Интервју за "Капитал", 16.06.2008

"ТОП 100 извозници на Македонија"

1. Кои мерки и политики Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ планира да ги преземе во текот на својот мандат за да го поттикне извозот и да ја подобри извозната конкурентност на македонските компании?

Почнувајќи од 90-те постои консензус меѓу економистите дека креирањето на динамичен извозен сектор подразбира флексибилна комбинација меѓу пазарните сили и државната интервенција, макро и микро политиките, како и јавно-приватно партнерство. Улогата на Владата е пред се изразена во обезбедување на кохерентност на макроекономските политики и микро-индустриските политики, создавање на поволен амбиент за бизнис и извоз, идентификацијa нa сегментите на глобалните фирми и пазари на кои домашните претпријатија имаат пристап, олеснување на интеграциите на локалните фирми и меѓу локалните фирми и транснационалните компании, како и  промоција нa јавно-приватно партнерство за да се обезбедат поволни услови за потенцијалните извозници, вклучително инфраструктурни и финансиски услови. Во овие рамки, мерките и политиките на Владата се насочени кон задржување на стабилни макроекономски услови и подобрување нa амбиентот за работа на домашните и странските фирми. Согласно нашето  кредо зa економска слобода и развивање на креативниот потенцијал на приватниот сектор, тоа вклучува одржување на умерено ниво на инфлација, стабилен девизен курс на денарот, разумно низок буџетски дефицит, ниски трошоци на фирмите преку ниски и едноставни рамни даноци, намалени придонеси, поедноставена регулатива, влез на странски фирми кои директно и индиректно ќе влијаат врз пораст на извозот како и амбициозна промоција на земјата во современиот глобализиран свет. Преку регулаторната гилотина се преполовија трошоците на фирмите за добивање на дозволи, уверенија и други административни услуги, а воедно драстично сенамалија бирократските процедури кои ги зголемуваа трошоците на домашните фирми. Во следниот период предвидени се уште 50-на нови мерки во сите сегменти значајни за бизнис климата. Тоа опфаќа мерки за побрз проток на стоките на граница, пониски логистички трошоци, полесен пристaп до финансиски средства и други слични мерки. За земјите кои се затворени и немаат пристап на море, како Македонија, брзата и евтина логистичка поддршка на извозот станува клучен фактор на конкурентноста. Пазарот мора да биде снабден брзо и навремено доколку сакате да одржите конкурентна извозна позиција. Затоа, во следниот период ќе посветиме посебно внимание на забрзувањето на протокот на стоки и услуги преку граница преку автоматизација на услугите, креирање на one-stop-shop за царинските услуги, отворање на зелена линија на повеќе царински премини за извозниците наземјоделски производи, намалување на трошоците на терминалите, комбинирање и перманентни услуги. Во соработка со бизнис заедницата, усвоена е Програма за подобрување на конкурентноста на македонските производи и услуги. Тоа опфаќа преземање на мерки за индиректна поддршка на македонските компании и нивната конкурентност со кофинансирање на трошоците за сертификација на системот за квалитет (IЅО, НАССР, EUREPGAP), Интернет- конекција, изработкa на идејно решение за дизајн на производ, надоместување на дел од трошоците за информатичка обука на вработените, итн. Посебно внимание се посветува на организирањето и учеството на бизнис форуми, работилници, тркалезни маси во странство, како и презентација на одделни индустриски гранки на заеднички национални штандови на меѓународните саемски манифестации. Во насока на промоција на македонското производство, Владата ги покрива трошоците за изнајмување на саемски простор, пријавување, приклучок за електрична енергија, вода и уредување на штандот. Обезбедени се средства за изработка и печатење на промотивни материјали како и учество на  ЕХРО Шангај 2010.

