Интервју за Нова Македонија, 08.01.2009

Не чека борба за секое работно место

Зоран Ставрески во 2009 година го очекуваат многу предизвици како потпретседател  за економски систем во македонската влада Во справувањето со последиците од светската рецесија, кои прво се почувствуваа во домашната металургија, влезе остро и непопустливо. Како што навлеговме во кризата, неговиот став за економски либерализам полека преминува во економски прагматизам. Во неговото прво годишно интервју разговаравме за неговите очекувања и за неговата моќ да влијае на економските текови во земјава.

Еекономските перформанси во 2009 во голем дел ќе зависат од длабочината и времетраењето на светската економска криза. Затоа е многу тешко да се проектираат макроекономските индикатори. Факт е дека имавме две исклучително добри години во кои економскиот раст за прв пат надмина 5%, бројот на вработени се зголеми за 43 илјади, бројот на невработени се намали за 17 илјади, а странските директни инвестиции се зголемија за 3-4 пати. За жал заради светската криза која има историски димензии, овој позитивен тренд е прекинат и  сега влегуваме во период на сериозни предивици. Намалената побарувачка ќе значи помал извоз, а со тоа и помало производство. Воедно, кризата ќе влијае и врз приливот на странски инвестиции, како и врз домашните инвестиции. Тоа донекаде ќе го надоместиме со зголемени јавни инвестиции и со поддршка на стопанството преку пакетот од десет мерки. Сепак, реално е да се каже дека не очекува година на борба за секое работно место и секоја фирма – вели Зоран Ставрески

 

1. Последниот месец се интензивираа барањата од речиси сите стопански гранки  за „државна„ помош во надминување на проблемите во тековното одржување на производните активности. Дали пакетот мерки што ги предложи Владата се доволно ефикасни за да им помогне на македонските фирми?
Македонската Влада е една од првите во Европа која излезе со пакет мерки за ублажување на последиците од кризата. Мерките се сеопфатни и се однесуваат и на претпријатијата со потешкотии во работењето и на поквалитетните претпријатија. Намалените царини за опрема и репроматеријали за текстилната и металната индустрија, целосното ослободување од плаќање на данок на нераспределена добивка и намалувањето на придонесите од плати, ќе остават преку 100 милиони евра на располагање на претпријатијата. Намалувањето на стапките на придонеси е особено значајно за трудоинтензивните индустрии кои доминираат во македонската економија. За текстилците е многу значајно и ефектуирањето на договорот за дијагонална кумулација со Турција. Предвидените 200 милиони евра за изградба на патишта, станбени згради, енергетски објекти, водоводи, канализации, спортски и културни објекти, целосно ќе ја ангажираат македонската градежната оператива, како и некои други поврзани индустрии. Се разбира, пакетот не е затворен и зависно од развојот на настаните, ќе разгледаме и други мерки, вклучително и мерки кои ги предлагаат бизнисмените преку стопанските комори.

 

2. Вие бевте доста остар кога од големите металуршки компании побараа директни мерки и кога отворено им порачавте да одвојат дел од својот профит за премостување на кризата. Еден месец по ова Бучим е затворен, Фени не работи. Дали при донесувањето на Вашата одлука ги имавте предвид сите негативни последици од ваквиот епилог кој беше предвидлив?
Одлуката беше исправна, а последиците не се последици од одлуката на Владата, туку од одлуката на сопствениците на тие компании. Не може профитот да биде приватен, а загубите да ги покриваат даночните обврзници. Во изминатите неколку години цените на металите беа исклучително високи, а компаниите кои ги спомнувате остваруваа екстра голем профит. И добро е што беше така, што имаа добри услови и остварија профит, бидејќи тоа овозможи инвестиции и работа за работниците и добра стапка на поврат за сопствениците и акционерите. Сега, цената на металите е толку ниска што веројатно предизвикува загуба во овие компании. Но, ако се земат заедно и периодот на високи и периодот на ниски цени ќе се види дека е остварен солиден профит за целиот тој период. Меѓутоа, сопствениците на овие компании одлучиле дека сакаат да го задржат екстра профитот и сега кога работењето е нерентабилно, веднаш го запираат производството. Во пазарна економија тоа е секако нивно легитимно право, но таквото однесување не е општествено одговорно. Можеа барем одредено време да пробаат со други мерки да се спротивстават на кризата, на пример да го смалат бројот на работни часови за да не отпуштат работници, или да искористат дел од профитот за покривање на загубите во овие месеци. Кога би ги задржале работниците сега, загубите би им изнесувале 300-400 илјади евра месечно, а знаете дека едната од двете фирми кои ги спомнавте претходно заработуваше неколку милиони евра месечно. Тоа покажува чија е одговорноста за одлуката и за последиците.

 

3. Зошто не го применивте моделот на другите европски земји кои одобруваат директна финансиска помош на компаниите, кои во нивната економија се стратегиски гранки?
Очигледно кај нас има погрешна претстава за помошта која ја добиваат некои стратешки гранки во другите земји. Ги следам редовно мерките кои ги преземаат земјите од ЕУ и САД и досега не видов случај на давање неповратна помош на тие стратешки гранки. Владата на САД и некои влади на ЕУ извршија докапитализација во нивните најголеми и најзагрозени банки, односно купија акции од нив. Некои банки беа национализирани, во други државата стекна значаен дел. Во Македонија ниту една банка не е ни приближно во таква ситуација, односно сите имаат капитал над минимално пропишаното ниво, а нивната ликвидност е добра. Автомобилската индустрија во САД е во ситуација кога ниедна банка не сака да и одобри кредити. Затоа таа доби од државата условени кредити, кои компаниите ќе мора да ги вратат, а притоа да исполнат неколку услови. Во Македонија, банкарските кредити се достапни за стопанството.

