Интервју за Утрински весник, 27.12 2008

ВМРО-ДПМНЕ има кадри за претседател

Господине Ставрески, дали сте задоволен од Вашата работа во Владата?

Одговорот на ова прашање не би требало јас да го дадам. Сметам дека за секој политичар единствено релевантно мислење за квалитетот на неговата работа - е мислењето на граѓаните. Функцијата ја прифатив со голем ентузијазам и се' уште ја доживувам како предизвик. Во изминативе две и пол години вложив се' и на интелектуален и на физички план за мојата работа да остави белег врз економскиот дел од програмата на Владата, за да имаме подобра бизнис- клима, повеќе инвестиции, како и подобро земјоделство. Би сакал да ги издвојам мерките за подобрување на вкупното бизнис-опкружување, кои придонесоа две години по ред Македонија да се најде меѓу најдобрите реформатори во светот: проектот „Регулаторна гилотина“ за намалување на бирократијата, рамниот данок, намалувањето на социјалните придонеси, кредитите за самовработување, Топ-менаџмент, Центар эа менаџерско образование, субвенциите во земјоделството итн. Од овој аспект, задоволен сум што го дадов својот максимум. Сепак, бизнисмените, земјоделците и воопшто граѓаните на Македонија се тие коишто ќе го оценат квалитетот на мојата работа.

Сметате ли дека вицепремиерската функција Ви дава доволен простор за искажување.

Позицијата на вицепремиер, односно заменик-претседател на Владата, има свои предности и предизвици. Од една страна, оваа позиција не е институционално поддржана со сектори и број на луѓе како што е тоа случај во министерствата, а, од друга страна, дава поголем степен на информираност, простор за креативност и можност за влијание врз дизајнирањето и спроведувањето на проектите во повеќе сектори. Тоа, секако, бара знаење, но и поголема флексибилност, разбирање за специфичностите и потребите на министерствата и министрите и, би рекол, трпение за да се најде најсоодветен начин на соработка со секој од нив и заедно во рамките на тимот. Моето работно искуство на повеќе раководни места во земјата и петгодишното работење во Светска банка, како и знаењето стекнато низ работната кариера, многу ми помогнаа во тој процес. Мислам дека успеавме да изградиме хармоничен тим кој спроведува квалитетна економска програма, која како таква е препознаена и во меѓународни рамки.

Со кого во Владата имате најдобра соработка?Владата може да работи успешно само ако функционира тимски. Јас ја координирам работата на неколку министерства, така што е логично што најчесто и најмногу соработувам со министрите за економија, за финансии, земјоделство, транспорт и врски и труд и за социјална политика. Но, и со сите други имам одлична соработка.

Колку сте задоволен од коалицирањето со ДУИ?

Наспроти бројните скептици, новиот состав на Владата во кој стожерите се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, донесе поголема стабилност во функционирањето на извршната власт. Обединувањето на двете политички партии околу Преродбата во 100 чекори како заедничка програмска платформа, заедно со навременото решавање на некои крупни и чувствителни прашања, помогнаа да се оствари висок степен на кохезија во функционирањето на Владата. Првите неколку месеци од нашето работење помогнаа да се воспостави и потребниот степен на доверба, при што умешно и прагматично беа решени неколку чувствителни политички прашања за двете партии, како што е одбележувањето на границата и признавањето на Косово, одложувањето за четири години на примената на Законот эа територијална организација на единиците на локалната самоуправа во делот на Општина Кичево, употребата на албанскиот јазик и изградбата на единствен политички став во рамките на Владата за позицијата на Македонија во спорот со Грција. Тоа не значи дека во иднина нема да има нови политички искушенија кои заеднички ќе треба да се решаваат, но стекнатата доверба ќе помогне да се изнајдат решенија за сите ситуации. Значајно е што постои согласност околу клучните приоритети од програмата на Владата, вклучително и економските приоритети, бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот, децентрализацијата, спроведувањето на Рамковниот договор, инвестициите во образованието и, секако, интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Се подготвувате ли за избори?

Ако мислите на мојата политичка партија, одговорот е потврден, подготовките се започнати, се прават анкети за рејтингот на кандидатите и некои се веќе избрани, изборните тела на партијата се екипираат, се подготвува програмата и концептот за настап. Тоа е логично за сериозна политичка партија која сака да се презентира пред граѓаните со квалитетна програма за работа во следните четири години. Ако, пак, мислите на присуството на министрите, пратениците, директорите на државните агенции и претпријатија од ВМРО-ДПМНЕ меѓу граѓаните, по селата и градовите, би рекол дека тоа е наш стил на работа. Бевме во посети и претходно, ќе одиме повторно. Ги слушаме граѓаните, нивните мислења за нашата работа, нивните совети и критики, нивните сугестии. Несомнено, тоа е поинаков стил од оној што го практикува СДСМ, кој само пред избори ги посетуваше луѓето, па можеби затоа овие наши средби ги изедначува со изборна кампања. Но, ние и колегите од СДСМ дефинитивно сме различни политичари во се', па и во тоа колку често се гледаме со граѓаните и даваме отчет за својата работа.

Не дали партијата се подготвува за избори, туку дали Вие се подготвувате за избори. Ќе бидете ли кандидат на ВМРО-ДПМНЕ эа претседател на државата?

Тоа е прашање за раководните тела на партијата и оној што го номинира кандидатот за претседател. Она што можам да кажам е дека ВМРО-ДПМНЕ има силен кадровски потенцијал за да даде кандидат кој ќе ги исполнува највисоките човечки и професионални стандарди и критериуми за една така висока и значајна функција.

Ако Вие не сте кандидат эа претседател, кому би му дале поддршка за претседателска номинација во ВМРО-ДПМНЕ?

Според мене, поддршката треба да се даде на оној кандидат кој најдобро ги задоволува стандардите и критериумите за кои зборував претходно.