Воедно, процесот на брендирање на македонските  производи со извозен потенцијал ќе продолжи и натаму со засилена динамика. Владата посебно внимание посветува на промовирањето и развојот на кластерите како форма на доброволно здружување на фирми од иста бранша заради поголема конкурентност и освојување на странските пазари. Мерките за развој на кластерите се насочени кон развој но човечките ресурси, соработка со универзитетите и нивно вмрежување со бизнис секторот и поддршка за нивно поврзување на регионално ниво, со земјите на ЕУ и на интернационално ниво.

Билатералните и мултилатералните договори за слободна трговија и за трговска и економска соработка се дел од активностите што ги презема Владата за зголемување на надворешно-трговската соработка. Еден од тие договори е ЦЕФТА кој покрај либерализацијата на трговијата со стоки иницира и зголемена соработка меѓу нејзините членки во областа на трговијата со услуги, јавните набавки, инвестициите и заштита на интелектуалната сопственост. Македонија заедно со Хрватска се првите држави кои не се членки на ЕУ, а се приклучија кон програмата за конкурентност и иновации CIP, во чии рамки се промовира јакнењето на секторот на мали и средни претпријатија преку иновации, развој на претприемништво и конкурентски способности.

како што се Џонсон Мети и Џонсон Контролс, значително ќе влијаат врз развојот на домашните фирми како нивни  добавувачи и партнери. Тоа дава сигурност за поволни перспективи на извозот, како директно од страна на тие големи компании, така и индиректно преку интеграција нa локалното производство на бројни мали и средни фирми од Македонија во нивните производствени и трговски мрежи. Тоа воедно ќе помогне да се ублажи технолошкиот јаз кој сега постои меѓу македонските фирми и фирмите од развиениот свет. Би сакал овде до го потенцирам и значењето на расположливоста, цената и квалитетот на работната сила, што е услов и за пораст на конкурентноста на домашните фирми и за повеќе странски директни инвестиции. Во однос на цената, намалувањето на придонесите од плата за една третина е секако најмоќната мерка која ќе ја подобри конкурентноста на македонските фирми. Во однос на квалитетот, вложувањето во менаџмент вештините на претприемачите е една од мерките за развој на човечкиот капитал. Во таа насока е предвиден проектот Топ менaџмент, кој ќе обезбеди практична обука во успешни странски компании на македонските менаџери од малите и средни претпријатија кои пред се извозно ориентирани. Проектот не само што ќе овозможи менаџерите да се стекнат со големо практично искуство, туку и ќе им помогне во градењето на деловни контакти и наоѓањето на партнери за настап на странските пазари. Со политиките во образованието, Владата го поддржува зголемувањето на бројот на студенти воопшто, а посебно во делот на информатичка технологија, технички науки и слично за кои има висока побарувачка. Во делот на земјоделството, субвенциите за периодот од 2008 до 2012 година ќе изнесуваат 460 милиони евра, што заедно со влезот на хрватски Агрокор, израелската Соли и други големи извозно-ориентирани компании значително ќе влијае на модернизација на домашниот агробизнис и промена на извозната структура, од извоз на земјоделски суровини во извоз на финални производи со високо додадена вредност.

 

2. Кои се стратешките индустрии и гранки на Македонија, во кои има или би можело да има конкурентска предност на глобализираниот пазар?

Во услови на глобализирана економија и висок конкурентен притисок, пазарот е најмеродавниот показател за тоа кои сектори, гранки и производи имаат конкурентска предност.

Во основа, за  мала економија  како  македонската, тешко е да се оствари конкурентска предност воопшто, а посебно во индустриските дејности. Поголема шанса за нас е секторот на услуги. Иако е неблагодарно, би ги потенцирал потенцијалите кои ги имаат информатичките услуги, одредени форми на туризам, како што е винскиот туризам ивинската индустрија, раноградинарските производи, органското производство и преработувачката индустрија во смисла на повисоки форми на обработка на  земјоделските  производи.  Огромен  потенцијал во иднина има извозот на делови и компоненти за автомобилската индустрија, каде со влезот на познати странски фирми, Македонија станува високо конкурентна. Текстилните фирми кои работат со повисок сегмент на текстилното производство со повисока додадена вредност исто така имаат потенцијал заради конкурентноста на македонската работна сила.

