Сакаш да ја смениш перцепцијата?, 02.08.2007

Тоа е барем едноставно. Смени ја реалноста.

 

Деновиве прочитав дека за да инвестира во Чешка, Хјундаи оваа година ќе добие помош од чешката влада во износ од 32 милиони евра. Во периодот до 2013, вкупната државна помош за инвестицијата на Хјундаи ќе изнесува 160 милиони евра, со кои ќе се финансира изградбата на фабриката, отварање на нови работни места и даночни олеснувања. Целта не ми е да истакнам дека износот на државна поддршка за наведената инвестиција во Чешка е  20 пати повисок од оној кој се издвои за Џонсон Контролс во Македонија. Позначајно е да се потенцира димензијата на конкуренцијата. Конкурентската борба меѓу земјите станува исклучително остра. А оној кој сака да победи во таков остар натпревар, мора да има добра тактика, но и агресивен и амбициозен настап.

 

Македонската влада буквално од првиот ден на својот мандат ги стави инвестициите во фокусот на својата економска и политичка агенда.  Во таа насока, создадена е уникатна институционална структура која ја рефлектира посветеноста кон оваа цел. Клучниот столб во таа структура е Агенцијата за странски инвестиции, како централна платформа за промоција на инвестициите, размена на информации и давање на сите услуги на инвеститорите. Зајакнувањето на буџетот на агенцијата што овозможи нејзиното кадровско екипирање со млади и умни професионалци, е најсилен доказ за сериозноста  за нејзино стратешко позиционирање. Привлекувањето на инвестиции е несомнено тимска работа. Во таа ансока, кохезијата на агенцијата и двајцата министри задолжени за странски инвестиции, е од исклучително значење. Искуствата од Македонија и од други земји покажуваат дека исто толку е значајна и деполитизацијата на самата агенција за привлекување на инвестиции. Во таа насока, почнувајќи од 2008, агенцијата ќе добие целосна независност преку сопствен буџет кој и во иднина ќе се зголемува.

 

Третиот сегмент во институционалниот аранжман за привелкување на странски инвестиции е Тимот Македонија, кој ги вклучува Премиерот, сите економски министри,  двајцата министри задолжени за странски инвестиции и директорот на агенцијата за странски инвестиции. Во основа, се работи за високопрофилиран тим кој преку серија маркетиншки настапи во десетици земји во светот ќе ги презентира компаративните предности на Македонија како дестинација за инвестиции.

 

Но кои се тие предности?  Зошто некој би инвестирал во земја која за разлика од некои други во соседството, нема голем домашен пазар, ниту значајни природни ресурси? Каква беше воопшто перцепцијата за Македонија кај инвеститорите и каква е денес?

 

Мора да се биде реален: перцепцијата за Македонија како инвестициона дестинација беше неповолна, што се одрази врз многу ниското ниво на странски инвестиции. Тоа е производ на најлошата можна комбинација од: а/ непрепознавање на земјата и б/ негативна перцепција базирана врз информациите за трговски блокади, конфликти, корупција итн. Како и да е, тоа секако не е слика за Македонија со која се помирува новата, млада и амбициозна генерација на македонски политичари.

 

Едно старо правило вели "ако сакаш да ја смениш перцепцијата, смени ја реалноста". Водени од ова правило, креаторите на економската политика пристапија кон промена на реалноста. А тоа е можно само преку напорна работа за реализација на комплексни реформи и мерки во областа на даноците,  катастарот, царината, образованието, инфраструктурата, надополнети со ефикасна борба против бирократијата и корупцијата. Сите овие активности се потребни за подобрување на бизнис климата, и конкурентноста на фирмите, што е услов за поголема економска слобода и подобри економски резултати.

 

Непознавањето на Македонија од страна на инвеститорите, беше исто така наша, македонска грешка. Последица на отсуството на комуникациска стратегија, па и елементарно чувство за промоција на сопствената земја. Промоција која значи многу повеќе отколку милионите евра странски инвестиции.

 

Современиот пристап кон промоција и привлекување на инвеститорите вклучува агресивен, но добро таргетиран маркетинг и брендирање на земјата. Имено, откако ќе се постигне соодветен прогрес во промената на реалноста,  потребно е тоа да се искомуницира со светот, кој е преокупиран со илјадници други, сопствени прашања и проблеми. Крајно време беше да се промовира брендот Македонија.

 

Како и се друго, ефективното брендирање бара соодветни подготовки, анализи и планирање. Така и се пристапи кон подготвка на првата фаза од кампањата за промоција на Македонија, која одеше во сите најпознати светски весници. Кампања со која Македонија во светот на инвеститорите почна да се перцепира како сериозен играч. Во втората фаза која ќе започне во септември, ќе бидат искористени искуствата и придобивките од првата фаза со цел да се постигне пофокусиран и поспецијализиран ефект.

 

Промената на негативната перцепција за Македонија секако не може да се случи преку ноќ. Но, таа може да се промени со упорност и знаење. Ефектите од кампањите во светските медиуми, како и од посетите на Тимот Македонија, постепено почнуваат да даваат резултати, изразени во поголем интерес на инвеститорите и препознатливост на Македонија како дестинација за инвестиции. Веројатно  политичките конкуренти нема да се сложат со претходната констатација. Сепак, би било убаво да се сложиме барем околу тоа дека како резултат на кампањите и посетите на тимот Македонија, денес десетици илјади европски граѓани, политички и верски лидери, креатори на јавното мислење и многу други, ја препознаваат земјата Македонија по идеи и проекти кои асоцираат на динамизам, прогресивност, економска слобода и  креативност.