Интервју за "Теа Модерна", 12.03.2008

"Ден на Дрвото"

 

Кампањата засади ја својата иднина веќе интензивно трае, а 12 март го прогласивме за Ден на дрвото. Како и кога се роди идејата за кампањата со ваква масовност и одѕив во јавноста?
Прв пат идејата за ваква акција се роди минатата година, веднаш по пожарите, кои сите не стаписаа. Бројките беа застрашувачки – 35 000 хектари опожарена површина. 9 000 хектари иглолисна шума исчезна за само неколку недели. Подоцна идејата прерасна во вистинска граѓанска иницијатива поддржана од интелектуалци, уметници, граѓански здруженија, Владата, општините, училиштата и воопшто сите граѓани на Република Македонија. Верувам дека на Денот на дрвото 12 март 2008 година, идејата ќе прерасне во вредност дека знаеме да се грижиме за шумите како наше големо национално богатство, но и за нас самите и условите во кои живееме. Воедно грижата за идните генерации ќе ја покажеме токму преку грижа за природата.

 

Кои ви се сознанијата за тоа колку бројката на засадени садници решава сериозни еколошки проблеми?
Тука би нафрлил неколку општо познати факти кои мошне јасно не соочуваат со незаменливата улога на дрвата.

    • Едно дрво произведува кислород потребен за 10 луѓе.
    • 1 хектар шума апсорбира 1 тон јаглерод диоксид годишно.
    • Зелените појаси во градските подрачја значително влијаат на намалување на бучавата и аеро загаденоста.
    • Постоењето на зелени комплекси на сливните подрачја овозможуваат намалување на ерозијата на земјиштето и зачувување на изворите.

Се разбира, зачувувањето на животната средина е континуиран процес кој вклучува многу сегменти освен пошумувањето. Но ова е значаен, би рекол прв сериозен чекор во Република Македонија во насока на подигање на свеста за значењето на заштита на животната средина, прашање на кое во Европа се посветува големо внимание.

 

На какви ефекти се надевате, кои се вашите очекувања?
Пред се очекувам подигање на јавната свест за заштита на животната средина преку лична инволвираност на секој поединец. Еве на пример, освен повозрасните граѓани кои ќе излезат на пошумување на терен, ги вклучивме и децата од училиштата до 4-то одделение, како и дечињата од градинките. Тие симболично ќе посадат дрвца во нивните училишта и градинки. Но, сигурен сум дека тоа долго ќе остане во нивните сеќавања и низ целиот живот ќе ја негуваат љубовта кон природата.
Се надевам, исто така, дека оваа голема акција ќе покаже добра координација на НВО секторот, централната и локалната власт при реализирање на граѓански иницијативи кои не носат партиска обоеност. Сите ние од Иницијативниот одбор и Координативното тело на Владата очекуваме во среда стотици илјади граѓани на 57 локации да засадат над 2.035.000 садници, колку што има жители во Република Македонија.

 

Садењето ќе се спроведе во 30 општини. Што ќе се случува во среда, каков е текот на дневните активности.
Со цел подобра информираност за оваа масовна акција ќе бидат дистрибуирани флаери со точните локации каде ќе се вршат пошумувањата.
Акцијата официјално започнува во 8 часот наутро на 12 март со организиран бесплатен превоз во текот на целиот ден до крајните дестинации и назад.
Во секоја општина постојат координативни тимови со претставници од Иницијативниот одбор, Јавното претпријатие Македонски шуми, министерствата, локалната власт и естрадни уметници. Тие ќе ги однесат учесниците до местото на засадување, ќе им објаснат како треба правилно да се засадат дрвцата и ќе се погрижат за нивно безбедно враќање назад.

 

Како ќе бидат вклучени претставниците на Владата.
Владата безрезервно ја поддржа добрата идеја преку обезбедување на локациите, садниците и неопходната логистиka околу безбедноста и транспортот, како и маркетинг активностите. Секој член на Владата, заменик министер, државен секретар како и секој друг граѓанин, ученик, полицаец или војник, ќе треба да засади дрвце во земјата за да придонесе во акцијата за засадување на 2-та милиони садници. Во процесот на реализацијата на оваа идеја инволвирани беа Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделие, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за образование, Јавното претпријатие Македонски шуми, Центарот за управување со кризи, и други.
Но, сепак ангажирањето на големиот број на естрадни ѕвезди, јавни личности и уметници од самиот почеток на акцијата, со нивната популарност и углед, овозможи акцијата да добие на масовност запазувајќи го непартискиот карактер.

 

Имате ли сознанија за слични кампањи во други земји и кои биле ефектите таму?
Најпозната е акцијата од 70-те години на Кенијката Maathai Wangari која ја предводеше кампањата за засадување на десетици милиони дрва низ цела Африка. Оваа жена, попозната како Дрво –жена е првата Африканка која ја доби Нобеловата награда за мир во 2004 година.
Доколку успееме со оваа човечка акција да ги мотивираме граѓаните на Република Македонија да придонесат за поздрава иднина тогаш можеби Македонија би била иницијатор за слични акции во други земји. Добрите идеи немаат бариери.