Секако, се додека се одржува вака висока побарувачка на светско ниво за производите на црната  и обоената металургија, и фирмите од оваа  дејност ќе остваруваат одлични извозни резултати.

 

3. Каква е политиката на Владата во однос на извозните стимулации, кои се повеќе извозници во Македонија ги бараат? Дали може да се очекува некаков вид на финансиска или друга поддршка на извозните компании и во кои сектори и индустрии?

Освен политиките за подобрување на општата бизнис клима, Владата презема индиректни мерки за поддршка  на извозот, утврдени  пред се во  Програмата за подобрување на конкурентноста на македонските производи и Стратегијата за индустриска политика. Директна финансиска поддршка во форма на извозни стимулации, освен што е дискутабилна од аспект на рамката на Светската трговска организација (СТО), во многу земји се покажала како не толку ефикасен начин на поддршка на извозот.

Ниту една земја нема да се откаже од преземање мерки за сузбивање на извозните стимулации. На тој начин ќе се постигнат спротивни резултати, наместо македонските производи да се пробијат на странските пазари, тие ќе бидат помалку конкурентни.  Но, поддршката преку субвенционирањето може да се разгледа во делот на инфраструктурата и намалување на логистичките трошоци,  кои  се од суштинско значење  за  конкурентноста, а не се забранети за субвенционирање согласно меѓународните договори. Од друга страна, во услови на глобализација, засилена конкуренција, зголемена иновативност, софистицирана потрошувачка, цената веќе не е пресуден фактор за освојување на пазарите. Долгорочно, постигнувањето на конкурентност преку ценовна политика секојпат е осудено на неуспех. Квалитетот е клучен за успехот на претпријатијата, како на домашниот, така  и  на странските  пазари.  Токму во таа насока се мерките што Владата што ги презема  и ќе ги спроведе во идниот период, развој на конкурентноста на домашните претпријатија преку т.н софт мерки за зголемување на извозниот потенцијал, постигнување препознатлив квалитет на домашните производи и создавање на македонски брендови.

 

4. Дали Владата планира да отпочне некакви реформи во начинот на работењето на Македонската банка за поддршка на развојот, со оглед на факот што многу извозници се жалат за нејзината неефикасност, во споредба со сличните такви институции во земјите од регионот?

Се согласувам дека ефикасноста на МБПР во одделни програми може да биде подобра и затоа заедно со менаџментот на банката ги разгледуваме можностите за воведување на нови програми или модификација на постојните согласно барањата на бизнис заедницата и искуствата од други земји. Во овој контекст, во подготовка е нов закон за МБПР со проширување на нејзините надлежности, при што серазгледува можноста банката да има овластувања за проектни инвестиции, осигурување на побарувања, како и директно финансирање без користење на деловните банки како посредници. Можноста банката директно да ги пласира средствата би знаела и средства со пониски каматни стапки за крајните корисници и поедноставување на процедурата на одобрување на средства. Долгорочно, сепак финансирањето на сите активности, вклучително и извозните, мора да се потпира на банките и другите финансиски институции.

 

5. Како го објаснувате фактот што податоците за извозот на македонските компании во Македонија има законски третман на службена или деловна тајна? Дали Владата има намера да ги промени овие законски одредби, кои според многумина аналитичари се пречка во градењето на извозниот дух на бизнис секторот?

Податоците за извозот на макро ниво редовно се објавуваат од надлежните институции, додека на ниво на претпријатија Царинската управа ги дава исклучитено по барање и согласност на фирмата ивозник.

Податоците се прибираат од страна на Царинската управа, а методолошки се обработуваат и објавуваат од страна на Заводот за статистика и Народна банка на РМ. Податоците како што се извозната цена, соработници, деловни партнери на фирмата извозник можат многу лесно да бидат предмет на злоупотреба и искористени во насока на создавање на нелојална конкуренција. Токму од таа причина поединечните податоци за фирмите извозници се законски заштитени.