Интервју за Форум, 31.12.2008

Не чекаат сериозни предизвици

Форум: Реакциите на бизнис секторот по донесувањето на владините мерки за елиминација на последиците од светската економска криза беа воглавно негативни. Посебно имаше реакции од најпогодените, металургија и текстил.
Ставрески: Реакциите на бизнис секторот за пакетот од 10-тина мерки за ублажување на последиците од економската криза, не би ги оценил како негативни. Напротив, добивме реакции дека мерките се сеопфатни и се однесуваат и на претпријатијата со потешкотии во работењето и на добростоечките претпријатија. Текстилната индустрија е трудоинтензивна и како таква исклучително чувствителна на цената на работната сила. Намалувањето на стапките на придонеси кое стартува од јануари 2009 година ќе значи значително намалување на трошоците за плати. Ова намалување ќе продолжи и во следните две години, така што текстилците, а и сите останати индустрии ќе имаат натамошно намалување на трошоците што ќе влијае на зголемување на нивната конкурентност. Намалените царини за опрема и машини за металургијата, текстилните предива и ткаенини, како и целосното ослободување од плаќање на данок на нераспределена добивка исто така ќе им помогнат на овие индустриски гранки.

 

Форум: Домашните и меѓународните институции велат дека македонската економија вистински ќе ја почуствува кризата следната година. Коментар и дали веќе се размислува за нови мерки.
Ставрески: Рецесијата во најразвиените светски економии неминовно ќе ги погоди и останатите земји во светот. Пренесувањето на негативните последици се одвива преку два канали - финансискиот и реалниот сектор. Поради стабилноста на банкарскиот систем, Македонија го избегна првиот удар кој се ширеше преку финансиските пазари. Меѓутоа, кога кризата се прошири во реалниот сектор во САД и во ЕУ и македонските компании почнаа да ги чувствуваат последиците. Најверојатно кризата се уште не го достигнала дното, што значи и во наредната година македонската економија ќе се најде пред сериозни предизвици. Мерките кои ги донесе Владата ќе го ублажат тој удар бидејќи ги намалуваат трошоците на претпријатијата и им помагаат да ја пребродат кризата. Во насока на амортизирање на ударот од кризата е и значителното зголемување на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти што донекаде ќе ја компензира намалената побарувачка од странство. Во секој случај, внимателно ги следиме состојбите и подготвени сме за нови мерки доколку се појави потреба.

 

Форум: Кризата во банкарскиот и автомобилскиот бизнис на светско ниво, покажа дека интервенцијата на државата во вакви криза е пожелна и дека е ИН. Дали кај нас се размислува за ваков тип на интервенции и помош.
Ставрески: Очигледно кај нас има погрешна претстава за помошта која ја добиваат некои индустрии во САД и ЕУ. Банките во овие земји претрпеа големи загуби поради лошите пласмани што ги имаа во станбени кредити или во обврзници врз основа на станбени кредити. Поради тоа нивниот капитал се намали под дозволените нивоа пропишани од нивните централни банки. Во услови кога довербата на финансиските пазари е нарушена тие не можеа да најдат инвеститори кои би ги докапитализирале. Затоа, владата на САД и некои влади на ЕУ извршија докапитализација во нивните најголеми и најзагрозени банки, односно купија акции од нив. Во Македонија ниту една банка не е ни приближно во таква ситуација, односно сите имаат капитал над минимално пропишаното ниво, а нивната ликвидност е добра. Што се однесува до автомобилската индустрија во САД, таа е погодена од намалената продажба што креира ликвидносни проблеми. Во услови кога финансискиот пазар не функционира, владата на САД им дава кредити на автомобилските компании. Но, тоа се условени кредити кои компаниите ќе мора да ги вратат. Во Македонија, банкарските кредити се достапни за стопанството. Воедно, работиме на зајакнување на поддршката за стопанството од страна на Македонска банка за поддршка на развојот преку директно кредитирање со пониски каматни стапки и издавање на гаранции за извозно ориентираните фирми кои имаат добри проекти.

 

Форум: Што би им советувале на компаниите за подобро да ја пресретнат кризата?
Ставрески: Во услови на криза вообичаено се намалуваат непродуктивните трошоци, се консолидира производството со цел да се биде поевтин и поконкурентен и да се опстои во услови на намалена побарувачка на пазарот.  

 

Форум: Имаше големи реакции и на големината на буџетот за следната година, а најчестата критика е дека тој е не е развоен и дека нема да ја издржи следната година, пред се поради ефектите врз Македонија од кризата.
Ставрески: Без сомнение буџетот за 2009 година е поставен контрациклично, проразвојно. Делот од буџетот наменет за инвестиции ќе изнесува 480 милиони евра односно, околу 8% од БДП. Колку за споредба во 2006 година за инвестиции беа издвоени 3%. Со високиот износ на јавни инвестиции ќе се ангажираат голем број на домашни компании за изградба на тие проекти, односно ќе и дадеме значителен фискален стимул на македонската економија во функција на ублажување на последиците од светската рецесија. Значителен дел од овие инвестиции се наменети за патната и железничката инфраструктура, енергетиката, станбената иэградба. Само инвестициите во патишта тројно ќе се зголемат, од 60 на 180 милиони евра.

