Интервју за Гласот на Америка на Македонски јазик, Вашингтон, 10-ти октомври 2008

Ставрески во Вашингтон лобира за натамошна поддршка на Македонија од Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и САД

Глас на Америка на македонски: Според вашите изјави, глобалната финансиска криза и конкретните можности за зголемување на помошта за Македонија во енерегетскиот и инфраструктурниот сектор биле главни теми на синоќешните средби со првите лица на Светската банка и Меѓународниот монетарен Фонд.  За што, конкретно стана збор?

Зоран Ставрески:  Двете главни теми што ги отворивме со првите луѓе на СБ и ММФ беа реакцијата на глобалата и финансиска криза во светот и поддршката што ММФ и СБ и понатака ќе ја пружаат на Македонија.  Јас ја искористив мојата функција како претседавач на Годишното собрание на овие две институции да ја истакнам потребата Македонија и натаму да добива поддршка од нив во подобрување на бизнис-климата и посебно во инфраструктурата.  Разговаравме прелиминарно за уште поголема поддршка од она што досега го добиваме, посебно во делот на енергетскиот сектор и останатата структура.

Што се однесува до глобалната финансиска криза, факт е дека се работи за криза на доверба, која е и најтешка за решавање.  Се согласивме со претседателот на СБ Роберт Зелик и директорот на ММФ Доминик Штраус-Кан дека е потребна координирана акција, дека треба владите заеднички да учествуваат, како што тоа го направи Европската унија.  Треба да учествуваат ММФ и СБ и треба да се дадат посебни мерки на поддршка за посиромашните земји и за земјите во развој, со цел да ја избегнат подлабоката криза, односно последиците од оваа криза во развиениот свет да не бидат толку пренесени врз земјите во развој.

 

Глас на Америка на македонски:  Вие сте претседавач на Годишното Собрание на СБ и ММФ.  Што значи тоа за Македонија?

Зоран Ставрески:  Мислам дека во основа значи големо признание за реформите што Македобија ги прави.  И` се дава посебно светло на Македонија, повисок профил на земјата.  За подобрување на имиџот на земјата е добро што сите во основа знаат дека Македонија - како една мала земја - доби ретка можност оваа година да претседатава со Годишното собрание на ММФ и СБ.  Се разбира, јас ја користам таа можност да им објаснам на сите дека во Македонија се случуват позитивни работи и дека Македонија е на патот на добивање на членство во ЕУ и НАТО - со сите политички и други околности што се однесуваат на овие прашања – но, дека и на економски план посебно се случуваат позитивни работи – поголем економски раст, и слично.  Сето тоа е една можност пред стотици познати банкари, финансиери, инвеститори и политички влијателни луѓе да се зборува во позитивно светло за Македонија, и тоа е она што Македонија го добива. 

 

Глас на Америка на македонски:  Кои беа акцентите од средбата со специјалниот помошник за национална безбедност на американскиот претседател, Џудит Енсли и со заменикот помошник-државен секретар на САД, Стјуарт Џонс?

Зоран Ставрески:  Тоа беа средби што се континуитет на средбите што македонскиот политички врв ги има со администрацијата во САД, во делот на поддршката што САД ни ја даваат како на земја - кандидат за членство во НАТО.  На некој начин, беа зајакнати тие уверувања дека Македонија и понатаму ќе остане во кругот на земји кои се од интерес за САД - се разбира не изолирано, туку и како регион - со цел да се подобри и да се зголеми севкупната стабилност на регионот.  Во тие рамки, значајно е што Македонија во надворешната политика со прагматични чекори покажува дека придонесува за развојот на регионот во целина, за мирот и стабилноста во регионот и за подобрување на изгледите на Македонија, но и на соседите за членство во ЕУ и НАТО.  Главниот акцент беше - поддржување на напорите на Македонија да изнајде решение во конкретната ситуација околу спорот со Грција за разликите за името, и на тој начин, заедно со вкупните реформи што се случуваат во одбраната, но и во економијата, судството и во другите сегементи што од нивна страна беа истакнати дека се извонредни и дека се забележува значителен прогрес - сето тоа заедно да придонесе за остварување на нашите цели на надворешно-политички план, а тоа е членство во НАТО и ЕУ.