За економската слобода, 13.07.2007

Првата лекција во учебникот на економистите е дека ресурсите се органичени, а желбите не.....првата лекција во учебникот на политичарите е: заборавете на лекцијата од економистите.

Томас Соул

 

При едно неодамнешно дружење со неколку министри и Премиерот се обидувавме да одговориме на прашањето: зошто Исланд, една студена, дождлива земја со вулкански пејсаж и без поголеми природни ресурси, е една од најбогатите земји во светот според доходот по жител?

Имено, одамна помина времето кога големите земји оставруваа повисоки стапки на економски раст и имаа повисок доход од помалите. Бројни се примерите во последниве две децении во кои мали земји со сиромашни природни ресурси остварија исклучително динамичен економски раст: Ирска, Естонија, сингапур, Луксембург, Хонг-Конг итн. Се поставува прашањето кои се факторите кои влијаеја врз успехот на овие земји и дали има нешто заедничко во нивните стории?

Во основа, нема стандардни рецепти за економски успех. Дури и ако се идентификуваат состојките кои треба да се користат во “економската кујна”, начинот на кој тие ќе се измиксаат, а не ретко и финесите при “месењето на тестото” се решавачки за успешна хемија во кујната. Сепак, еден заеднички именител на сите успешни земји во светот е високиот степен на економска слобода.

Што точно опфаќа економската слобода? Постојат неколку клучни елементи:

  • Индивидуален избор
  • Слободна конкуренција и
  • Заштита на личноста и сопственоста

Пред се, економската слобода подразбира владите да се воздржат од активности и мерки кои претставуваат значително нарушување на правото на избор, личните слободи и конкуренцијата на пазарите на капитал и труд. На пример, економската слобода е поголема кога даноците, регулативата и јавните услуги се така поставени да оставаат поголем простор за избор, конкуренција и доброволна размена.

Естонија, земја која само пред 15-на години беше само една од сиромашните земји кои произлегоа од бившиот СССР, денес е една од најслободните и најдинамични економии во светот. Архитектот на оваа впечатлива трансформација, Март Лаар, потенцира дека успехот е постигнат преку придржување кон учењето на нобеловците Хајек и Фридман. Во основа, успехот се должи на воспоставување на систем во кој функционира правото, постои добра заштита на приватната сопственост и ниско даночно оптоварување со рамни даноци. Остро раскрстувајќи со бирократијата и корупцијата, естонците постигнаа висок степен на транспарентност и финансиска одговорност. Слично е и искуството на Исланд, бивша скандинавска социјалистичка земја со стагнантна економија, која беше трансформирана во економско чудо преку намалување на даноците (на пример корпоративниот данок е намален од 50% на 18%), либерализација на пазарот на работна сила и преструктуирање на финансискиот систем.

Зборувајќи за економската слобода, ние зборуваме и за личната и политичката слобода. За тоа како обичниот човек го поминува обичниот ден, на кој начин заработува за себе и семејството, што прави и што сака да прави во својот живот. Всушност, постои тесна врска меѓу економската слобода и стандардот на живеење на граѓаните, нивната волја да се занимаваат со бизнис и можноста тоа да го прават

Но, економската слобода не подрзбира само слободна волја на избор, туку и што човекот има можност да направи, колку има услови да го реализира она што сака. На пример, дали функционира правниот систем, дали регулативата е поволна за бизнис, дали поединецот може релативно лесно да го реализира сиопствениот креативен потенцијал.

Токму ослободувањето на кретаивниот потенцијал на поединецот е клучот на успехот. Тука, кај моментот ослободување на тој потенцијал, почнува и запира улогата на државата: да идентификува на кој начин и во кои услови тој креативен потенцијал добива шанса да се развие, со кои политики тој ќе може најефикасно да твори и создаде новосоздадена вредност која го зголемува општественото и личното богатство.

И тука е целата умешност на политичкото лидерство и на креаторите на економската политика: како да се постигне оптимален баланс меѓу потребата да се постават правила на игра, без да се наруши слободната волја на избор, конкуренцијата и сопственоста. Како да се постигне индивидуата да има целосна контрола врз својот труд и сопственоста, а притоа теренот за игра да биде израмнет. Со единствена цел оние кои имаат добри идеи, капитал и знаење, да успеат. Без притоа да се нарушува слободната конкуренција на фер основа.

Создавањето на услови за развој на индивидуалниот кретаивен потенцијал е благородна цел. Цел од која зависи дали ќе се создаде поголем доход за поединецот и општеството, дали ќе има повеќе вработени, дали ќе има повеќе среќни лица на улиците.

Затоа економската слобода е основниот постулат во економската програма на Владата на Република Македонија. Затоа што кога зборуваме за ниски рамни даноци, всушност зборуваме за поголема економска слобода. И кога зборуваме за регулаторна гилјотина, зборуваме за поголема економска слобода. Кога зборуваме за влезот на Социете Женерал во банкарството, или за нови мобилни и фиксни оператори во телекомуникациите, зборуваме за поголема конкуренција, а тоа е економска слобода. Исто како и стабилноста на цените, слободниот влезот на нови фирми и слободниот излез (банкротирањето) на неуспешните фирми, исто како и слободата од корупцијата, поголемата лична безбедност, слободната трговија, се што се однесува на слободата на бизнисот.

Конечно, за да човек биде економски слободен, мора да ги земе во свои раце и правото на одлучување, но и одговорноста. Тоа уште повеќе важи за оние кои ја водат земјата.