Енергизирање на Македонија, 09.08.2007

Дваесетина години по завршувањето на студената војна, многумина предвидуваа крај на биполарниот светски поредок и негова замена со унилатерализам во кој САД ќе имаат воена, политичка и економска супремација. Малкумина тогаш имаа визија да предвидат дека биполаризмот во модифицирана форма ќе биде актуелен и денес, а и во догледна иднина. Тоа секако не се должи на задржување на воената моќ од страна на Русија, бидејќи таа очигледно е на страната на САД. Она што денес и овозможува на Русија да и парира на политичката и економска доминација на САД и ЕУ, е всушност новото и многу моќно оружје на 21-от век – енергијата.
 
Во денешниот свет, енергијата прераснува во најзначаен фактор на економскиот развој. Таа воедно претставува и моќен инструмент за остварување на политичките интереси. Тенковите и ракетите од минатиот век, денес се заменети со  црното злато и природниот гас како фактори кои го детерминираат распоредот на силите во современиот светски поредок. Токму изобилното богатство со енергетски ресурси и поволната светска конјуктура со историски највисоки цени, и овозможија на Русија да оствари импресивни економски резултати проследени со политички come back на големиот енергетски џин.
 
Енергијата е несомнено економски фактор број еден и на Балканот, каде освен Бугарија, Романија и Република Српска, сите други се соочуваат со сериозен енергетски дефицит. Долгогодишната пасивност на релевантните политички структури кон прашањљето на изградба на нови капацитети, заедно со затварањето на нуклеарниот реактор Козлодуј во соседна Бугарија, ја доведе и Македонија пред сериозни енергетски предизвици. Многумина сеуште како да не ја сфаќаат сериозноста на ова прашање и потребата од итна реакција, па сеуште заговараат дебатирања, изработки на нови долгорочни стратегии итн.
 
Стратешкиот пристап е секако значаен кога станува збор за стратешки важен производ. Но пристапот не смее да биде како досега "lot of talk, no action", пристап кој всушност не остави денес со тони хартиени планови, а со малку киловати произведена енергија. Затоа, првиот и основен елемент на секоја енергетска стратегија мора да биде изградба на нови капацитети со кои ќе се зголеми производството од домашни извори. Тоа е најважниот чекор од кој зависи енергетската иднина на Македонија.
 
Токму поаѓајќи од овој постулат, Владата во изминативе 12 месеци го направи она што максимално може да се направи во еден така краток временски период - ги активираше сите можни начини за зголемување на производството на електрична енергија во земјата. Тоа вклучува:

  1. 1.      Хидроелектрани - изградба на нови хидроелектрани како најефтин извор на енергија. Дваесетгодишната приказна за Чебрен и Галиште влегува во фаза на завршен расплет - избор на најповолен инвеститор во последниот квартал од 2007 година. Објавен е меѓународен јавен повик за интерес за изградба на хидроцентралата Бошков Мост. Избрани се инвеститори за првите 40-на мали хидроелектрани, веќе е објавен тендер за 27 нови, а следува тендер за уште 50-60 нови мини хидроелектрани;
  2. 2.      Термоелектрани ­– инвестиција во ТЕЦ Неготино со која капацитетот за производство на електрична енергија ќе се зголеми за 3-4 пати во однос на постојниот;
  3. 3.      Гас – врвен приоритет во стратегијата има изградбата на гасоводниот систем кој ќе овозможи приклучување кон гас на населението и претпријатијата. Договорот со Русија за затварање на клириншкиот долг преку изградба на гасоводниот систем, за кој со години се дебатираше и се испреплетуваа политичките интереси на сметка на интересите на граѓаните и фирмите, ќе се потпише за неполн месец, во септември оваа година. Во текот на истиот месец ќе биде објавен и тендер за изградба на нова комбинирана гасна топлана-енергана;
  4. 4.      Изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи и еколошки чисти ресурси како што се ветер, биодизел, соларна енергија итн. Првата биодизел фабрика е веќе активна, а следуваат нови инвестиции во сите наведени области.
  5. 5.      Итна изградба на трите далноводи кон Бугарија, Србија и Албанија, што заедно со неодамна комплетираниот далновод кон Грција, ќе го заокружи енергетскиот прстен околу Македонија. Тоа е значајно не само заради вкупната енергетска стабилност, туку и за потенцијален извоз и трансфер на електрична енергија преку и од Македонија во други држави.

 
Тоа е тоа. Тоа е сржта на енергетската стратегија. Едноставна и прагматична стратегија сублимирана во два збора: инвестиции и диверзификација. Моделот на пазарот несомнено ќе  се модифицира во согласност со европските спогодби и директиви, но лајтмотивот секогаш треба да биде тој: зголемување на домашното производство преку нови инвестиции, вклучувајќи и државни капитални инвестиции. Тоа вклучува и реинвестирање на средствата добиени од приватизација на поскапите објекти во нови, поекономични проекти. Основните цели кои треба да се ост остварат се многу амбициозни, но и остварливи: прво, Македонија да го задржи својот енергетскиот суверенитет и второ, пет години од денес, во 2012, да биде нето извозник на електрична енергија.
 
А тоа е голема работа. Тоа е огромна работа за Македонија, за сите идни генерации. Значајно не само од економски, туку и од политички и безбедносен аспект. Тоа ќе ја направи Македонија економски поразвиена и поконкурентна, а политички постабилна и пореспектирана земја. Проектите што се започнаа за да се остварат овие долгорочни цели, се всушност и првите конкретни проекти со кои конечно ќе се валоризира поволната географска положба на Македонија, повторно, многу повеќе повторувана максима во учебниците по географија, отколку што во пракса е направено нешто во таа насока.
 
Иднината не се чека пасивно, таа се создава. Потребно е да ја зграпчиме, осмислиме и изградиме. Потребно е енергизирање на македонските граѓани и на Македонија.