 

Форум: Очекувањата за странски инвестиции. Многу заинтересирани, но ништо конкретно?
Ставрески: Напротив, бројките кажуваат нешто друго. Во 2007 имавме 507 милиони евра странски инвестиции, а во првите девет месеци од 2008 имаме 409 милиони евра. Колку за споредба тоа е за 3-4 пати повеќе отколку просекот во годините пред 2007. Значи, реформите за подобрување на бизнис климата и политиките за поттикнување на странските инвестиции даваат резултати. Што се однесува до странските инвестиции во ТИРЗ, Џонсон Мети ја гради својата фабрика која ќе започне со производство во наредната година. Ние сакаме во ТИРЗ да привлечеме пософистицирани индустрии за кои нема традиција во Македонија. Потребно е многу работа и време за да се привлечат такви компании. Видете го само примерот на Словачка. На почетокот на оваа деценија неколку автомобилски компании почнаа изградба на фабрики таму, а резултатите се видливи во последните две години кога Словачка е најбрзо растечка економија во ЕУ. Покрај Џонсон Мети, веќе имаме неколку сериозни компании со кои потпишавме писма на намери. Секако светската финансиска криза и рецесијата донекаде ќе ги одложат нивните планови. Но, тоа е нешто надвор од нашата моќ. Најзначајно е што ниту една компанија не ја откажа инвестицијата во Македонија. 

 

Форум: Дали владата сериозно размислува за понудениот проект од стопанските комори за изградба на 50 фабрики И дали има средства (10%, колку што се бара од околу 100 милиони евра) за да учествува во таков проект. Коментар И за односот кон домашните инвеститори.
Ставрески: Ние во нашата Програма за работа, предвидовме формирање на индустриски зони во повеќе општини низ Македонија, на слободно државно земјиште. Финансиски ја поддржавме првата индустриска зона во Битола “Жабени“, а подготвени сме да ја поддржиме изградбата на нови индустриски зони. Упативме повик до сите општини што сакаат да подготват проект за индустриска зона во нивната општина и да урбанизираат земјиште за таа намена, а Владата е подготвена да партиципира со висок процент во инфраструктурното уредување. Понудата до општините и градоначалниците останува отворена. Иницијативата дадена од стопанските комори соодветствува на програмските определби на Владата.

Сите мерки што Владата ги презема за подобрување на бизнис климата вклучително регулаторната гилотина, намалувањето на даноците, ослободувањето од оданочување на добивката, намалувањето на социјалните придонеси, намалувањето на царините и дополнителните мерки од пакетот 10-тина мерки, се насочени пред се кон домашните инвеститори. Покрај тоа, ценејќи го придонесот на домашните инвеститори за економијата, воспоставивме редовен дијалог со бизнис заедницата на партнерска основа, во рамки на кој ги анализираме и дискутираме сите мерки и предлози.

 

Форум: Какви се очекувањата за висината на економскиот раст за 2009?
Ставрески: Проекциите на Европската Комисија, Светската банка и Владата засега се движат во распон меѓу 4 и 5.5%. Меѓутоа, во услови кога светската економија се наоѓа во криза која е најголема во последните 80 години и кога работите се менуваат на полошо од месец во месец, од недела во недела, предвидувањата се уште понепредвидливи од вообичаено.

 

Форум: Трговски дефицит. Прогнозите на некои експерти се дека следната година можеби ке стигне и до 3 милјарди долари. Колку се реални тие прогнози и предвидени мерки за негово намалување.
Ставрески: Анализата покажува дека дефицитот во оваа година се зголеми поради скокот на цената на нафтата и високиот увоз на машини и опрема што донекаде беше производ на високите странски инвестиции. Во идната година влегуваме со многу пониски цени на нафтата, а инвестициите на приватниот сектор нема да растат со истата динамика. Идната година може да се очекува намалување  и на извозот и на увозот, а веројатно ќе се намали и трговскиот дефицит.

 

Форум: И покрај кризната година што ни следи, кои според вас ке бидат најатрактивните сектори за инвестирање?
Ставрески: Нашите реформи за подобрување на бизнис климата, регулаторната гилотина и намалувањето на трошоците на фирмите продолжуваат и во наредната година со несмалено темпо. Продолжуваме и со активностите за промоција на Македонија како инвестициона дестинација. Секако, индустријата за автомобилски делови, ИТ секторот, недвижностите и прехранбената индустрија остануваат атрактивни сектори за инвестирање на подолг рок.