Четири букви, една одлука и многу судбини, 31.08.2007

Имам еден добар пријател кој е голем мераклија на "марки". Посебно е "хипнотизиран" од една што тој ја нарекува "со четири букви", или БОСС. Што и да е, да се купи нешто што ги има четирите букви од овој светски реномиран бренд.  Имам еден друг близок пријател, кој пак има поинаков стил. Стил кој можеби не е секогаш усогласен со модните трендови, но е специфичен и го прави препознатлив. Марката не му е битна, па често купува одела од не толку познати компании, како и од домашни фирми Конечно, имам една добра пријателка која многу сака добри модни "парчиња", но сака и да "штеди". Па толку успешно го комбинира двете работи што ем често оди на шопинг, ем секогаш си купува по нешто од светските марки, ем заштедува големи суми пари. И тоа колку повеќе купува, повеќе "штеди", бидејќи нели многу од тоа што купува е на добар попуст.  Ако нешто оригинално чини 200 евра, а е на 50% попуст, таа "заштедува" 100 евра, што е доволно да си купи уште нешто. И така пропорционално со купувањето, растат и заштедите. Се разбира и профитите на текстилните и трговските фирми чија облека ја носи.

 

Психолошката димензија на овие примери соодветствува на психологијата на одлучување на милиони потрошувачи во светот. Вечната тенденција да се "погоди нервот" на милиони потрошувачи со милиони различни вкусови, лични стилови и финансиски можности,  ја покажува комплексноста и предизвиците на текстилната индустрија. Тие се посебно изразени со глобализацијата, која дополнително ја изострува немилосрдната конкурентска борба во оваа дејност.

 

Во последните 15 години се случија сериозни структурни промени во развојот на текстилната индустрија во светот, а и во македонски рамки. Најзабележлив тренд е оној во индустријата за облека, каде што над 95% од производството, посебно пасивното оплеменување на тнр. лон работи, се  префрли во земји со ниски трошоци на работната сила. Западноевропските текстилни фирми своето знаење и средства ги концентрираат на создавање на колекции,  маркетинг активности и логистика. За разлика од конфекцијата и облеката, трендот во примарната текстилна индустрија која е капитално интензивна, е поинаков. Преместувањето на производството во овој сегмент е поретко и главно се должи на стратешки и други слични фактори.

 

На страна на пласманот, текстилните фирми се соочуваат со сериозен проблем на стагнација на побарувачката, се поголема пребирливост на потрошувачите и перменентен проблем на нередовни куповни налози, кои предизвикуваат сезонски осцилации во производството и ликвидноста. Само форми со константна побарувачка, како што впрочем е БОСС, можат да си дозволат поризични инвестиции, бидејќи имаат можност за подолгорочни договори и преддоговори за продажба. 

 

Македонската текстилна индустрија која има 50 годишна традиција, пред започнувањето на транзицијата беше еден од столбовите на лесната индустрија. Посебно во пасивните лон работи, македонските текстилни фирми имаа добра репутација кај западноевропските комитенти, важејќи за едни од најквалитетните во регионот. Меѓутоа, конфликтите во регионот резултираа со нарушување на традиционалните деловни односи меѓу македонските текстилни фирми и нивните партнери од Европа. Во изминатите десетина години, многу од нив изгубија чекор во технолошката подготвеност да одговорат на современите производствени барања, а значајно се намали и трансферот на знаење од европските партнери. Фирмите најчесто добиваа нарачки за производи кои не се прифатливи за други земји, а производствените серии беа се помали. 

 

Во последно време, сепак трендовите стануваат поповолни. Приливот на странски инвестиции во текстилната индустрија се зголеми, посебно во јужните и источните делови од Македонија. Тие апсорбираат голем дел од расположливата работна сила, посебно кај жените. Лонот полека, но сигурно отстапува место на повисоките форми на производство за посебни потреби. Сепак, фирмите се соочуваат со сериозен предизвик во напорите за пласман на сопствените производи на европските пазари. Имено, заради недостаток на производство на модерни и квалитетни суровини, пред се предиво и потребните хемикалии, тие се увезуваат, главно од Турција.

 

Во овој контекст, една неодамнешна одлука на Владата која неправедно помина без поголем публицитет, е од исклучително големо значење за развојот на македонската текстилна индустрија. По неколкумесечни преговори со Европската Комисија, Република Македонија прифати измена на Протоколот 4 од Договорот за стабилизација и асоцијација, во насока на прифаќање на Турција во договорот за тнр. дијагонална кумулација. Оваа измена ќе има многу позитивен ефект врз македонското стопанство во целина, а посебно за текстилната индустрија. Имено, досегашниот извоз на текстилни производи во ЕУ во кои се користат репроматеријали од Турција, немаше преференцијален статус. Царината ги правеше македонските производи помалку конкурентни, со директно негативно влијание врз извозот на производи во ЕУ и девизните приливи по оваа основа. Со неодамнешната одлука за воведување на Турција во тнр. дијагонална кумулација, истите производи кои се произведуваат со користење на репроматеријали од Турција и потоа од Македонија се извезуваат во ЕУ, ќе можат да добијат третман на производи со потекло од Република Македонија. Со други зборови, тие ќе имаат преференцијален третман во ЕУ. Тоа ќе овозможи значајно да се зголеми конкурентноста на македонските текстилни фирми, што секако ќе се одрази позитивно врз производството, извозот и развојните перспективи на текстилната индустрија.

 

Воедно, со оваа одлука е исполнето уште едно долгогодишно барање на бизнис асоцијациите во Република Македонија. Барање за кое некои претходни политички структури немаа слух, други немаа знаење, а трети не сакаа да го исполнат заради интересите на некои лоби групи. Вкусовите за облека, како и навиките за купување на трите мои пријатели, се различни. Исто како што не се исти политичарите кои одлучуваат за иднината на македонските фирми и на илјадниците вработени.