Регулаторна гиљотина, 27.07.2007

Единствениот спас од бирократијата е нејзината неефикасност
Еуген Ј. МкКарти
 
Ефикасното работење на државната администрација е клучниот фактор за развојот на современите демократски држави. Притоа, ефикасноста рефлектира не само  подобра работа на државните службеници, туку и зголемен капацитет на политичките институции да одржуваат ефективна контрола врз сопствената бирократија.
 
Со процесот на приближување на Македонија кон ЕУ, се зголемува притисокот врз македонските претпријатија за зголемување на нивната конкурентност. На ниво на претпријатија, тоа бара подобрување на ефикасноста на менаџментот, вложување во тренинг и обука на човечкиот потенцијал, како и осовременување на технологијата со нови машини и опрема. Државата може да помогне во однос на последното, што и се направи преку ослободување на фирмите од плаќање на данок на добивка за делот кој ќе се инвестира во нови машини, опрема и технологија. Ова е ударна мерка во комплексот на даночни мерки кои се преземаа во насока на подобрување на конкурентноста на македонските фирми.
 
Сепак, подобрувањето на конкурентноста многу повеќе зависи од општиот амбиент за работење, односно дали правната и регулативна рамка им овозможува на претприемачите полесно да ги реализираат нивните инвестиции. Пазарниот натпревар меѓу фирмите е остар сам по себе и природно сите не можат да се победници: дел од нив ќе успеат, а дел не. Но она што е најважно е државата да им обезбеди рамен терен за игра, односно услови за фер конкуренција  со идеи, капитал и знаење. Тоа може да се направи преку подобра и поедноставна регулатива и подобар квалитет на јавните услуги.
 
Квалитетот и брзината на обезбедување на јавните услуги од страна на државната администрација треба да  одговара на потребите на современата пазарна економија, која бара брз, квалитетен и евтин јавен сервис во функција на граѓаните и бизнисот. Денешното темпо на живот и работа е толку брзо што секоја загубена минута пред шалтерите значи загуба на драгоцено време и пари. А токму времето во современиот начин на живеење е најскапиот фактор.
 
На подолг рок, промената на квалитетот на јавните услуги подразбира промена на свеста на администрацијата, односно на старата матрица на однесување. Тоа е исклучително значаен, но несомнено долгорочен процес кој претставува голем предизвик за секоја власт. На пократок рок, потребни се механизми преку кои се скратуваат можностите на бирократите да се однесуваат бирократски.
 
Токму во насока на борба против непотребните формалности и прописи, на почетокот од оваа година почна да се применува проектот Регулаторна гиљотина. Тоа е иновативен реформски инструмент применуван со успех во неколку земји во светот, како што се Унгарија, Мексико и Ј. Кореја. Европските земји преземаа слични проекти: Австрија во април 2007 донесе одлука за намалување на административните бариери за 25%, а слични проекти се реализираат во Данска, Полска, Ирска и В. Британија. Неодамна ЕУ донесе одлука за законодавна гиљотина слична на македонската, со цел до 2012 да се намали оптоварувањето на компаниите за 25%. Се проценува дека овој проект ќе го зголеми економскиот раст за 1,5%,  односно ќе заштеди околу 150 милијарди евра.
 
Регулаторната гиљотина е еден од најзначајните реформски проекти за подобрување на квалитетот на јавните услуги и општата бизнис клима во Македонија, како и во борбата против бирократијата и корупцијата. Целта на овој проект е на бизнисмените да им обезбеди поедноставен амбиент за работа, а на граѓаните полесно и попријатно искуство во контактите со државната администрација. Тоа ќе се оствари преку елиминирање и поедноставување на административните процедури кои го обременуваат работењето на фирмите и секојдневието на граѓаните.
 
Проектот опфаќа три фази: во првата фаза беше направен инвентар на прописи кои се предмет на разгледување во рамките на овој проект, при што беа опфатени околу 2.100 нормативни акти (закони, уредби, правилници итн.). Во оваа фаза државните институции доставија свои предлози за намалување на административните процедури. Истовремено, сите на кои се однесува овој проект – пред се домашните и странските бизнисмени и граѓаните, беа повикани да достават сопствени предлози. За прв пат тие добија можност активно да влијаат врз условите за живот и работа, самите да се вклучат во борбата против бирократијата и корупцијата.
 
Одговорот на граѓаните и бизнисмените беше извонреден. Во преку 900 предлози тие ги изразија своите идеи за тоа кои формалности можат да бидат укинати или поедноставени. Врз основа на собраните предлози, Владата  предложи прв сет од 50-на мерки, групирани во неколку категории: првата категорија опфати намалување на тарифите за 50% кај Катастарот, Централниот Регистар, Бирото за Метрологија, Институтот за акредитација, Царинска Управа итн.; втората категорија го воведе правилото "молчењето е одобрување" кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да им одговара на граѓаните и бизнисмените во предвидениот рок - доколку тоа не се направи, се смета дека одговорот е позитивен; во третата категорија се опфатени предлози за поедноставување на процедурата на добивање на дозволи и уверенија за градба, што ќе донесе повеќе ред и побрза постапка во процесот на градење; во четвртата категорија се опфатени мерки за намалување на бројот на процедури за регистрација на земјоделците за добивање на субвенции, социјална помош и сл.; и во последната категорија се предлози за скратување на рокови за добивање на лични документи, уверенија и сл. Проектот во следните неколку месеци ќе продолжи со доставување на нови предлози во иста насока, со цел до крајот на октомври неколку стотици формалности да бидат опфатени со ножиците на регулаторната гиљотина. Тоа значајно ќе ја намали бирократијата и корупцијата и ќе создаде попријатни услови за граѓаните и инвеститорите, со позитивен ефект врз економската активност.
 
Мотивите на бирократијата во секоја земја се различни од мотивите на граѓаните и бизнисмените. Бирократите сакаат да се покоруваме на нивните правила без воопшто да се размислува за нивната рационалност и потреба. Тие се единствено заинтересирани да се следат правилата кои ги поставуваат, без да се доведуваат во прашање истите. Бирократијата е против креативните идеи и процеси кои се неопходни за прогрес на човештвото. Таа е против слободата на размислување и однесување на граѓаните. Против индивидуалниот успех и слобода, вклучително финансиска слобода, слобода на определување на времето поминато на работа и со семејството. Бирократите преферираат конформизам, а го мразат индивидуалниот диверзитет и креативност. 
 
Токму затоа, потребна е гиљотина на бирократијата. Време е за економска слобода и индивидуална креативност. Време е за бизнискратија наместо бирократија.