Ние засега работиме на она што им го ветивме на граѓаните, да го оствариме на таков начин како што е ветено, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески во интервјуто за Радио Слободна Европа.