 

4. Бизнис заедницата за Вас вели дека сте многу затворен  и „ некооперативен“ во однос на нивните барања и соработка. Се чувствувате ли моќно?
Морам да признам дека првпат  во овие две и пол години слушам  ваков коментар за себе и мислам ќе ги зачуди сите луѓе со кои се среќавам низ Македонија и секако, сите бизнисмени со кои катадневно соработувам. Најмалку сакам да зборувам за самиот себе. Но заради коментарот во вашето прашање, морам да одговорам дека она што го слушам и јавно и во неврзани разговори - е токму обратно. Важам за човек што и е секогаш на располагање на бизнис заедницата, онолку колку што се максималните физички можности. Истото важи и за Владата: бизнис-заедницата е многу задоволна од нашата отвореност и достапност, како и партнерскиот однос што го негуваме. Што се однесува до моќта, сметам дека најважно за еден политичар е да знае да ја одржи контролата над себе си. Ја с сум свесен за овој предизвик и исто така знам дека илјадници политичари најчесто потклекнуваат пред него. Затоа многу внимавам јас да ја контролирам моќта, а не обратно. Можноста да одлучувам за значајни работи во државата ја сфаќам првенствено како одговорност. Затоа и ја ставам исклучиво во функција на најефикасно исполнување на моите работни задачи.

 

5. Во програмата на Владата се ставаше акцент на привлекување на странските инвеститори. Дали овој концепт ја губи силата и се повеќе се свртувате кон  стимулирање на домашните инвеститори преку реализацијата на проектот на „50 нови фабрики во слободните зони”?
Да нема дилема: нас ни се значајни и домашните и странските инвестиции. Регулаторната гилотина, намалувањето на даночните стапки и придонесите, реформите на катастарот, царината, УЈП, борбата против корупцијата, обуката на менаџери која следува во 2009, се мерки кои подеднакво се однесуваат на домашните и странските инвеститори. Како резултат на подобрувањето на бизнис климата, вкупно во 2007 и 2008 имаме над 1 милјарда евра странски инвестиции. Вкупните инвестиции во основни средства (домашни и странски) реално се зголемени за повеќе од 60%. Тоа покажува дека се зголемуваат и домашните и странските инвестиции. Значи, реформите за подобрување на бизнис климата даваат резултати. Ние нудиме дополнителни бенефиции за странските инвеститори само во ограничени подрачја (економските зони) затоа што сакаме да привлечеме пософистицирани индустрии за кои нема традиција во Македонија. На тој начин сакаме да ја промениме структурата на македонската економија и извозот, во корист на производи со повисока технологија и поголема додадена вредност. Тоа воедно е и најкраткиот начин за надминување на технолошкиот јаз, односно за зголемување на технолошкото ниво на македонските компании, преку нивна соработка со странските компании кои ќе влезат во Македонија. Тоа е win-win ситуација.

 

6. Домашните компании се жалат на превисоката цена на струјата и гасот во Македонија. Дали таа се должи на неефикасноста на енергетските компании кои се уште не можат да се трансформираат?
Веројатно мислите на неколкуте компании т.н. големи потрошувачи, кои од 2008 година почнаа да увезуваат струја и исклучиво заради тоа плаќаат повисока цена. Претходно, тие со години плаќаа повластена цена за струјата (како за онаа која ја добиваа од домашните електроцентрали, така и за струјата која за нив ја увезуваа државните компании), при што разликата паѓаше на товар на буџетот. Тие претпријатија имаа доволно долго повластен статус за да се преструктуираат и подготват за ова што се случи во 2008. Инаку, цената на струјата за граѓаните и останатите компании во Македонија и натаму е пониска од цената во другите земји во регионот. Во однос на гасот, значајно е да се зголеми степенот на искористеност на гасоводот, бидејќи дел од цената ја рефлектира  ниската искористеност. Но има простор да се разгледа и методологијата за утврдување на цената, дали истата кореспондира со меѓународните стандарди и практиката во земјите од регионот.

 

7. Во која економска школа би се ставиле со своите „економски„ убедувања, со оглед на мислењето на експертите дека економската политика што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ има примеси и на популизам?

- Водењето на економијата е исто толку уметност колку што е занает. Впрочем, сведоци сме дека случувањето во светската економија во изминатите месеци срушија многу школски пристапи, па дури и ги доведуваат во прашање основните постулати  на либерализмот, слободната трговија, и функционирањето на пазарот. Истите земји што догматски ги прокламираа слободниот пазар и немешањето на државата во функционирањето на пазарните механизми, денес применуваат масовен државен интервенционизам, национализираат банки и претпријатија. Јас во принцип верувам во економската слобода, во ослободувањето на креативниот потенцијал на претприемачите. Но не се дистанцирам ни од мерки што во одреден временски период отстапуваат од класичните мерки. Најважно е тие мерки да соодветствуваат на нашите на нашите потреби, на нашиот политички , економски и социјален контекст и да се фискално издржливи. Верувам дека економската политика што ја водиме е политика на економски прагматизам.